Сутерен.мк

Теута Арифи: Ретките судбини се за ретки луѓе

Теута Арифи (Тетово, 1969 година), дипломирала филологија на Приштинскиот универзитет, а магистрирала и докторирала на Филозофскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде е и вонреден професор на катедрата за Албански јазик и литература…

Избрана е за пратеник во Собранието на Македонија во три наврати: октомври 2002-ра, јули 2006-та и јуни 2008-ма. Потпретседател е на Демократската Унија за Интеграција, а била член на истражувачкиот тим од Мировниот институт при универзитетот од Хамбург,  советник во министерството за надворешни работи и директор на одделот за соработка со ОБСЕ и други меѓународни организации, член на бордот на Сорос творено општество, Генерален секретар на Хелсиншкиот комитет во Македонија, советник во Македонската влада… Зборува албански, македонски, турски, англиски, француски, италјански, српско-хрватски… Автор е на голем број на  истражувања и студии, но и на новелата “Седумте магични денови“…

Она што изненадува при средбата со неа е сосема спротивниот изглед од оној, на кој сме навикнати од ТВ преносите на собраниските говори и дебати. Многу понежна физичка појава, понеформално однесување и облекување. Кажува дека најчесто, приватно е во фармерки и патики и особено, кога во парк шетаат со децата, луѓето се обѕрнуваат по неа, не можејќи да се изначудат дека е тоа истата, толку сериозна политичарка.

„ Очигледно дека работите што ги кажуваме го сугерираат и визуелниот впечаток за личноста, а јас најчесто, јавно, зборувам за проблеми. Јас сум и строг професор, па и строга мајка, но никогаш не го повишувам гласот и не важам за  намќор човек. Не ги сакам кавгите. Во принцип сум длабоко либерална “ – вели, Арифи инаку, омажена за адвокатот Шпенд Деваја, со кого е веќе 15 години.

Заедно имаат има две деца – Елза, првооделенка и Илир, кој на 19 октомври (истиот ден, кога е родена и неговата мајка) ќе наполни една година. (Патем, децата ги носат и двете презимиња – Арифи и Деваја.) Не занемарувајќи ги професионалните обврски, ниту семејството всушност, активно водејќи го она што значи “нормално” секојдневие, Арифи веќе 18 месеци ја води борбата со ракот на дојка.

  • Имавте две операции додека бевте бремена, а по породувањето хемотерапија. Сега сте со нов имиџ. Значи ли тоа дека здравствената состојба ви е стабилна или има уште војување со болеста?

– Пред се, среќна сум што и јас и плодот ги издржавме операциите и дека поминаа доста успешно, а хемотерапијата ја одложивме за по породувањето т.е. ја започнавме две недели потоа. Многу ми беше битно да се породам. Сакав што помалку стресови да доживее мојот син. Дента кога тој се роди, ми беше големо олеснување, зашто борбата продолжи само за мене, а не и за детето. Понатаму одев сама. Тежок период беше тоа, тешка зима, со хемотерапија, со мали деца..  Меѓутоа помина, а имам и нова коса. Редовно одам на контроли, до сега е се во ред барем, според резултатите, но секако, се уште сум под терапија и ќе бидам уште неколку години. Моите лекари добро се грижат за мене и се чувствувам добро.

  • Од каде сила да се издржи сето тоа, а згора на се, со уште еден живот во вас?

– Имав сила заради моите деца, вербата во Господ, во пријателите и дека тоа  што треба да се издржи, мора да се издржи и да се продолжи понатаму. Јас сум воспитувана да бидам храбра, да носам одлуки и да се справам потоа со последиците. Не да плачам над судбината, туку да најдам начин неа да ја канализирам на добар тек. Мора да барате начини малку да си дадете храброст понекогаш, малку и  да се тешите. Не е лесно, тоа е баш соочување со она што ние сите како живи луѓе, мораме еден ден да го направиме: со крајот на нашиот живот. При таа „средба“ треба да решите какви чекори ќе превземете. Јас не мислев на крајот, немав време, туку само на следните потези.

  • Нели ризикувавте премногу? Дури и лекарите ви сугерирале да ја прекинете бременоста заради поефикасно справување со карциномот?

– Има работи кои не зависат секогаш од нас. Така и мајчинството. Може да биде желба, но таа не секогаш може да се реализира.. За жал, јас имав таква среќа, првото дете да го добијам после повеќе години обидување, но после тоа, не мислев дека треба да останам само со едно дете, сакав уште едно. Имав една неуспешна бременост после ќерка ми и потоа дојде бременоста со мојот син. Не претпоставував дека нешто лошо може да се случи, зашто секогаш сум се прегледувала редовно, но во четвртиот месец по забременувањето ја открив болеста. Бев блиску до половина пат од породувањето. Во таа фаза веќе почнувате да го чувствувате плодот дека живее. Да одлучите да го одземете тој живот за да живеете вие, мене ми беше неправедно. Животот не го поседуваме ние туку, некој друг. Јас сум и верник и можев да одлучам за мојот живот, но не и за другиот, кој веќе не беше мој. Мислам дека направив добра одлука. Не многу мајки имаат можност да донесат таков избор. Сега, од оваа перспектива гледам дека не сум направила лошо. Немам дилеми. Можеби, ако имаше некаква најава за болеста пред бременоста се ќе се одвиваше поинаку, но јас веќе бев во процес… Впрочем, јас велам, ретките судбини се за ретки луѓе.

  • Јавноста долго време не знаеше што ви се случува…!?

– Па да… Никој не знаеше освен, најтесното семејство и најблиските пријатели. Колегите мислеа дека одам на редовни контроли заради бременоста. По операциите станував веднаш на нозе, продолжував понатаму. Не сакав да се однесувам како болна, да се сожалувам, а уште помалку пак, да ме сожалуваат. Лошото дошло, сега треба да се справиме со тоа. Минатото лето ми беше многу тешко, тоа мора да се признае. Најпрво јас сакав да знам што е тоа, на што сум. Не прифаќав мислења, што евентуално, повеќе би ми се допаднале, а се нереални. Многу ги ценам тие лекари, кои ми кажаа директно за што се работи и какви се прогнозите. Не си дозволив да седнам и да кукам што ме снајде. Не сум од тие што ја колнат темнината туку, сакам да запалам свеќа, за да може да се види што понатаму.

Првичните резултати ги испратив во два центри, во Виена и во Загреб и отприлика, се совпаѓаа мислењата на докторите дека треба веднаш хируршки да се интервенира. Така што, не правев компромиси дали повеќе или помалку, ми беше битно брзо да интеревенирам, да добијам на време, да стигнам до деветиот месец, до породувањето. Тоа беше голема трка со времето. Читав доста, се можно што пишуваше мислам дека прочитав, но никому не кажував дека тоа се случува. Дома цело време бев под перика зашто, не сакав ќерка ми да ме види без коса т.е. да почувствува дека нешто не е во ред. Така што, целиот тој период го поминавме дотерани, средени, како ништо да не се случува. Не сакав Елза да сфати колку ми е тешко, а ми беше. Дури и кога поширок круг на луѓе разбраа за ракот, немаше некоја драма. Имам впечаток дека луѓето ме доживуваат како храбра, па и кога разбраа за болеста, ми се обраќаа како да станува збор за настинка, а не за малигно заболување…

  • Од кого ја имавте најголемата поддршка?

– Ваквите ситуации секако дека заеднички се поминуваат со партнерот така што, од тој аспект имав голема поддршка од него. Иако, мислам дека не оставав многу простор за тешење. Вертикална сум како личност. Сепак, во однос на децата и останатите домашни обврски тој имаше многу битна улога. Меѓутоа, мајка ми би ја ставила не на прво, туку на супер прво место. Тешко е за една мајка да гледа низ што се поминува нејзиното чедо. Дури, ми се чини дека нејзе, некои мои чекори во таа ситуација и изгледаа прерадикални.  Меѓутоа се докажа дека сум во право. Нејзината помош и улога, присутност во текот на породувањето и потоа, беше клучна. Од практични причини, но и како психолошка поддршка. Знаете како, сте се породиле, сте донеле на свет живот и се радувате, а веднаш потоа, морате да одите на хемотерапија…

  • Сите тие болнички интервенции, прегледи, контроли… Не помислувавте некогаш да се откажете?!

– Знаете, Господ на борците им испраќа битки! Јас болеста ја сфатив како уште една битка. Ценев дека децата ми се толку вредни, што треба “малку” да се помачам за нив! Не бев ориентирана да мислам дека ќе се збогувам, дека заминувам од овој свет. Мислам дека во принцип, јас нема така лесно да заминам! Секогаш има две патеки: да седите и да се предадете или да се соочите и борите. Второто е секогаш подобро. Ако ништо друго, на крајот ќе излезете како херој, нели!?

Малигните заболувања создаваат една траурна атмосфера, но не бев подготвена тоа да го “негувам”. Немав време, ниту пак, сакав! Знае болеста да замори и психички и физички. Јас цело време се надевав дека нема да има потреба од хемотерапија. Лекарот ми кажа дека тоа мора да се помине заради сигурност и дека веројатно, најтешкиот дел од тој процес е што ќе ја изгубам косата. Јас му реков не, не, тоа е најдобриот дел! Ќе можам да носам фризури какви што од секогаш сум сакала да носам, а не сум можела да си го дозволам тоа. Така, земав некои пет – шест перики и ги менував постојано. Сега ги дадов на други жени, на кои им се потребни.

  • Планирате ли ова искуство да го споделите и на поинаков начин?

– Колку што можам после ова се обидувам да им помогнам на жените и не само на жените, кои поминуваат низ вакви и слични ситуации. Да ги уверам дека од волјата и храбрењето себе си, користа е најголема. Напорна е болеста,  но не треба да дозволите таа да ве надвладее, да ви го расипе убавиот ден. На пример, се придржувам до здравата исхрана, но не го отфрлам и она што ми е вкусно, си дозволувам мали “луксузи”.

Подготвена сум да формирам една мала фондација за помош на жени со слични проблеми затоа што мислам дека сестринската поддршка е многу битна. Ми се јавуваат жени, ми се доверуваат. Правам и моја, лична терапија од билки. Знаете, ми праќаа разно – разни билки и мешавини и јас сето тоа го користев, зашто мислев дека едно е билката, но важна работа е и таа позитивна енергија на луѓето што ви ги пратиле тие работи. Тие ве мислат, ви посакуваат да оздравите и тоа е многу важно. Ова е тема и за која би пишувала. Впрочем, јас и се сметам себе си за писател по вокација. Така што, еден ден ова искуство ќе го ставам на хартија.

Децата ве прават филозоф

  • На што (ќе) ги учите децата?

– Се обидувам да им поттикнам критичко размислување. Сега кај ќерка ми, а понатаму и кај син ми. Тоа значи, работите што ги гледаат, да ги гледаат секогаш низ  прашања. Не ги сакам догмите. Ги учам на толеранција односно, дека ние постоиме на светот, но на овој свет постојат и други и со нив треба да градиме коректни односи. Учат по малку јазици. Не сакам по секоја цена да направам  најпаметно дете на светот. Нека се изнаиграат првин. Некои педагози велат, да не ги вреднуваме децата секогаш според одговорите што ги добиваме, туку според прашањето што ги поставуваат. Така и јас, им обрнувам особено внимание на прашањата.

  • Што одговарате на она “зошто небото е сино?”

– Да, да… Така прашува Елза. И одговарам дека е затоа што е бескрајно, а таа после пак, прашува, што е бескрајно, па јас велам, бескрајна е љубовта… Човек го прави филозоф болката и начинот на кој се справува со неа. Освен болката, филозоф ве прават децата, нивните прашања. Не сте биле умен додека не сте ги добиле тие прашања. Баш станувате умен. Прво, затоа што треба да најдете одговор за себе, зашто сте заборавиле и второ затоа што треба да одговорите така, за да ве разберат. Не треба да се потценуваат децата и секогаш да се има на ум, дека повеќе учат од делата отколку од зборовите.

Мали мажи во политиката

  • До каде сме со еманципацијата на жената? Се уште ли мора да работиме двојно повеќе од мажите за да ни го признаат успехот?

– Вирџинија Вулф во “Една соба” многу убаво објаснува зошто жените не станаа големи писатели и слично. Таа вели, дека тоа не се случи затоа што тие немаа соба за себе. Не е праведно што на жените овде им треба се уште докажување. Демократските општества им дава право да докажат и да работат она што го сакаат.Образованието е пресудно за еманципацијата, како и економската независност, но и подготвеноста на жената да прави нешто за себе и другите и да превзема одговорност. Да не очекува дека друг некој ќе направи и ќе одлучи за неа. Во принцип, сметам дека овие дваесет години многу работи се променија во однос на еманципацијата и модернизацијата на албанското општество. Универзитетите одиграа голема улога и тоа ќе се потврди во иднина. Фактот дека половината од студентите се жени, дека голем дел од академскиот персонал се жени, доказ е дека работите се промениле на позитивно.

Како патријахален менталитет мислам дека цела Македонија е конзервативна и жените од сите заедници треба да најдат сили заедно да работат, за да имаат подобра законска регулатива, подобри здравствени услуги, подобри социјални услови со градинките, на пример. Тоа треба да е заеднички ангажман затоа што проблемите се заеднички. Искуството покажа дека политичкиот терен не е ни малку лесен  особено, во патријахални средини, како нашава, каде што луѓето или политичките опоненти знаат да ве нападнат и омаловажат само заради тоа што сте женско. Мислам дека со моето достоинствено покажување овие години докажав колку мали мажи има во нашето политичко дејствување штом требаше толку често една жена да им докажува како треба да се биде храбар, како треба да се биде директен, како треба да се кажува вистината понекогаш и во тешки моменти. Сметам дека тоа го направив и поради тоа сум многу среќна. Среќна сум на се поголемиот број на жени во политиката. Среќна сум, ако сум била инспирација само за една жена за да извојува само една битка.

Европската понуда е малите држави да станат големи

  • Каква ни е иднината како држава?

– Голема вредност е да се функционира како мултиетничка држава, што не е лесно, но предизвикот е токму во тоа! Да градиме нешо заедничко што има добри перспективи за сите. Непотребно изгубивме и продолжуваме да губиме време во деблокирањето на процесот на евроинтеграциите. Ние како заедници имаме се уште предрасуди едни кон други, овде на Балканот и токму поради тоа не можеме да ги надминеме без една јасна цел. Мојата борба со болеста беше возење низ еден тунел, што беше многу долг. Меѓутоа, кога на крајот од него имате светло, полесно е патувањето. Мене, тоа светло, таа цел ми беше синот. Истото се однесува и на државната политика.

Доколку ние сфатиме дека светлото на крајот на тунелот се евроинтеграциите и НАТО, ќе можеме полесно и побрзо да го поминеме тој пат. Јас воопшто, воопшто не се согласувам со тие политички претставници кои мислат дека без членство во Европската унија, без таа перспектива, ние ќе се развиеме како држава, ќе станеме демократска земја и мултиетничка. Не, без тоа, нема да не биде. Тоа треба да им стане јасно и на граѓаните. Пристапот дека Европската унија не ни треба е лош и опасен. Тој можеби им ја гали суетата на малите бакански нации, кои сакаат да си останат мали. Европската понуда е малите држави да станат големи.

Треба да бидете свои

  • Кој ве направи ваква каква што сте?

– Работев многу, но никогаш не си велев, дека јас морам да бидам тоа и тоа и, крај! Или пак, да се потресувам премногу, ако некоја амбиција не ми се реализирала. Родителите ми се просветни работници и дома се читаше многу, но и се дебатираше за прочитаното. Татко ми инсистираше на дискусија за секоја книга. Ете, сега секој петок ќерка ми оди во “академијата Арифи” зашто сакам и таа да добие дел од она што го добивме сестрите и јас, од воспитувањето на моите родители. Иако бев женско, моето семејство беше подготвено да ме пушти да го запознам светот и да го почувствувам животот. Ме воспитуваа да бидам храбра и да не се плашам од животот. Дека во принцип треба да бидете свои. А јас сум добар ученик. Затоа и не сакам премногу да се адаптирам. Не дека не знам да правам компромиси, само не сум подготвена да правам компромиси со мојот карактер и моите вредности.

Бранка Д. Најдовска

„Теа модерна“, 2010 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *