Помеѓу другите реперкусии од инвазијата на Путин во Украина, Русија трпи и на полето на спортот и уметноста. Низ светот масовно се откажуваат веќе договорени ангажмани и гостувања на руски ансамбли и поединци, и обратно, закажани настапи на странски изведувачи во Русија. Иако е јасна потребата за притисок врз руските власти, ова го отвора прашањето за колатералните штети по она што би требало да нема граници, националност и политичка припадност – Уметникот!
Кралската опера во Лондон објави дека ја откажува планираната резиденција на московскиот Бољшој, еден од најстарите и најпрестижните балетски ансамбли во светот. Балетот требаше да одржи 21 претстава, во периодот од 26 јули до 14 август.
Минхенската филхармонија се раздели од својот главен диригент, Валериј Гергиев, поради неговата долгорочна поддршка на Путин, која и претходно предизвикувала протести на концерти со кои тој диригирал. Градоначалникот на Минхен, Дитер Ритер, издал ултиматум, велејќи дека Гергиев ќе добие отказ доколку не се произјасни околу дејствата на Путин во следните неколку денови. Бројни негови концерти се веќе откажани, а и Меѓународниот фестивал во Единбург, побратимен град со Киев, каде тој бил почесен претседател, сега бара негова оставка. Гергиев во моментов ја диригира „Пиковата дама“ на Чајковски во миланската Ла Скала, каде минатата недела публиката наводно го пречекала со извици на негодување. Неколку закажани изведби во мај на рускиот оркестар Марински, кои требаше да ги води истиот диригент во Карнеги Хол, се исто така откажани.
Рускиот павиљон на Венецијанското биенале нема да се организира, бидејќи руските уметници и куратори самите се повлекле. И Уметничкиот музеј Гараж, чиј сопственици се олигарските Роман Абрамович и Даша Жукова, самиот ја паузира програмата за да не се соочи со откажувања. Во моментот на затворањето тука беа изложени дела на полскиот уметник Павел Алтмаер, а требаше да следат гостувања на узбечки и германски уметници.
Музејот на Викторија и Алберт во Британија е на мисла како да постапи околу актуелната поставка на бесценетите јајца Фаберже, кои се позајмица од музеи во Русија.
Бендовите Франц Фердинанд и Грин Деј се помеѓу музичарите кои се повлекоа од свирење во Русија. Концертот на Грин Деј беше закажан за 29 мај на московскиот стадион Спартак, кој собира над 45.000 луѓе.
Ворнер Брос, Дизни и Сони ја прекинаа дистрибуцијата на филмови во руските кина. Украинската филмска академија повика на меѓународен бојкот на руската кинематографија, вклучително и на меѓународни фестивали.
На Русија нема да ѝ биде дозволено да учествува и на овогодишниот Евровизиски натпревар, по повик на радиодифузери од повеќе земји, меѓу кои Финска, Норвешка и Холандија за ваквата забрана.
Овој список на откажувања и самооткажувања секако е само почеток…