Сутерен.мк

Јасна Котеска: А сега, нешто сосема лично…

Пред четири години, во 2017, мојот тогашен сопруг не’ остави мене и нашиот малолетен син кој имаше 13 години без вода 8 месеци. Водоводната цевка во кујна едноставно се заглави…

Тогашниот сопруг и јас бевме заедно од 1995-та. Не знам што беше причината, но одеднаш после 25 години заеднички живот рече дека не е негов проблем и едноставно замина во странство. Една недела подоцна од странство ми напиша и-мејл порака дека го напушта нашето семејство од 25 години: мене и нашиот малолетен син.

Никогаш потоа не ја објасни својата постапка, ниту објасни зошто не’ напуштил со обична е-порака. До денес не ја објасни својата постапка. Таа недела кога не’ напушти, отидов на итна операција заради потенцијален рак, докторите ми рекоа операцијата е итна, првиот ден беше прегледот, а следниот ден операцијата.

Отидов сама на операција, со такси, ме оперираа со целосна анестезија, ме разбудија, останав четири часа заради болничкиот протокол, кога ме отпуштија од болница со такси се вратив сама дома. Пред вратата на болницата, додека чекав такси, пишав вибер порака на тогашниот сопруг во странство бидејќи не ми крена телефон. Напишав дека операцијата заврши и дека ме отпуштиле.

На мојата порака одговори без ниеден збор, само на вибер ми пушти линк до сајтот: cancerresearch.uk. Денес немам вибер, го избришав.

Истата недела, мајка ми за која финансиски и физички се грижев над 20 години, ми рече дека штом ме напуштил сопругот, тоа сум го заслужила и додаде дека јас и мојот малолетен син мора да се отселиме од станот во кој живеевме, тоа беше станот на баба ми. Син ми и јас останавме без сите најблиски во една единствена недела. До денес без објаснување.

Во тој период во зградата живееше комшија (се’ уште живее) кој ги злоставува сите станари, а мене ми рече дека ќе ме силува прва прилика кога ќе може. Мојот тогашниот сопруг, истиот кој не’ остави со и-мејл после 25 години заеднички живот, рече дека соседот не е негов проблем…

Четири години и 10-тици психијатри и психолози подоцна, сфатив дека не сум виновна за поведението на најблиските. Јас и син ми се’ уште се обидуваме да ги најдеме најдобрите решенија за да бидеме функционални. Не бидете наивни, не ги игнорирајте симптомите, но не им верувајте ниту на тие што наводно ви мислат добро.

Со години мојот тогашен сопруг се радуваше на сите мои успеси кога можеше да ги презентира пред своите претпоставени, и кога можеше да ги презентира како свои успеси. Првата прилика кога имав потреба од помош, не’ напушти со е-порака.

Четири години подоцна едвај добив развод, лани во декември. Морав да му се заканам за да ми даде развод, не се појави во судот, се појавивме јас, мојата адвокатка и неговиот адвокат. Се’ помина пријателски, сакавме дури да одиме на кафе, но јас немав сили, а адвокатите немаа време.

Судијката ми рече, ве гледам тажна, но не се грижете, вие сега сте добро, а животот продолжува и ќе ви донесе убави работи. И’ благодарам на судијката, на адвокатите и на докторите. Не се сите луѓе секогаш добронаклони, дури ни најблиските.

Чувате го менталното здравје.

(Авторката е македонска писателка, теоретичарка и филозоф. Работи како редовна професорка по книжевност, родови студии и теориска психоанализа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Има објавено 11 книги и преку 200 студии, преведени на 12 јазици.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *