Сутерен.мк

91-ва трансплантација на матка

Успешно е извршена првата трансплантација на матка во Велика Британија, во која жена на 40-годишна возраст, која веќе има две свои деца, на својата помала 34-годишна сестра ѝ „подарила“ матка. Британските медиуми пишуваат дека ова е позитивен развој на настаните за сите жени што го имаат овој проблем.

Жената, која е во брак, страда од редок синдром – неразвиена матка.

Оваа процедура претставува голем напредок за илјадници Британки, кои инаку не би можеле да се остварат како мајки поради овој здравствен проблем. Во комплицираната операција за отстранување на матката од донорот и вградување на нејзината сестра, учествувале два тима и осум хирурзи, кои работеле во соседните оперативни сали.

Иако трансплантацијата траела подолго од планираното, поминала добро и вградената матка е целосно функционална.

За 34-годишната жена што ја добила матката ова е вистински подарок, така што таа ќе се обиде да забремени со своите замрзнати ембриони, бидејќи јајчниците цело време, без оглед на проблемот, произведувале јајце клетки.

Еден од хирурзите кој ја водел трансплантацијата изјавил за „Дејли мејл“ дека има „над 80 отсто“ шанси за успешна бременост.
– Секое бебе што настанало би се родило со царски рез во 37-та недела за да се намали притисокот врз донираната матка – а мајката тогаш има избор да ја задржи матката за уште една бременост или да ја отстрани – објасниле лекарите.

Професор Ричард Смит, консултант гинеколошки хирург во Империјал колеџ хелткер НХС траст, кој бил еден од двајцата водечки хирурзи за револуционерната операција, рекол дека имало емотивни сцени кога медицинскиот тим се состанал со жената и нејзиното семејство набргу откако таа била отпуштена од болница.

„Сите плачевме“, рекол професор Смит.

Неименуваната жена е пресреќна по операцијата и нејзиниот план е да добие две деца со помош на ин витро, пишува „Гардијан“.

– Пациентката е пресреќна. Се надеваме дека ќе добијат не едно, туку две деца. Нејзината матка и јајчниците функционираат совршено и детално ја следиме ситуацијата – изјавила Изабел Куирога, уште еден водечки хирург од Оксфордскиот центар за трансплантација.

Во светот се извршени над 90 трансплантации на матка – во Шведска, Америка, Турција, Кина, Чешка, Бразил, Германија, Србија и Индија, а во најголем број случаи трансплантацијата на матка била од живи донори.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *