Сутерен.мк

Најмногу во македонските домаќинства во 2023-та се јадело леб

Домаќинствата минатата година над половина од домашниот буџет – 51,5 проценти трошеле на храна и пијалаци, од кои најмногу за месо, млечни и житни производи. Сепак, најмногу во домаќинствата се јадело леб – 191,1 кг и компир – 76,3 кг, додека говедско, телешко и јунешко месо – 19,3 и риба – 18,3 килограми. Најмногу се пиеле безалкохолни пијалаци – 170,4 литри и млеко – 88,2 литри.

Над десет проценти од семејниот буџет на домаќинствата одел за режиски трошоци, додека за сообраќај трошеле по околу 16 илјади денар или 5,5 отсто, што е повеќе од тоа што домаќинствата трошеле за здравје, рекреација, култура и образование заедно, покажува Статистичкиот годишник на Република Северна Македонија за 2023 на Државниот завод за статистика.
Во просек секое семејство во 2022 година потрошило 294 117 денари или 4 782 евра. Од нив, најголемиот дел или 96,7 проценти се за лична потрошувачка, додека околу 1,6 отсто или 4 740 денари за штедење, по 2 892 денари или 1 процент за отплата на кредити и заеми и 0,2 отсто или по 580 денари секое семејство трошело како издатоци за стан, куќа и имот.

Над половина од семејниот буџет во 2022 година одел за храна и безалкохолни пијалаци, односно по околу 151 560 денари.
За храна домаќинствата во просек најмногу трошеле за месо – 32 689 денари, потоа за млеко, млечни производи и јајца – 28 850 денари, за производи од жито – 24 453 денари, за зеленчук – 19 027 денари, за овошје – 8 401 денари, за масло и маснотии – 7 111 денари, за шеќер и чоколади – 6 597 денари, други прехранбени производи – 5 580 денари и најмалку за риба – 4 396 денари.

Најмногу се јадело леб – 191 килограм и компир – 76,3 килограми. Во просек на семејната трпеза имало по околу 25 килограми – тестенини и ориз, млеко – 88,2 литри, сирење – 36,3 килограми, 580 јајца, но и чоколади и кекси – 21,5 килограми и шеќер – 25,2 килограми.

Од зеленчук во просек се јадело по 31,8 килограми зелка, 30,2 килограми домати, 29,3 килограми пипер и 17,5 килограми краставици. Грав – 18,4 килограми, а грашок и боранија 0,7 килограми.

Од овошје најмногу се јадело јужно – 64,2 килограми, потоа јаболка – 37,2 килограми и бостан – 25,6 килограми. Грозје – 6,9 килограми, праски и кајсии – 6,6 килограми, круши – 3,1 килограм и цреши и вишни – 1,4 килограми.

Од месо најмногу на домашната трпеза имало живина – 43,8 килограми, потоа свинско – 23,4 килограми, говедско, телешко и јунешко – 19,3 килограми и овчо и јагнешко – 1,2 килограми. Свежа и замрзната риба домаќинствата во просек изеле по 18,3 килограми, а преработки од риба – 2,6 килограми.

За пијалаци и тутун, најголем дел од домашниот буџет одел за тутун – 11 850 денари, потоа за кафе, чај и какао по 4 593 денари, додека за безалкохолни и алкохолни пијалаци се трошеле исто, по 3 447 денари.

Најмногу се пиеле безалкохолни пијалаци – 170,4 литри, а кафе и какао – 8,6 килограми. Од алкохол најмногу пиво – 30 литри, вино – 3,8 литри и жестоки пијалаци – 2 литри.

За облека и обувки 12 320 денари или 4,2 проценти, додека за покуќнина, опрема за куќа и одржување 11 591 денари или 3,9 отсто.

Од семејниот буџет за облека и обувки домаќинствата за облека трошеле по 7 222 денари, додека за обувки (вклучувајќи ги поправките) 5 097 денари.

За лична хигиена во просек домаќинствата трошеле по 14 961 денар.

Најголем дел од семејниот буџет за покуќнина и мебел, се трошел за производи и услуги за одржување на станот – 8 186 денари, потоа за мебел и покривки за под и одржување – 1 008 денари, за садови и прибор – 745 денари, за текстил за домаќинство – 719 денари, за апарати за домаќинство и поправка – 631 и за алати за куќа и градина – 301 денар.

Втора најголема ставка во семејниот буџет или над 10 проценти, домаќинствата трошеле за станарина, вода, електрична енергија, гас и други горива, за што во просек одвојувале по 31 486 денари и трета е сообраќајот со 5,5 проценти или 16 158 денари од домашниот буџет.

Најголем дел од буџетот за домување, вода, електрика и други горива домаќинствата трошеле за огрев и осветление 25 847 денари, додека за комунално-станбени услуги – 3 218 денари и за одржување и поправки на станот – 1 328 денари.

Од семејниот буџет за сообраќај, најголем дел се трошел за делови и гориво за сообраќајни средства – 15 250 денари, а за сообраќајни услуги – 907 денари.

Патнички автомобил имале нешто над половина од домаќинствата – 56,5 проценти, велосипед – 37,3, а мотор – 6 проценти.

Во просек по околу 9 450 денари од семејниот буџет се трошеле за здравје и исто толку за ресторани и хотели. За комуникации домаќинствата од семејниот буџет одвојувале во просек по 7 917 денари или 2,7 отсто, за рекреација и култура по 2 053 денари или 0,7 проценти и за образование само 460 денари или 0,2 проценти.

Од семејниот буџет за здравје, најголем дел бил за лекови и помагала – 7 997 денари, потоа за здравствени услуги – 1 363 денари и за болнички услуги – 66 денари.

За комуникации најмногу се трошеле за телефонски и телеграфски услуги – 7 448 денари и за телефон и факс-апарати – 468 денари. За поштенски услуги 0 денари.

Мобилен телефон имале 87,8 проценти од домаќинствата, телефон – 23,7 отсто, додека персонален компјутер поврзан на интернет – 48,6 проценти.

Од семејниот буџет за рекреација и култура најголем дел одел за средства за рекреација и опрема за градини и миленици – 892 денари, потоа за услуги за култура и рекреација – 571 денар и за весници и книги по 299 денари, додека за аудиовизуелна, фотографска и информатичка опрема – 291 денар.

Најголем дел од семејниот буџет за ресторани и хотели бил за угостителство – 9 069 денари, додека за услуги за сместување – 387 денари.

Од Државниот завод за статистика посочуваат дека податоците се добиени врз основа на статистичкото истражување „Анкета за потрошувачката на домаќинствата”, спроведено во текот на 2022 година. Изборот на 5.040 домаќинства е извршен преку двоетапен стратифициран примерок, при што во првата етапа е извршен избор на пописни кругови од Пописот на населението во 2021 година, а во втората етапа е извршен избор на домаќинствата за анкетирање.

Просечен број членови на анкетираните домаќинства е 3,06, додека во просек вработени биле 1,03 член. Во просек вкупно расположливите средства по анкетирано домаќинство во 2022 година изнесувале – 473.239 денари или 7.694 евра. Најмногу имале мешовитите домаќинства – 814.592 или 13.245 евра, потоа земјоделските – 683.733 или 11.117 евра, а најмалку неземјоделските 433.352 денари или 7.046 евра годишно.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *