За National Geographic, Македонија e скриен бисер на Балканот

Во најновата туристичка анализа посветена на балканскиот регион, престижниот светски магазин National Geographic ја истакнува Македонија како една од највредните, но недоволно откриени дестинации во Европа. Според магазинот, земјата нуди извонредна комбинација од вкусна храна, зачувана природа и богато културно наследство – сето тоа далеку од хаосот на масовниот туризам.

„И покрај забележителните планини, езера и историски знаменитости, Македонија е пријатно ненаметлива и во голема мера не е погодена од масовниот туризам,“ се наведува во текстот, каде што Охрид посебно се издвојува како еден од највпечатливите градови. Старите цркви, прошетките покрај езерото и бродските тури се само дел од автентичната понуда која го воодушевува секој посетител.

Меѓу најголемите откритија за странските патници, списанието ги истакнува руралните региони и националните паркови Маврово и Пелистер, каде што патувањето станува доживување – со спонтани застанувања кај селски таверни и тезги со домашни производи.

Особено внимание му е посветено на гастрономскиот идентитет на Македонија. Кујната е опишана како „разновидна и послободна во користење зачини“ од соседните балкански земји. Магазинот го наведува ајварот како типичен локален специјалитет, а тавче гравче го именува како „веганско национално јадење“.

Покрај традиционалната храна, туристите се охрабруваат да пробаат планински билки, локален мед, тврди сирења и домашни вина од автохтони сорти како Смедеревка, Вранец и Темјаника. Мастиката, како ликер со специфичен вкус, исто така се најде на листата на препораки.

„Сè уште постојат места во Европа каде што можете да ја доживеете вистинската дивина,“ порачуваат од овој магазин, охрабрувајќи ги своите читатели да го заменат пренатрупаниот туристички комфор со автентичноста и мирот на македонското внатрешно.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *