Сутерен.мк

Жените и неверството

Мислам дека жена ми ме изневерува. Не знам каде грешам па сакам да ми одговорите вака, како жена на жена, во кои случаи вие жените изневерувате?

Петре

Петре дарлинг, еве  во најголема доверба, како другарка на другарка ќе ги преџвакам уште еднаш веќе раскашавените причини за женското неверство.

Жените обично, не се впуштаат во афери заради недостаток на квалитетен секс туку од недостаток на внимание и лојалност од страна на партнерот. Некои пак, тоа го прават од незадоволство од истиот односно, секогаш сакаат нешто повеќе, постојано му наоѓаат маани, а всушност, се незадоволни од себеси.

Честопати не знаат да постават граници на пријателството па се случува, пријателот кој е рамо за плачење да стане нешто повеќе. Значи, внимавајте вие да и бидете најдобриот другар.

Обврските во домот, во повеќето случаи, како да се подразбира да бидат само нејзина грижа. Доколку сопругата покрај вас се чувствува како да ви е мајка или куќна помошничка, секако дека признание за својата вредност ќе побара на друга страна.

Комуникацијата е основна. Кога во нејзиниот живот се случуваат големи промени треба вие да сте првиот кој за тоа ќе дознае, а не некој друг, кој ќе понуди разбирање и уште нешто плус.

Жените се мајстори за одмазда – кога се повредени, ама ич не се нежни.  А некои од нив сакаат постојано да се во центарот на вниманието. Кога веќе не можете неа да ја промените, прилагодете се. Тоа не е голема цена за верност, нели!?

Додворувајте и се така што ќе ја викнете на состанок, испратете и интригантна порака на мобилниот или мејлот. Резултатите ќе ве изненадат.

Неверството е пополнување на празнината. Повеќето од нас немаат ниту сила, ниту храброст за крај и нов почеток, па најлесниот начин се излетите надвор од врската.

Секако, ги има и оние со незаситно либидо, но сепак, тие се многу ретки.

Значи, незадоволство е главно во прашање мила другарке, незадоволство…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *