Само во Скопје секоја година триесетина деца се отфрлени од своите биолошки родители…
Најголемиот дел од нив се новороденчиња, оставени од своите мајки уште во породилиштето, некои се најденчиња во паркови, ниви, контејнери, врати, но се’ почесто се случува и родителите да ги донесат на лечење во болница и да „заборават“ да се вратат по нив. На Детската клиника во Скопје во моментов остана уште едно такво дете, од трите неодамнешни „станари“ во последните месеци, на кое се’ уште не му се знае иднината, додека другите две се вратени кај биолошките родители по изнесувањето на случаите во јавноста.
„Се обидуваме да ги убедиме родителите да се заинтересираат за детето, а ако не успееме, кога ќе му заврши овде третманот, ќе го предадеме на социјалните работници“, вели директорот на Клиниката Ацо Костовски. Нашиот соговорник потврдува дека вакви случаи има постојано на Клиниката за педијатрија – родителите да ги напуштат децата кои се болни, кога исходот од лечењето е неизвесен и не се подготвени или не сакаат да се соочат со тешкотиите што ги носи лечењето и со можните фатални последици од тоа или, пак, кога мислат дека на детето ќе му биде многу подобро во болницата отколку дома.
„Не секогаш љубовта помеѓу двајца завршува со создавање здрав пород. Под влијание на надворешни штетни фактори како што се јонизирачки зрачења, инфективни агенси, лекови, генетички фактори, кои ако дејствуваат првите три месеци, периодот на органогенезата, може да се јават најразлични малформации на еден или повеќе органски системи… Меѓутоа, родителството не подразбира чување на детето само кога е здраво, туку можеби многу повеќе, чување на детето кога е хендикепирано“, вели д-р Костовски. “Во античка Грција овие случаи на дефекти ги решавале на едноставен начин – слабите и болни деца ги фрлале од планината Тијагет во бездните.”
Меѓутоа, современата медицина го решава ова на многу пософистициран начин, со помош на пренаталната дијагностика (додека децата се се’ уште во утробата), со помош на разни ултрафонографски прегледи и други анализи, ги дијагностицира и евентуално, доколку е потребно, се прекинуваат таквите бремености за да се избегнат траумите што би следувале. Кај оние случаи, пак, кај кои навреме не е утврдена малформацијата и се родило дете со неа, помага хирургијата – некогаш да се реши целосно проблемот, некогаш делумно. Сепак, доколку таквото дете веќе дошло на свет, не треба да се остави во рацете на судбината.
Често родителите не дозволуваат оперативни зафати, сметајќи дека имаат право да решаваат за животот на детето или, што е уште пострашно, го оставаат без збор на персоналот, врзувајќи ни ги рацете“, тврди Костовски и го раскажува примерот со родителите кои донеле дете со вродена срцева мана и кои за негово излекување барале протекции од видни луѓе во државава, за по извесно време да „исчезнат“, оставајќи го својот пород на Клиниката без никакво објаснување. По извесно време се појавиле да го земат, но и покрај убедувањата и преколнувањата на докторите да му извршат операција, не дозволиле да се изведе третманот убедени од соседи и роднини дека на детето му нема спас. „Постојано се среќаваме со вакво нечовечко однесување“, раскажува д-р Костовски. „На крајот на краиштата, поради таквата нехуманост на одредени родители, страдаат други деца, на кои им треба болнички кревет и внимание, а кои поради ваквите примери не го добиваат навреме.”
Покрај тоа, со примена на новиот систем за плаќање на ДРГ (дијагностички сродни групи), ни една институција нема интерес за чување на пациентот повеќе од потребното. Затоа што тоа подразбира неоправдани трошоци и создавање листи на чекање. Костовски признава дека колку и да се лекарите со добра волја, не можат да сторат многу, бидејќи последниот збор во однос на грижата на децата ги имаат родителите. Па така, по завршеното лекување на Клиниката, доколку родителите не се појават за тоа време, тие им ги предаваат децата на социјалните работници, кои потоа решаваат за нивната судбина.
Крсте Малјановски од Меѓуопштинскиот центар за социјална грижа на град Скопје вели дека во вакви случаи реагираат само на повик. „Не вршиме и немаме право на ревизија во болниците. Кога ќе не’ повикаат, вршиме увид. Постапката е слична како и кај оние мајки кои децата ги оставиле веднаш по породувањето.
Најпрво се обидуваме да помогнеме децата да останат кај своите биолошки родители, но доколку тие се откажат од нив, во законскиот рок, тогаш ги сместуваме во дом, па се поведува постапка понатаму за посвојување. Родителските права можат да бидат одземени само со судски налог, но процедурите се комплицирани затоа што во вакви суптилни работи тие и не можат да бидат едноставни“, нагласува Малјановски. Причините за ваквото однесување на родителите, според него, се најразлични, од лошите социјални услови, тежината на болеста на детето, страв од осуда од околината, т.е. предрасудата што ја покажува примитивната средина кон децата со сериозни здравствени проблеми…
Нашите соговорници се согласуваат дека, сепак, тешко е да се најде оправдување за ваквите одлуки. Особено што денеска е релативно лесно да се увидат аномалиите додека детето е се’ уште во утробата на мајката. Меѓутоа, и покрај достигнувањата и предностите што ги нуди современата медицина, многу од жените не вршат пренатални испитувања.
Една од најсигурните методи за утврдување генетички дефекти и физички аномалии на плодот е амниоцентезата (земање плодова течност од матката на бремената) и со рутинско практицирање би се избегнале ризиците за раѓање хендикепирани деца, кои кога ќе дојдат на свет, пак, најчесто, и покрај тоа што имаат семејство, завршуваат во некоја установа. Разните испитувања на теренот покажуваат дека ваквата неодговорност кон нероденото дете не е карактеристика само на необразованото население, туку меѓу „самоуверените“ мајки се наоѓаат и еманципирани, урбани жени, кои очигледно не го посакувале тоа дете доволно.
Статистиката, пак, вели дека, генерално, бебињата ги напуштаат жени со промискуитетно однесување кои и самите се социјални случаи, односно жени кои немаат одговорност за децата и се помалку или повеќе социопсихопатски структурирани личности. Оваа појава, велат експертите, не може да се врзува за социоекономските услови, бидејќи домовите беа пренатрупани и во 1970-тите години кога се живееше многу подобро.
Факт е дека повеќето од овие мајки немаат ни основно образование, но иако, во помал број, деца оставаат и оние што припаѓаат на повисоки општествени слоеви, а кои едноставно сакаат да се ослободат од плодовите на своите вонбрачни излети. Во домовите завршуваат и деца чии родители се умрени, во затвор или се тешко болни.
Потребен е нов закон
По обелоденувањето на последните случаи на напуштени деца на Детската клиника во Скопје, реагираше и директорката на Гинеколошко-акушерската клиника Адела Стефанија, која ги повикува бремените жени да се јават на преглед кај гинеколог до 12-тата недела од бременоста и да го искористат правото што го имаат да го направат првиот тест за да утврдат дали носат животоспособен плод. Според податоците на Клиниката за гинекологија, минатата година се откриени 126 бремености со аномалии на плодот, а 20 вакви бебиња дошле на свет бидејќи болеста не е откриена навреме.
Директорот на Клиниката за детски болести Ацо Костовски апелира до родителите и до заедницата да не се откажуваат кога веќе ќе се родат хендикепирани деца, бидејќи, крајно е нехумано да се откажеш од својот плод што си го создал. Се огласи и Министерството за здравство, кое најави нов закон што ќе овозможи во вакви случаи поголема слобода во одлучувањето на лекарот, односно дека ако лекарот процени дека е загрозен животот на детето, тогаш не мора да чека согласност од родителот за да реагира.
Медицинската нега не е доволна!
Во Редакцијата пристигна и писмо од Наташа Ангелеска од Скопје, во кое читателката известува за случај на оставено бебе во болница. Меѓу другото, таа вели: „ Станува збор за детенце кое е сега на 18-месечна возраст, а кое по втор пат е хоспитализирано во рок од 6 месеци поради неисхранетост и запуштеност, а и други дијагнози. Вториов пат на хоспитализирање е веќе еден и по месец. Она што ме вознемирува во овој случај е што детето ја добива потребната медицинска нега и моментно е физички здраво, но тоа апсолутно не е доволно. Имено, за развојниот период во кој тоа се наоѓа од особена важност за неговиот адекватен целосен развој е да ја добива сета потребна ментална нега и социјални контакти. Мојата реакција до социјалните служби во Куманово, каде што припаѓа случајот, не дадоа голем плод бидејќи, според нивните зборови, јас како обичен граѓанин немам право да барам да се поведе постапка, ниту, пак, имам право да ги испрашувам за тоа. Тоа, се разбира, е сосем спротивно од пропишаните законски норми во кои во член 84 од Законот за семејство стои дека „Центарот за социјална работа е должен да презема потребни мерки заради заштита на личноста, правата и интересите на детето. Секој граѓанин, орган и правно лице е должен е да го извести Центарот за социјална работа веднаш штом дознае дека родителот не го врши родителското право или дека од други причини е потребна заштита на личноста, правата и интересите на детето”. Законските решенија за прашањата на занемарување на родителските права и должности, за среќа, се секогаш на страната на заштита на детските права, интереси и потреби, па соодветно на тоа, службите што работат на овие прашања мора да се подготвени да ја преиспитаат секоја индиција дека постои занемарување во грижата на децата кај кое било семејство.
Бранка Д. Најдовска
„Глобус“, 2008 година