Јас уствари и не знам што ме мачи. Од една страна имам маж кој е супер сопруг и татко, а од друга страна ми смета тоа. Накусо, маж ми и синот беа еден месец сами на село, но кога јас им се придружив сфатив дека сопругот станал и мајка и татко. Детето веќе не ме слуша мене, се прави како што ќе му каже татко му и т.н. Наспроти тоа, маж ми стално ми нагласува како јас и не му требам, се фали дека тој може да биде и мајка и татко и т.н. Згора на се, малиот е разгален, неподнослив и не сака збор да чуе од мене. И сега, што да правам!?
Пеколен одмор
Пеколен одмор дарлинг, да имаа мажите менструација ќе се фалеа со големината на тампоните што ги употребуваат. Тие едноставно, не пропуштаат да се пофалат со било што, што изгледа како некаква предност над нас, жените. А ова за што вие зборувате едноставно, сами им го сервиравме…
Едно време мама беше таа што гушка, а тато што ги кажува правилата. Денес, се повеќе семејната заедница личи како да е составена од две мами. Двајцата само гушкаат.
Децата се итри па брзо сфатија дека тоа може дебело да го искористат. Денешните родители плашејќи се дека секој обид на дисциплинирање кај детето предизвикува непријатност (а за тоа богами многу се заслужни надобудните психолози, социолози и психијатри и плевата од сапунски ТВ серии) односно, сигнал дека не се баш сакани, почнаа да ги респектираат сите негови желби, толерираат сите негови глупости и да нема никаква казна за грешките.
Идеологијата на „среќно дете“ наметната од оние чија грижа на совест чат – пат проработува што милиони деца немаат ни вода за пиење, доведе до тоа денес да не се знае кој е мајка, а кој е татко во фамилијата. На децата им е потребна љубов, но и дисциплина. На детето му е потребна нежност (од мајката), но и строгост (од таткото).
Не сум против замена на улогите, но тие да бидат поделени, а не идентични. Заради рамнотежата меѓу ѕвездите…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)