Што го прави едно лице привлечно? Ново научно истражување, во кое биле анализирани повеќе од 600 лица со помош на 3Д-скенирање, се обидело да даде одговор на ова прашање. Резултатите покажуваат дека одредени црти на лицето почесто се доживуваат како привлечни, а истражувачите велат дека токму хармонијата на целокупниот изглед има клучна улога во првиот впечаток.
Според истражувањето, највисоки оценки за привлечност добиле жените со потенко лице, пополни усни и поизразени црти. Кај мажите, најпривлечни биле оние со нагласена вилица, изразена брада и поаголен профил.
Во истражувањето учествувале шест независни оценувачи, тројца мажи и три жени, кои секој 3Д-модел на лице го оценувале на скала од нула до сто.

Авторот на студијата, Георгиос Канавакис од Универзитетот во Атина, за „ПсајПост“ изјавил дека физичката привлечност има значително влијание врз секојдневните човечки интеракции.
„Физичката привлечност влијае на многу аспекти од нашиот живот – од првите впечатоци и новите познанства до деловните можности и романтичните врски“, истакнал Канавакис.
Тој додава дека, иако често се вели дека убавината е целосно субјективна, бројни истражувања покажуваат дека постои изненадувачки висок степен на согласност меѓу луѓето околу тоа кои лица ги сметаат за привлечни.
За полесно да ги илустрираат резултатите, истражувачите посочиле и неколку познати личности чии црти на лицето одговараат на карактеристиките што најчесто биле оценувани како привлечни.