Сутерен.мк

Американската влада го призна постоењето на НЛО

Американската воена морнарица има невидени видеоснимки од неидентификувани летечки објекти (НЛО) или неидентификувани воздушни феномени (НВФ), но нема да ги објави јавно бидејќи тоа би ѝ наштетило на националната безбедност, изјави нивниот портпарол.

Ова доаѓа како одговор на барањето на Законот за слобода на информации поднесено од страна на владината страница за транспарентност „Блек волт“, која претходно сподели илјадници страници документи поврзани со НЛО добиени преку барањата поткрепени со Законот за слобода на информации доставени до ЦИА и други владини агенции.

„Блек волт“ поднесе барање до американската морнарица во април 2020 година, по само еден ден откако американската морнарица декласифицира три видеа направени од пилоти на морнарицата на кои се прикажани НЛО кои се движат на навидум невозможни начини. „Блек волт“ побара морнарицата да ги предаде сите други видеа поврзани со НЛО.

По две години Владата одговори со писмо во кое го потврди постоењето на повеќе видеа за НЛО и ги одби барањата за нивно предавање поради загриженост за националната безбедност.

– Објавувањето на оваа информација ќе ѝ наштети на националната безбедност бидејќи може да им обезбеди на противниците вредни информации за операциите, ранливоста и/или способностите на Министерството за одбрана/морнарицата. Ниту еден дел од видеото не може да се одвои за објавување – напиша во одговорот Грегори Кејсон, заменик-директор на канцеларијата за слобода на информации.
Кејсон додаде дека морнарицата можела да ги декласифицира трите видеа на НВФ објавени во април 2020 година само затоа што тие претходно протекле во медиумите и веќе биле нашироко дискутирани во јавноста. Морнарицата сметаше дека е можно официјално да се објави снимката без дополнително да ѝ се наштети на националната безбедност, напиша Кејсон.

Во својот одговор на барањето на „Блек волт“ американската морнарица не се обиде да го прикрие постоењето на дополнителни видеа за НЛО. Во архивите на американската морнарица има повеќе видеа од необјаснети средби со НЛО и тие засега ќе останат тајни, но американската војска многу сериозно ја сфаќа потенцијалната закана од НЛО.

Во мај 2022 година Министерството за одбрана одржа јавна расправа за НЛО, на која првенствено се разговарало за извештајот на Пентагон од јуни 2021 година, кој откри дека пилотите на американската морнарица пријавиле 144 видувања на НВФ од 2004 година. Неодамна Министерството објави дека ќе добие финансии за да отвори нова канцеларија која ќе се занимава исклучиво со управување со извештаите за забележани НЛО од страна на армијата, морнарицата и воздухопловните сили на САД.
Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *