Сутерен.мк

Благоја Николовски: Не им верувам на сликари што платната ги кројат на под

По цели две децении сликарот Благоја Николовски на македонските граѓани повторно им овозможи средба со дел од своето творештво, изложувајќи седум масла на платно во галеријата “Арт кичен”. Неговите слики како “Распетие”, “Голгота”, “Девојче со школки”, “Дете и светлина”… ги израдуваа почитувачите на современата уметност односно, на сликарите, кои како Николовски, со творечките остварувања воспоставуваат длабока врска со живото и класично сликарство!

Николовски, не е само култен македонски сликар, туку, како долгогодишен ликовен педагог оставил печат врз генерации вљубеници во визуелниот израз. Меѓутоа, целиот живот се чини, како да го одбегнувал медиумското внимание намерно, пропуштајќи ги “шансите” за стекнување на поголема популарност. Таков е и денеска па, требаше малку повеќе убедување за да ја прифати поканата за разговор во “Теа модерна”. Вели, дека не е естраден човек, а и кога понекогаш им се навраќа на своите интревјуа дадени пред години, му е некако мачно.

– Сум бил помлад и веројатно, сум имал поголема желба за зборување, но кога ги препрочитувам сфаќам дека оној наспроти, немал потреба од слушање – вели Николовски и потенцира дека таа негова шкрта комуникација со јавноста не е никаква надменост, како што некои се обидувале да му ја припишат туку, дека едноставно, не е “ораторско – сценски” тип и повеќе претпочита да им се доближи на луѓето со своите дела.

  • Велите, повеќе ги сакате сликите отколку зборовите, но зошто толку долго беа тие “скриени” од јавноста? Ова е ваша прва самостојна изложба по повеќе од дваесет години.

– Уф, не дека не сакам јас да зборувам, но повеќе сакам тоа да го правам во круг на пријатели, отколку да давам “официјални” мислења и ставови. Особено денеска, кога буквално, секој има мислење за се нешто и згора на се, мораат сите да го слушнат истото. Што се однесува до изложбите… Не продуцирам јас сериски, но и кога изложувам… Ете, имав оддамна една изложба па, следната беше по десет години. Тогаш коментарите беа “Зошто толку долго те нема?” Потоа, по пет години пак, изложував и ете ги истите луѓе, како велат: ”Еј, ти нешто зачести со сликиве!?” Значи, како и да е, не можеш да им погодиш…

Меѓутоа, не мислам дека ме “немало”. Има доста мои слики низ градов, низ државава (ако правите изложба треба да ги барате, а тоа ми е исто така, многу напорно и мачно), а и пред неколку години функционираше нашата приватна, моја авторска галерија, така што, практично, тоа беше една “трајна” постановка.

  • Зошто ја затворивте галеријата?

– Никој нема денес пари за слики, затоа. Народот сака уметност, ги препознава убавите нешта, но материјално е осиромашен и секако, приоритети му се основните егзистенцијални потреби.

  • Сепак, во последно време како да зачести отворањето на уметнички галерии во Скопје…?

– Да и тоа е за поздравување. Особено ми се допаѓа “Арт кичен” зашто има и работилница, каде Мирослав Масин држи часови и зашто има потенцијал галеријата да прерасне во нешто повеќе од обична “продавница”. Добро е да има што повеќе вакви простори, а зошто мене не ми успеа? Па, веројатно, не ме бива за бизнис.

  • Рековте дека не продуцирате сериски. Кога сликате?

– Сликањето, уметноста воопшто, е морален чин. Не може да се создава по секоја цена, тоа не е просто производство. Сликата си има свој зачеток, свое зреење и, никогаш не е завршена всушност. На пример, на “Голгота”, што е сега изложена во “Арт кичен” сум и се навраќал со години… Работам по сопствен импулс и лично темпо. Меѓутоа, ако сме искрени, бавењето со уметност бара и одредена комоција, стандарди под кои не смее да се оди, а тоа во вакво егзистенцијално несигурно време е се потешко.

  • Некои ваши проследувачи ќе речат своевремено, дека сте мрачен сликар?

– Да, имаше такви оценки за мене и се сосема неточни. Дали сте мрачни, ако извадите нешто што е длабоко закопано во темнина, на светлината? Секако, дека не. Некои од моите слики не се благопријатни, не се за закачување во спална соба, но не им е ниту намената таква. Тие носат друга порака… Да зачнат размислување, да чепнат во свеста. Немам никаква намера да го менувам светот ниту, можам да го сторам тоа (доволно е себе си, ако успеам да се сменам на подобро), туку да укажам на некои работи. Заради себе, блиските, туѓите.

Сум за тоа да се афирмира доброто, но не можеме да ги затвораме очите пред злото, пред неправдите, тесноградоста, просечноста… Ловците, кога копаат замки за да фатат животни (некои и луѓе) ги прекриваат дупките со убави цвеќиња, со шарени лисје… Кој е страшен? Тој што ги прави стапиците или тој што укажува на нив!? Впрочем, на телевизија има многу погрозни работи што луѓето си ги правиме едни на други, отколку на моите слики, кои не се лоцирани, туку потсетуваат на одредени општочовечки состојби. Барем, би сакал да е така.

  • Се чини, денес се е дозволено во уметноста, воопшто. Ви пречи ли таа “самозадоволна креативност”?

– Немам ништо против трендовите, модите, но имам против гробарите на уметноста. Од една страна, проповедаат антиуметност, а од друга страна се “шлепаат” на уметноста!? Од ракав се даваат изјави како “тоа е класична постапка” или “фигуративното е надминато”… Лично, не сум видел некој, овде, нешто да надминал. Работата е во тоа што некои по секоја цена сакаат да се наметнат, да бидат забележани. Да се биде препознатлив можно е и со неквалитет.

Честопати се случува и уметниците и ликовните критичари да бидат повлечени за нос. Тоа е полесно, кога постои заситеност од одредена работа и барем, за момент, можете да бидете излажани од фолиранти. Тоа нели, сега се вели, тој има проект.

  • Кога сме веќе кај проектите… Како ви изгледа најновиот за “културно издигнување/преобликување на главниот град?

– Толку сме малку на број, а толку многу талент има кај нашиот народ, што е просто за неверување. За жал, критериумите се отсутни т.е. некој смислено ги спушти многу ниско. На одредени групации изгледа, им одговара воздигнувањето на невкусот, на претенциозноста, агресивноста. (Мотивите, само тие ги знаат.) Култура не се гради со “а, бре – де, бре”. Некако премногу квази работи ќе никнат околу нас. Поголемиот дел, не сите секако, од она што можев да видам, а и од оние што веќе се поставени како скулптури, па и години наназад, повеќе се препреки низ градот отколку облагородувачи на просторот. Убаво е да има уметност на секој чекор, но тоа треба да биде селектирано со вкус и мерка.

Културните центри во светот настанувале по природен пат, заради некои потреби, а не од градителски еуфории. А и тоа кревање споменици на се и сешто!? Најважно е сега и овде што сме и што правиме! Секој од нас да направи по една, само по една добра работа, само на еден човек да му помогне е поголем споменик од сите тие камени постаменти заедно. Така се покажува дека си го сакаш народот, дека ја сакаш својата земја. Помогни му, подај рака на тој до тебе, наместо да ја трошиш целата енергија на оправање каков бил и кој бил, некој, кој живеел овде, а можеби и не, пред илјада години!? Ете, затоа не сакам интервјуа: стануваш вокабуларен, наместо нешто корисно да работиш.

  • Има ли некорисни уметници, преценети. Кај нас, но и во светот?

– Наместо моето мислење, позгодно ќе биде она на познатиот композитор Драгутин Гостушки, кој, кога ја посетил ретроспективната изложба на Џексон Полок, му ги видел и раните дела, каде што всушност, јасно може да се види колкав е талентот на уметникот. Бил толку разочаран, што само рекол:” Овој и не може поинаку да слика освен, онака, како што сликал”. Полок, знаеме сите, практично истурал бои врз платната… Накусо, не им верувам на сликари што платната ги кројат на под.

  • А кои се оние на кои им се восхитувате?

– Веласкез, Ел Греко, Рембрант, Гоја, Вермер… Сум имал прилика да видам нивни дела по музеите во светот и тоа е нешто фасцинантно. Тие слики имаат толкава енергија во себе, што можете буквално, да се предозирате. Главата може да ве заболи (во позитивна конотација, секако) од тој преголем набој на енергија.

  • Долги години работевте и како педагог по ликовна уметност. Се учи ли сликарството во образовни институции?

– Сликари имало и пред да има академии. Писатели, композитори, исто така. Да се биде учител е најубавата работа, но и најодговорната, најобрзувачката. Речиси, како родител. Секогаш имало и ќе има “заскитани” во образованието, кои премногу сериозно се сфаќаат себе си, а малку учениците. И, никако, нивниот потенцијал. Токму затоа, не ретко, големи сликари ги напуштале, на време, академиите. Талентот, набојот на талентот, поточно е пресуден. Доколку го има во доволна мера, тој ќе си го најде патот да се покаже, да ни покаже.

Мислам, се е тоа во ред, институциите ќе ве научат нешто, секако, мајсторските работилници, исто така, но доколку го немате она нешто, она вдахновение, вие секогаш ќе сликате од лактот надолу, но никогаш од утробата па, натаму.

Воскреснување низ апсурдната самотија

“Загледан во мајсторите на сликарската уметност од времиња што поминале, Николовски успева да ја препознае сопствената слика, во која честопати се наоѓа денешниот човек. Сето негово сликарство е, всушност, едно огромно распетие, предодредено да воскресне низ апсурдната самотија, разбрана како повисока категорија на човековите творечки можности. А тоа се, сосема сигурно, големи, недофатливи и таинствени.
Николовски има јасен и прецизен цртеж, композиција што се граничи со перфекција, контрасти на светлото и темното, во која доминира поетска и човечка меланхолија.”
Владимир Георгиевски, сликар.

Славко Јаневски му посвети песна

Благоја Николовски роден е во Скопје, во 1944 година. Завршил училиште за применета уметност во Скопје (1965 – та) по што студирал во Париз, на Школата за убави уметности. Има шест самостојни изложби, а учествувал на трисеттина групни претставувања. Добитник е на две награди “Нерешки мајстори” на ДЛУМ и на наградата за сликарство на “Млад борец” (1973 година, наградата “Моша Пијаде” (1975 – та), како и на Галеријата на изложбата на Југословенски портрет во Тузла (1975-та). Негови дела се наоѓаат во Франција, Германија, Австралија, Канада, Турција, Хрватска, Србија, Црна Гора и низ цела Македонија.

Славко Јаневски, фасциниран од неговото сликарство ќе му посвети песна. Меѓу другиото, ќе напише: “Во хаос на преплетености, поредок измислува, главата од својот врат, ја подава, повелете. Длабнатата дланка , песочен часовник принесува, во него на бел кораб, да се заедзи по понорници, кон втората вселена. На Водици во мразоцвет, петопрста, на секој нокот, по едно ждребе ќе спитоми. Со издолжени шии гривовејни, сенката од чело, да ти ја испасат.”

Ќерка ми треба да е среќна и, ништо повеќе!

  • Вашата ќерка по завршувањето на Филолошкиот факултет, се запиша и на Ликовната академија па, се откажа и започна да се бави со музика. Посакувате ли да тргне по вашите стапки или токму вие, ја премисливте во тоа?

– Јасна си оди по нејзините стапки и така треба и да биде. Таа е извонредно талентирана за сликарство и едно време интензивно сликаше. Се откажа од Академијата (за причините ќе треба нејзе да ја прашате), но не се откажа од сликањето. Се уште слика. Одлично. Во меѓувреме, заедно со нејзиниот сопруг, ја формираа групата “Калевала” и тоа се покажа како добар потег. Таа исто така, прекрасно пее. Неодамна пак, стана и мајка, а јас добив внук, Калин и тоа е неверојатно убаво чувство. Што да ви кажам!?

Секое битие има своја пат, па и нашите деца. Не треба да им пречиме во нивните чекорења по, само нивните, патеки, а пожелно е да ги охрабриме и помогнеме во тешките моменти, колку што можеме. Не е воопшто битно што мојата ќерка ќе прави во својот живот. Таа само треба да е среќна во тоа и, ништо повеќе. Се додека е така, јас сум најблагословениот човек на планетата. Како и секој татко, секоја мајка, кога гледа дека детето му се радува на животот.

Бранка Д. Најдовска
“Теа модерна”, 2019 година
Фото: Игор Тодоровски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *