Сутерен.мк

Игор Пачемски: Ковиде леде, 3 дел – Епилог

„А ја сам самооо, нежна жена…“ Види ја пустата Спасе, како пеперутка е! Да, вистина е. Спасе си поплаче со жена му малку и сега беше во емоционален fever pitch! Баби беше навежбан од „принцеша“ и блажено спиеше како и секој богат човек. Имам „покер фејс“ и изразот ми беше како и оној на Спасе. Емоциите… Сирови. Живи. Оголени нерви. Луминисцентни. Плачев на „Преспав“ (Алооо, собери се волу!). Елвира Куртишова ми се виде симпатична. Во нормални услови би и ставил мастика во косата. Спасе и јас бевме како Таљат Митраљез и Томе Витанез.

Почнав да прдам во соба. Ептен се одомаќинив. Ме смалија на четири литра кислород (бев на 15), пак мочав ко ајван. Астрид и Никодин поминуваа да ме видат. Сакав за Нова година да сум дома. Сакав да ги гледам Рене и Ренато. Сакав да ја чујам „to save your love my darling“ во опера – буфа. Ги сакав сите! Годишницата на смртта на Греам е на 27 – ми. Имам четири дена да излезам од тука. Четири дена да дојдам до кислород нула и со кислородна поддршка да ме пуштат. Фактички, бев преплашен!

Веќе потрошив 9 000 евра. Лекарите немаа никаква намера да ми дадат индикација кој ден би ме испишале. Разбирам, тенка е линијата помеѓу прудентност, приход „пер капита“ во криза на која и се бројат месеците и реалната слика.

Кислородот паѓаше, држев сатурација, но немаше абер од завршната сметка, од назнаки до кога е лечењето платено, кога излегувам!? Дали тие четири часа во понеделникот се бројат како цел ден!?

(Звучам одвратно неблагодарно! Овие луѓе сепак, и покрај дегутантната полиса на прием, ме излечија! Ми го вратија животот. А еве ме, речиси здрав, се вртам во креветот како моржот од ева сардините и мислам какво изненадување ме чека при излезот!)

Сламката што и го скрши грбот на камилата е излезена канила. После инцидентот со „посраната мечка“, имаме инцидент – кравава бела мечка. Шест часа чекав во ден без многу активности, некое медицинско лице да забележи дека толку крв во кревет е био – хазард, не само за мене, туку и за двајцата постари господа кои лежат во моја близина!

Односот на персоналот страшно ме потсети на оној во 1995 година, кога во Воена болница правев пластична операција на ушите и кога сестрите како незаинтересираните келнерки, го изведуваат трикот дека не постоиш! Многу фотогенична глетка беше кога со крвавата „спавача“ ( и малку закашкан, ама овојпат, сам сум си виновен) излегов во ходникот и свикав како што знам да викам – многу ефикасно – „Дежурен доктор и сестра овде сместа!“

Задникот беше напудрен, креветот се среди, доктор дојде и се испазаривме во четврток, на 31 – ви, 11 денови откако бев примен, без дополнително плаќање да бидам испишан од болницата.

Кислородот падна на 0,5, а Никодин ме вежбаше, како што го вежбаа и Баби (изгледа и него го фати инает). Сите од интензивна кои поминуваа праќаа срца низ воздухот, почнав да пишувам на салфети, направив визит – карти, па ги дадов на сите кои ги засакав (како на „big shout out to sexy“ кенгурот кој го мрзи да го заврши медицинскиот факултет – со него ќе се пијанчам во маало, во некои подобри времиња).

Деновите ми минуваа и во расправање со мајка ми за ниви ( да, до толку ми сече, но излезе како одлична терапија во таа состојба), пазарење со Мечката за сарми, а најмногу во напорот да го прифатам фактот дека по купувањето на мојот апарат за кислород „Дарт Ведер“, ќе сум полесен за околу десет илјади евра! Нема рати, нема бутур. Проформа здравство.

Дојде денот Д. Мечката беше долу во 11 часот. Си побарав да ми ја донесе најсељачката тренерка (црна, раперска, за брејкденс во Шутка, просто плаче!), тимберленд јакна, секси чорап со ананас.

Се избањав без кислород. Го сретнав Никодин. Ме зафркаваше за јакната. Астрид не беше на смена. Доктор Петар исто така. Докторка Зорица и другите, поминаа. Во бунилото пред хемофилтрацијата поминала на Павлаковиќ мајка и, ме поздравила. И се јавив на Калија, и викам „Пеер, каков трип, на Павлаковиќ мајка и ме поздравила!“ Ивана Павлаковиќ. Нашата Olivia Hussey. Причината поради која влегов во кино „Култура“ да го гледам „Венера во крзно“. Ѕвер од глумица. Ѕвер од човек.

Исписната листа е непотпишана, со сите можни оградувања, без пресметка… Павле ми пие, ама Павле сметка не виде! Проформа здравството бара силен т.н. paper trail! Точна папирологија. Уредно фактурирање. Прецизност. Колку денови? Како се пресметуваат? Дали шок – соба чини исто како и апартман? Ако не мене, овие податоци му се потребни на сметководството. Во која тоа држава плаќаш 10 000 евра во кеш и не добиваш фактура за тоа!?

Разбирам дека сме на дивиот југоисток, но многу прашања се неодговорени! Особено, како некој со преклопени артритични прсти и плата од 300 евра месечно, кој е таму веќе 21 ден ќе го плати лекувањето!?  За разлика од источно – македонскиот феудалец кој може да искешира без многу секирации, кога и колку што ќе му побараат!

Зошто не се дава при приемот информација и за условите во државните институции?

На исписната листа не пишува дека ми е правена хемофилтрација, телесната тежина не ми е точно заведена, се водам како пушач кој не пие, а обратно е – пушам два пати во годината, кога ќе се „свињосам“!

Објективно, оваа болница е на ниво на Chelsea&Westminster во Лондон, но не на нејзините приватни оддели. Да, секако е и многу поефтина. Кога Марк направи проверка, ми потврди дека е навистина една од ретките во светот што ја користат оваа метода.

Сепак, не може да се игнорира претходно кажаното, како и тоа дека во ресторанот често ни пласираа фиде или пченица, како храна без глутен! Кога ми излезе канилата морав да прашам каква и колку терапија ми преостанува или да им посочам дека антикоаулант се прима и мускулно, но и орално. Како и антибиотик. Можеби сум дизајнер на долна облека, костими за капење… но сум и квантен хемичар. Ултра прецизен сум со бројки, научно писмен и секако, после толку време живеење „надвор“, навикнат на транспарентност при наплата! Како што и онаа на Баби е навикната да биде информирана на секој половина час, колкава му е сатурацијата на татко и, пулсот, магнезиумот, whatever…

Излегов од болницата во количка. Живко и чичко Јован ме чекаа со „Дарт Ведер“. Со тетеравење станувам, заслепен од силното сонце, додека Мечката, клапната на клупа, ме гледа ни жива, ни умрена. „Кад палме њишу гране, медвед је кататоничан.“

„Дарт“ тежи еден тон. Чичко Јован се насмевнува. Многу го сакам тој човек. На Радио Скопје „зборува“ предновогодишен кларинет.

Дома беше чудно. Како времето и воздухот да застанале. По тој come down од сите лекови на први јануари се шекнав и мислев дека од дома фалат пари, па Мечката ја бркав со тава и „Дарт“. Не се посрав. (Браво, син на мајка!) Сарми немаше. Мечката, која очигледно преживеала нервен слом (сега требаше тој да се средува, ама вредеше – Живко е Бугар на денот!) направи едно шизофренично „кликни – јади“ од 3 000 денари! Мајсторот дојде со шест вреќи храна. Мечката ме уштека во ѕидот, прати слики по жеништата во Атина, Бугарија, Америка, Јапонија, Лондон…

Новата година ја поминавме пред телевизор, со „Преспав“. Пача, туршија, телешка супа. Мачките ми ја изедоа шарската. Се согласивме со Живко дека пооросписки играм чочек од певаљките. „Така е Бубу! Играеш като дебела мангалка!“ – љубовно ми рече Живко. Кукууу! Потрошив две пакувања палома марамчиња и две care bears на бришење распекмезеност. (По неколку часа пак, го бркав со тавата.) Мечката на полноќ грмна и еден Моет. (Бејби шише за мене, де.) Легнав уштекан за „Дарт“, смрзнат од страв од пост – ковид сиромаштијата која не очекува како семејство навикнато да троши германски плати.

Телефонот го вклучив дури во неделата на трети. Слегов до „Рептил“ – сите знаеја дека за малку не цркнав! „Рептил“ на Партизанска е легендарен – имаат живци од челик кога издржуваат со customer service на mammy dearest! Ја прочитав „Гордост и предрасуда“ по стоти пат. Па „Бебето на Бриџит Џонс“ и сега се мачам со „Мејнсфилд парк“. Отров книга!

Статусот на Фејсбук доби соодветна доза на внимание и љубов. Се јавив во канцеларија на четврти. Курцшлус. Ме чека планина од работа. Треба да почнам и со физио. Нешто парички останало. Правам сметки. Мечката не може да си дојде на себе. Страв ми е. Не ми е страв. Ми се спие. Не ми се спие. Готвам по режим: ослич со ориз, гулаш со палента, овошје, зеленчук, многу лимони, нема алкохол… Се чувствувам нормално, а пијам по 30 таблетки на ден!? Сатурацијата паѓа и без „Дарт“. Жив сум. Со Калија вриштам од смеење. Големите дадички ми се лутат затоа што го закачив вирусот.

Што ли сега прави доктор Зорица? А Спасе? За Баби не се секирам! На осми сум на контролен преглед. Двестотини евра. Ич не ми се даваат. Ева ми најде матичен. (Црна барбика, која евентуално, само како медицинска сестра би била посекси.)

Имам инфекција на онаа работа. За 10 илјади евра, како да сум го сексал Бред Пит!? Една голема тегла канестен за господин Пачемски!

А да одморам едно шест месеци, шо викате?

(The end. Барем, за сега…)

( Авторот знае да го реши Шродингер за Јаглерод 6, но одбра да црта гаќи. Горд татко е на 3 мачки и луда папагалка со субмисивен дечко папагал. Лош шеф и сопруг на една измачена бугарска мечка. Многу чкарт педер, кој пие, арчи и се тепа.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us