Времето на забрани на прикажување на филмови во кината или „сечење – лепење“ од морални или верски причини е веќе минато…
Од сега, наместо цензурата, ќе делува Комисијата за класификација на кинематографските дела при Генералната дирекција за кинематографија на Министерството за култура.
Комисијата, која ќе оценува за која старосна група на гледачи кои филмови одговараат, се состои од 49 членови: од експерти во филмската индустрија за заштита на малолетниците до претставници на здруженијата на родителите и групите за заштита на малолетниците.
„Ова е важен и историски чекор за италијанската кинематографија! Беше и време“, изјави за АФП, Елена Боеро, експерт за италијанската кинематографија.
Многу филмови во текот на повеќе од сто години беа на мета на цензурата, меѓу кои се речиси сите на писателот – поет и режисер Пјер Паоло Пазолини, но и „Последниот танго во Париз“ на Бернардо Бертолучи, чии копии се дури и уништени (освен, три кои се чуваат во Националната библиотека), како и „Роко и неговите браќа“, ремек делото на Лукино Висконти.
Од 1944 година, во Италија се цензурирани вкупно 274 домашни филмови, 130 американски и 321 од други земји.
Меѓутоа, ниту еден од нив не е цензуриран заради сцени со насилство!