Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Туѓо гајле береме, своето не го решаваме!

Никогаш до сега не се случило министер во Македонија да биде толку многу актуелен една недела по неговото поставување на функцијата. Толку да биде цитиран, пренесуван од сите медиуми во земјава, а секоја нова изјава со нетрпение да се очекува секој ден. Што ли ќе каже сега? Дали ќе ги помести коцките во Европа? Ќе го поремети ли геостратешкиот план на светските лидери? Не е далеку времето кога и светските медиуми ќе започнат да се интересираат за нашиот министер, бидејќи регионалните, колку што слушам се подготвуваат да ни дојдат на гости. Не е шега кога остро му се спротиставувате не еден од најмоќните лидери во светот, и така отворено во очи да му велите не ти се плашам. Да му се заканите дека ќе му ја пуштите македонската армија со стотина спремни војници, за да види што може да го снајде ако продолжи да се инаети, па макар од другата страна македонските тигри да ги пречека воен оркестар!

Погодувате. Се работи за нашата нова министерка за одбрана Славјанка Петровска, која со своите одлучни изјави го сврте вниманието на целокупната домашна и странска јавност, остро спротиставувајќи му се на рускиот претседател Владимир Путин. Петровска (како своевремено Тито) многу одлучно му кажа НЕ на рускиот претседател, силно поддржувајќи го суверенитетот на Украина. Или со други зборови, ако светските лидери се плашат од реакцијата на Путин, нашата Славјанка не се плаши. И ете затоа е во центарот на вниманието. Токму затоа сите прашуваат која е оваа нова Јованка Орлеанка, која ќе му го сплете свилениот гајтан на рускиот царски претседател. Знам дека некој мораше. Ама ете ние имавме среќа тоа да биде нашата министерка.

Можеби се плашиме во земјава да отвориме одлучна борба со криминалот и корупцијата, па затоа од време на време ги рехабилитираме и криминалците, ама не и се плашиме на Русија. Затоа и гониме путер. Можеби се плашиме да воведеме ред во правосудниот систем или да стоиме зад издржани казни и обвиненија, ама не му се плашиме на Путин. Можеби се плашиме сериозно да ги читаме биографиите на лицата кои аплицираат за државна работа, па си поставуваме директори и функционери без работен стаж и знаење, ама не и се даваме на некогашната царштина. И не само што не се плашиме, туку и светот го наведуваме да го прави истото. Му покажуваме како треба да се биде храбар и одлучен, без да се кокетира за некои глобални цели или лично користољубие. Токму затоа пред некој ден читам прашања на загрижени граѓани од регионот, до каде е нашата министерка со нападот на Русија. Логично. По ваква бура нема примирје!

Велат ѓаволот ја однел шегата. Не е точно. Мислам дека ја оставил токму тука во Македонија, бидејќи да не е таа ќе заборавиме да се смееме. Ќе заборавиме да се шегуваме, иако работава е за плачење. Но, тоа е така кај нас. Туѓо гајле береме, а своето не гледаме да го решиме .Од гранките не ја гледаме шумата, ама затоа точно гледаме каде е изворот на немирот во светот. Се давиме во корупција и вртоглави бројки на починати лица од корона, со која одлучно на светот му покажавме дека не знаеме да се снајдеме. Затоа сме и лидери по смртност. Затоа што не почитуваме никакви закони ниту пак, мерки. А оние од кои очекуваме ние обичните граѓани да го реформираат системот, всушност секој ден ни покажуваат како истиот може да се изигра. Затоа се секираме за глобалните случувања, затоа што таму претпоставуваме дека постојат добри и лоши политики, казнивост и доблест.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *