Сутерен.мк

Надица Георгиева: Убавите лица имаат убави солзи

Како дете посетувала часови по пијано и балет и била убедена дека ќе стане позната балерина. Членувала и во училишниот хор. Роднините ја викале Твиги, а таа не знаела што значи тоа. Се до 14-годишна возраст кога учествува на првата модна ревија. Забавата прераснува во сосема сериозна вокација кога на изборот „Лице на годината“, на ревијата „Базар“ во 1988 година, победува. Другото е веќе историја. Денес има 30 години, мајка е на 9-годишниот Максимилијан, работи на Скопскиот аеродром, а зборуваме за убавината, пропуштеното, врската со Сергеј Варошлија…

  • Како е да се биде убава жена?

– Не можам да се пожалам. Навистина се чувствувам добро во својата кожа. Секоја жена треба да научи да се негува во текот на целиот живот. Да си создаде навика и да не си дозволи запоставување на својот изглед заради други причини. Според мене, секоја негувана жена е убава жена, без оглед на годините.

  • Што е потребно да поседува една девојка за да биде топ модел?

– Покрај стандардните мерки, како висина, тежина и пропоеции, за топ модел треба нешто повеќе. Односно, нешто поинакво, посебно, карактеристично. Би можело да се каже – некаква лична харизма. Има многу убави модели, но само неколку од нив се топ модели. Ќе забележите дека не се совршени, но дефинитивно се разликуваат од другите и нивните лица не можете да ги заборавите.

  • Не се чувствувате ли некогаш само како „тело“, како „закачалка“?

– Најбитно е каков став има девојката кон работата. Некои се подготвени да направат се, па макар и да се чувствуваат мизерно. Јас немам такво искуство. Додека работев, ме третираа како модел и како личност. Точно знам што е мојата работа и зошто сум дојдена таму. Ни повеќе ни помалку. Кога ќе се направи еден баланс, се функционира како што треба.

  • Што добивте од манекенството?

– Големо животно искуство. Добив можност да го прошетам светот, да запознаам прекрасни луѓе. Научив да се грижам за себе и за луѓето околу мене. Секој човек е одговорен за своите постапки, па така и јас. И во секое лошо можам да најдам нешто добро.

  • А што пропуштивте?

– Има многу нешта што не сум ги направила, а сакам многу да се обидам. Чувствувам во себе голема неисцрпна енергија. Обично велам, се во свое време, но можеби ми треба некаков предизвик. Сега сум позрела и помудра и на работите гледам поинаку од порано. Знам често и да згрешам, но и од тоа можам нешто да научам.

  • Велат дека на убавите лица има повеќе солзи?

– Има солзи, но се поубави.

  • Што чувствувате кога ќе се видите на некоја реклама?

– Да ви кажам искрено, редовно го помислувам истото: „Неее, ова не сум јас! Ова не личи на мене!“ И, тоа е се.

  • Го прави ли облеката човекот?

– Излитената фраза дека „облеката не го прави човекот“ не важи. Мислам дека е битен ефектот „на прв поглед“. За некој да ти привлече внимание треба да изгледа пристојно и да е облечен со вкус. Дури потоа доаѓа се друго, нели!? За мене сите луѓе се исти. Не ми значи и не ги двојам според титулите и статусот, тику според карактерот и постапките.

  • Веќе четири години сте во врска со стилистот Сергеј Варошлија, кој е пет години помлад од вас. Како функционирате? Ве прифати ли лесно околината како двојка?

– Со Сергеј се знаеме многу одамна, но ете, требаше да помине време за да станеме пар. Искрено, не ми се веруваше дека може вакво нешто да ми се случи и тоа да функционира толку совршено. Одлично ми е со него и во него го најдов не она што го барав, туку повеќе од тоа.

На почетокот на нашата врска имав малку трема како ќе ме прифатат неговите родители, дали ќе ја одобрат нашата љубов, имаат ли предрасуди? Меѓутоа, излезе подобро отколку што се надевав. Луѓето ме прифатија како нивно дете и јас навистина ги чувствувам како свои родители. Најважно ми беше тоа: како се чувствуваат заради нас моите и родителите на Сергеј. Бидејќи тие се среќни поради нас, тоа ме прави мене уште посреќна. Што мисли околината воопшто не ме интересира. Битно е што мислат луѓето кои ги сакаш и кои те сакаат.

Бранка Н. Доневска

„Старт“, 2000 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *