Сутерен.мк

Додека смртта не не раздели?!

Заедно живееме неколку години. Не сме венчани, но тоа планираме да го сториме наскоро. Мене ме мачи токму тоа. Во овие пет години заеднички живот и се побројните распаднати бракови околу мене сосема ја изгубив желбата за формален брак. Зарем само толку има? Зарем бракот е само ручање заедно, суредување, седенки со пријателите, плаќање на сметки? Здодевно ми е, банално и депресивно. Зарем ќе останам цел живот заглавена само со една личност?

Дина, 29

Дина дарлинг, немам против јас ничиј лајфстајл. Не го одобрувам повредувањето на другите и попустото трошење на животот. Ете, вие сте на најдобар пат тоа да го сторите – да се повредите себе и другите подлегнувајќи им на општествените норми, умилкувајќи и се на средината. Да влетате свесно во лицемерие.

Американската историчарка Памела Хааг има напишано една многу добра книга „Брак – строго доверливо“, што ви препорачувам да ја прочитате. Имено, таа во неа смета дека бракот во 21 – от век треба да се редефинира. Зашто оној завет „се додека смртта не не раздели“ е создаден во време кога просечниот животен век траел околу 35 години. Што ќе рече, смртта била поизвесна од разводот.

Брачната заедница (би требало да) значи стабилност и токму таа сигурност ја убива желбата во бракот, а страста исчезнува. Некои партнери се фокусирани на децата, некои на други заеднички проекти, а на одредени ништо од тоа не им е доволно па се впуштаат во прељуба, па дури на некој начин и го легализираат неверството.

Може и така, како последниве, однадвор традиционално, одвнатре без никакви огради, но за тоа треба согласност од двете страни, а тоа богами е многу потешко да се изведе отколку да се рече. (Особено со овдешниве мажјаци.)

Во западниот свет дури 21 отсто живеат во отворени бракови. Впрочем, научната јавност веќе со години се прашува дали на моногамијата и е дојден крајот!? Многумина од нив сметаат дека на луѓето најприродна им е кусотрајната моногамија, од три – четири години односно, онолку колку што на примитивната заедница и требало за да го одгледа детето и научи да разликува што се јаде, а што не, кои животни се опасни, кои безопасни.

Ова дури не е ни нова вест: уште во 50-тите години од минатиот век, прочуениот Алфред Кинси, докажал дека 46 отсто од тогашните мажени жени се неверни. Значи, нашите баби не биле ништо поарни!

Не сакате брак? Не влегувајте во него! Меѓутоа, господинот прекрасен, кој ќе ви ги реши сите проблеми, кој постојано ќе биде секси и ќе ве забавува, нема да дојде. Никогаш. Зашто таков не постои.

Бајката „среќно живееја до крајот на животот“ е за мали деца, за полесно да заспијат. Токму таквите големи романтични очекувања доведуваат до разочарувања. Сега и овде, но и во големиот бел свет…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us