Сутерен.мк

(Не)религиозна љубов

Мојата ќерка е во врска со германски муслиман подолго време, за што јас, како мајка разбрав дури неодамна. Кога ми кажаа дека сакаат да се венчаат. Потенцијалниот зет е многу ситуиран, образован, човек со широки и здрави погледи на животот, нештата и луѓето околу себе, родителите му се многу широки и урбани луѓе, ми ја почитуваат ќерката, ја сакаат и уважуваат. Но јас, не и мојот сопруг, се уште не можам да се помирам со мислата дека мојата ќерка ќе се омажи за муслиман. Па кои празници ќе славиме, каде ќе се венчаат, кај ќе ги крштеваме децата? Се двоумам всушност, што да правам?

Неверничка

Неверничка дарлинг, дали некои меѓусебно ќе се согласуваат, почитуваат, сакаат, не зависи од нивната религијата туку од тоа дали ќе успеат да пронајдат нешто убаво еден во друг, што ќе го „оправда“ сето тоа.

Врските кои го искористуваат времето на најдобар можен начин се оние во кои партнерите еднакво се друштвени, отворени и делат заеднички идеали. Значи, не се работи за потеклото (кое е наметната, општествена етикета) туку за целите низ животот, смислата, навиките што не поврзуваат или не…

Врските се совршени кога сме подготвени на компромис, здраво размислување, почитување на другиот, а не заради потеклото на партнерите.

Различната верска припадност е пречка, ако религијата ја гледате низ призмата на церемонии, а не низ суштината. Еден поинаков поглед и ќе сфатите дека сите религии проповедаат едно исто.

На крајот, најискрено да ви кажам, многу посреќна ќе бидам со зет од друга вероисповед, но кој ќе ја почитува, сака и, и овозможи на ќерка ми личен развој, отколку некој од истиот атар, кој ќе ја цеди и цеди во секоја смисла, кого ќе треба да го туркаме сите онака, на мускули за да го сториме човек достоен за семејството т.е. моето дете.

Ама ич не ми се допаѓа идејата да трпам некое мекотелно животинче, чии родители уште ќе бараат од мене да им кажам и фала што ми дале зетче, кое ќе легачи, доминира неоправдано, лигави и тресе глупости.

Патем, колку тоа во државава ни се религиозни? На прсти се бројат оние кои ја прочитале Библијата, кои се верници, ортодоксни.

Мнозинството, одат во цркви (и бесат крстови на ретровизори) затоа што некој така им рекол. Затоа што така правеле нивните баби, татковци, комшии…

Драга моја, во сево ова има повеќе традиција отколку вистински вредности. Па вие сега, извагајте…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *