Поминаа веќе четири години од големото глобално движење на ТикТок и, крајно време е за следната нова голема социјална мрежа. А тоа е – Клабхаус (Clubhouse).
Постои помалку од една година (тргна од САД), а веќе ги вознемири и Кина, Бразил, Турција… Кај и да е, секако ќе чуете за оваа апликација. На неа се „вдомени“ на време Илон Маск, Марк Закерберг, Дрејк, Кање Вест, Опра Винфри…
На апликацијата нема текст, слики ни видеа – само аудио! И тоа во живо, во реално време! Можете да отворите виртуелна соба или да и се придружите на некоја од постоечките. Ако сакате да зборувате, треба да кренете рака. Разговорите не се снимаат!
Недостаток во моментов е што таа не е достапна за андроид оперативните системи, но за ајфоните – да. Како и да е, Клабхаус за сега „работи“ само на повик – мора некој да ве покани за да се зачлените во клубот.
Впрочем и мејлот на Гугл на почетокот функционираше исто, само на повик, се додека не влезе во мејнстримот и ја надмина точката од 1,5 милијарди корисници. А Клабхаус во моментов има два милиони активни членови.
Ризикот е што конкурентите можат лесно да го ископираат, како што му се случи на Снепчет од страна на Инстаграм, па Снепчет од една оригинална платформа се претвори во „втора рака“ апликација.