Сутерен.мк

Ноне Абрашева Ноциќ: Кого удрам, не жалам!

Во ова екстремно стресно време многу ме израдува веста дека во скопско Дебар маало се отворила анти-стрес соба.

Ова описно значи дека за шестотини денари и влагате на собата облечени у заштитно одело и кацига, наоружани со чекич и палка и почнувате да кршите, дробите, акнувате од земја, се што ќе ви се најде на патот. Како што е редот, за да функционира овој генијален изум на располагање се чаши, флаши, расходовани ве-це шољи, бидеа за миење газ и разно-разни податливи за кршење предмети, од позната и непозната материја.

Терапиското дејство на ова лечење со мавање, многукратно се зголемува доколку имате виртуелен приказ од оној што мислите дека треба да го јаде, односно да си го добие -дебело на цело! Залепете сликички, направете холограм и играјте – кого удрам не жалам!

Така е тоа, кога некои персони не се разбираат со добро. Со збор. Со молење, плачење и кумење. Ќе бидат виртуелна мета за душевно исцелување. Така е тоа, кога неформалната фејсбук група (Ковид 19 искуства и совети), во време на пандемија е поефикасна од едно цело Министерство за здравство, плус комплетниот придружен здравствен систем. Драгауууууу, шамар со пуна десница? Правилно.

Така е тоа, кога наместо да ти извадат бебенце, ти вадат и матка и бубрег и јајник. Дигање на клоци? Најпаметно. Така е тоа, кога си државен советник, а продаваш скапо платени животи за ефтини пари по белиот свет. Заслужен чакмак, мацола и две-три чврги? Малку е, малку! Така е тоа, кога шушумиги во форма на блокатори на тркало, водат инат за социјална помош, економски мерки, клинички центри, попис… Џиу-џицу потез, може? Обавезно.

Така е тоа, кога Комисија за заразни болести носи мерки по Архимедов, наместо по Хипократов закон. Директ со лева и одма после десен аперкат? Давај. Така е тоа, кога лобираш за туѓа, а си дебело платен да бидеш министер на својата држава. Да заиграат нунчаки? Да, да, без дилема. Така е тоа, кога си купуваш тенкови, а граѓаните се молат за клексан и инсулин по чужди земји. Два рапуша и една глава, дали може? Дај одма! Без да му ја мислиш, гоу Џанго, гоу.

Така, така, него како?

Нашироко се расприкажува дека ваквата активност ослободува од гневот и љутината што ви го јаде џигерот, ви ја пие крвта и ве фрла у брзорастечка депресија. Одозгора на тога, (ко што вика еден лидер), после оваа активност, никој не смее да ви стегне кривична, да ви се закани, или да ве стрпа у чорка за терористичко делување. Се си е по закон! Си платил-тепаш! Поштено.

По ваков нервно – нирванистички третман, антителата на душевниот мир и спокојство толку многу ќе се зголемат, што глупостите што ќе ги гледате секојдневно во вашето опкружување сега, надаље и у будуче, нема да предизвикаат тешка форма на болеста или не дај боже, смрт. Ќе бидете вакцинирани, без вакцина. Ќотекот е од рајот излезен, ви викам ја!

Драги политиканти наместо политичари, шалабајзери наместо државници, михаузеновци наместо лидери, заслужни лижачи на газови наместо директори, послушници наместо пратеници, корумпирани шуги наместо административци, крадачи на државно добро наместо членови на управни одбори, тешки манипулатори наместо чесни водачи, и сите останати некадарници од разни вери и нации, немојте да се плашите од виртуалните ќотеци. Тоа е добро за здравјето на нацијата, на која вие требаше да и обезбедите добро здравје. Треба да се плашите од денот што ќе дојде. А, ќе дојде ден…

Ќе дојдат и нови деца. Тие нема да бидат соучесници во денешницата, нема да бидат сведоци, нема да бидат ниту жртви! Нема да има од што да се плашат, а ќе памтат. Како по атавизам! Тие за разлика од нас, ќе можат, ќе знаат, ќе сакаат и што е најважно – ќе смеат! Тогаш без никакво ревидирање на историјата и на учебниците, вие ќе бидете опишани точно такви како што сте: организирана мафија што е толку недоквакана што не успева да си ги сокрие ни сопствените лепешки. Мафија од Али Експрес. Од тој ден да се плашите!

И да не биде дека не сум рекла: сите гореспоменати дами и господа ги замолувам да се држат на безбедна раздалеченост од мојот видокруг!

Брза сум, ќе ги фатам и ќе им се наебам на мамицата. Макар тоа било и во собата за ќотеци!

(Авторката е новинарка.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични ставови на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us