Сутерен.мк

Отец Пимен: Те нема

Не дека ме нема де. Тука сум покрај куферот овде легни, онде стани. Наутро радост понеси, навечер умор донеси и стотици километри зад себе остави. Овде темели за црква стави, а онде веќе за цртање дошло време. На трето место пак, ете црква сме купиле, па договор потпишуваме. Негде и за кавга стигнувам.

Со благост дур се може, а после и сечење кај што фали за да не стане од влакно ортома работата. Некогаш кај што сум бил погруб, па макар и на збор, гледам да стигнам да си подадеме пак рака и да тераме напред. Чунки душа носиме. Сполај Му Нему, стигнувам веќе низ епархијата и јубилеи да славиме и гости да пречекаме, па и кога ме викаат во сестринските цркви да се појавам.

Ете гледаш ме има сегде по малку, до душа, дома најмалку. Да не е колава, жив ненаспан ќе останам.

Не ми пишувај единица за промашена тема. Знам дека не е тоа муабетот од насловот. Ама ете треба нешто и како вовед да се напише.

Ме нема или поточно ретко ме има на ФБ. На раб сум да ми ја одземат титулата Фејсбук владика. И после ете, ќе се чудам што титула ќе ми остане, оти не сум ни за на Инстаграм, а уште помалку за на Тик ток. До душа, освен во Великите пости секој ден отворам ФБ и гледам како тој неограничен виртуелен простор полека, но сигурно ја губи основната функција.

Функцијата да се потсетиме на оние што одамна не сме ги виделе, да се изнајдеме, да споделиме со нив радост, некогаш и тага. Да поучиме од попаметните, да се испоканиме на настани, па ете таму и лично да се запознаеме. Да се организираме, кога е потребно и да подадеме рака, да помогнеме онаму каде што е најпотребно.

Со радост да ги читаме досетливите за слатко да се насмееме, да се обидеме да дадеме курс за оправање кога забегува општеството, системот, партии, организации, црква, па и поединци. И сé тоа со надеж во подобро утре и со добра мисла кон оној човек или институција кого го/ја опоменуваме. Да спротиставиме концепти и аргументи. Да ни се судрат размислувањата и концептите, но да не се судираме како личности и да се замразиме.

Така тргнавме.

Е, арно ама…

Се потсетивме на оние подзаборавени роднини, пријатели, другари школски и војнички, колеги и откако допревме и до некои познати личности и направивме виртуелни пријателства, почнавме да споделуваме секојдневие со тој наш нов круг на пријатели, па малку застранивме. Некогаш радост споделувавме од родендени, матурски, нови раѓања, крштевки, венчавки и така си ја делевме радоста и си ја умножувавме преку бројните коментари и пораки од ближните. Таква си е радоста, кога се споделува се умножува.

Ја споделувавме и тагата напати за да ја смалиме преку добиените коментари од оние кои нѐ љубат и ни значат.

Заследувавме луѓе за кои сме имале добро мислење и сме сакале преку нивните постови да читаме нивно размислување, да купиме знаење. Од хуманите да прочитаме апел за помош за лечење на болно дете и да се фатиме за телефоните за донација, или за сиромашно семејство да ги спакуваме сите оние вишок работи по дома од облека до покуќнина и да им ги однесеме до куќен праг, пак останувајќи во анонимност.

Се каневме на убави настани. На разни прослави, промоции, изложби, концерти, наши или на наши ближни. Се каневме и на литургии, канонизации, литии. И на тие настани од виртуелни станувавме вистински пријатели. Радоста уште поумножена.

Ги откривавме по препорака од еден на друг и заследувавме и по некој досетлив, духовит и вицкаст лик за едвај да чекаме да ни почне денот со некоја нивна досетлива забелешка преку која ќе разберевме за некоја лоша политичка одлука, па низ смеа не нé тиштеше толку. Ги читавме и оние слободарски умови кои укажуваа на застранувањето на системот, на општеството, на политиките државни, на поедини моќници, водени од надежта дека и нашите размислувања ќе допрат до нив, па ете ќе смениме нешто и ќе го пречекаме побрзо подоброто утре.

Кршевме копја бранејќи ставови. Сепак, држевме и едно ниво од типот: те читам, те почитувам, но со ова не се согласувам поради тоа и тоа. Или пак: ајде да седнеме некој ден на кафе да се дообјасниме…

Изгледаше дека наѕира надежта.

Дотаму стигнавме.

Е арно ама…

На ѕидовите никнаа и луѓе кои немаат со кој да скршат два реда муабет, а се сметаат себеси за стручњаци во секоја област, па провоцираат ли провоцираат за да се најде некој да им одговори и да тргне дијалогот. Да се изнамуабетат во коментари. Нека се здрави и живи. И тие се наши. Ги има и такви кои знаат кој ќе оди во рај, а кој во пекол после смртта. Ма знаат тие дури и кога “предавниците” и “еретиците”, според нивниот суд, ќе се упокојат и им обезбедуваат карта за пеколот. И тие да се живи и здрави.

Го претворија фејсбук – просторот во клетварник, во пизмарник. Вулгарност и пцовки башка. Не знае за што точно, ама те мрази од дното на душата. Не разбраа дека треба да се мрази гревот, а не грешникот. Белким ќе разберат, за нивно добро, та да не заминат џенем кај што те праќаат тебе.

Демократија. Секој има право на свое мислење, па колку и да не е издржано и колку и да нé нервира.

И ништо страшно не е ни тоа. Ако имаш смелост да кажеш мислење, став, имај и нерви да го истрпиш и највулгарниот коментар.

Во радоста, може и лицемерно, ама си честитаме и ден денес. Во тагата, за жал, не се почитува понекогаш правилото дека за покојникот сѐ најдобро се кажува, па ќе летне понекое: „еден ваков таков помалку“ и „убаво му се стори“. Да не им се стори и ним тоа само.

Од организираните акции и настани уште има аир, само што и таму ќе се најде некој што после свадбата чука тапани и ќе каже дека поинаку и подобро тој ќе го направел. Ете му следна прилика кога знае, нека се покаже.

И духовитите дури си страдаат, оти оној што нема смисла за хумор има обврска да се грижи за малцински, родови, расни, полови и сексуални права и да ги штити од вицкастите. И пак арно. Едни ќе се насмеат, други ете ќе се „пењават“ за правата и правдата.

Закани и фалењата дека кога ќе те сретнат ќе покажат мускули не се ретки. Фала Му на Бога, храброста на ФБ и храброста при лични средби не е иста. Па сите си сме и живи и здрави и неповредени и неосудени. Ветер дупка не полни, велеа старите.

Е, арно ама…

Е, арно, ама причината што ме нема на ФБ толку често, сепак не е таа. Не е дека ме нема бидејќи некој ме заплашил, надзборел, исплукал или опцул или дека ме пратил во пекол и ме нарекол еретик, екуменист, северџан, предавик, одродник, расипник, арамија… па ете сум се уплашил или навредил.

Верував дека водам борба со застоен систем кој треба да се руши, за да видиме посветол ден. И системот се сруши. Партијата се смени, луѓето на позиции се сменија, е арно, ама навиките за вработување, за терање лична корист и слава не баш се променија. Не исчезна ниту оправдувањето: „е што тие да не беа подобри“. Законот сепак, остана рибарска мрежа која ги лови ситните риби, а големите не може да ги задржи.

Оние кои тргнаа да ловат безаконие во безаконие се заплеткаа. Се смени нешто? Се смени само името, кога рекоа дека тргнуваме на север, а кое се покажа дека сепак, не бил последниот услов за евроинтеграциите. Ни останаа само магарешките уши.

И ете немам ни верба ни сила да се надевам дека, ако ги критикувам и сегашниве дека ќе ги донесеме на власт највистинските, највредните и најспособните и најчесните и дека силно ќе светне ден.

Тоа едно, а друго кога ги критикувам актуелниве, кои ама ич не блескаат како што милуваат да кажат, другите мислат дека еве бродот тоне, а јас сакам да фатам приклучок кај нив.

Ич немам таква намера. Се изнавозевме на разни погрешни бродови децении наназад. Се знаеме сите де, ракатка народ останавме.

Дополнително што не сметам дека дрскоста и вулгарноста на одредени политичари на ФБ и Твитер е храброст, туку обичен простотилак.

И така ете, тука сум, а ме нема.

П. С. Во надеж дека повремено некому недостасувам и за совет и за кавга, повремено ќе се јавам да ја разбрануваме, колку-толку, барата за да не нѐ задуши жабокречината до крај.

(Авторот е митрополит на Европската епархија на МПЦ-ОА. Попознат, како отец Пимен. Роден, одамна во Ресен. Од ‘97 година во Водочки манастир. Живее во кола.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

One thought on “Отец Пимен: Те нема

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *