Во брак сум веќе десет години и немаме деца, а јас имам 42 години. Нема никакви шанси да останам бремена, во мене е проблемот, сопругот не сака да се разведе од мене, а и многу е сомничав околу прашањето за посвојување. Да бидам искрена и јас сум. Не знам што да правиме па ни треба еден онака, независен став.
Колеблива
Колеблива дарлинг, независен став не постои на светов и веков, сечие мислење, коментар, потези зависат и тоа како, од неговото лично искуство, генетски и воспитен потенцијал.
Работите стојат отприлика вака: правото на секое дете е да расте во семејство кое го прифаќа, сака и ги задоволува неговите потреби за што подобро тоа да функционира. Најдобро за детето е да расте со своите биолошки родители, но секако, тоа никако не е пресудно за неговата идна среќа. Затоа што, да се има дете, по билошки или по пат на посвојување, пружа огромна радост, но тоа е е истовремено, пресериозна и преодговорна задача на која не баш сите, можат да и одговорат со потребниот капацитет.
Токму затоа и она „сите можат да создадат деца, но не секој може и да посвои.“ Посвојувањето што ќе рече, ви дава по „автоматизам“, поголем кредибилитет да бидете признат како совесен родител.
Како и да е, доколку се решите, треба да знаете дека овој потег треба да биде единствена одлука на двајцата партнери, зашто во интерес на секое дете е партнерството меѓу неговите родители да го „преживее“ родителството.
Сите велат дека „децата ја зацврстуваат заедницата, благодет се…“, но никој и тоа дека „децата внесуваат хаос, непроспиени ноќи, обврски, нервози…“.
Треба и да знаете дека основната цел не е посвоителите да добијат дете туку, детето да добие родители кои се способни да го сакаат, негуваат и почитуваат.
Откако детето ќе дојде во вашето семејство (се надевам дека тоа ќе се случи, ама не без ваша потполна сигурност во ваквата желба) би било добро уште веднаш да му го напоменете неговото „невообичаено“ доаѓање во вашето семејство.
Некои мои креативни пријателки тоа го објаснуваат како „има деца родени од мајчиниот стомак, но и онакви, од мајчиното срце“. Кажете му дека сте го избрале, но и дека истовремено тоа ве избрало вас. Дека сте препознале дека вие две/три, осамени душички си припаѓате едни на друг. Кога ќе потпорасне, се ќе му биде појасно и, полесно.
Што и да решите, јас знам само едно: детето е на оној, кој ќе го исчува…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)