Успехот на првата македонска балерина во легендарниот театар не е само приказна за балет, туку и за храброст, упорност и верба дека талентот, кога е придружен со огромен труд, може да ги надмине сите предубедувања, сомневања и граници. Приказна за една млада девојка, чија кариера почна во Скопје, а денес продолжува на врвот на светската балетска сцена
Родена и (речиси) израсната во нашата земја, Стефанија Гаштарска првите чекори ги направила во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, каде што почнува оформувањето на нејзиниот уметнички идентитет. Нејзината амбиција, сепак, не се задржала во рамките на домашната сцена. Поттикната од желбата за усовршување, таа заминува во Русија кога е речиси сè уште дете и се запишува на престижната Бољшој балетска академија во Москва, институција што се смета за еден од најголемите храмови на класичниот балет во светот. Таму, меѓу најдобрите млади балерини од разни земји, успава да се истакне со своите работа, дисциплина и уметничка зрелост потврдувајќи дека талентот нема национални граници.
Клучен момент во нејзината кариера е 2018 година кога дебитира на сцената на Бољшој како Аурора во „Заспаната убавица“. Па, така, Стефанија станува првата македонска балерина што настапила како дел од овој легендарен ансамбл. Тоа не е само личен успех, туку и значаен момент за македонската култура.
По дипломирањето на Бољшој академијата и приемот во трупата на Бољшој театарот, оваа балерина почнува професионална кариера во Пермскиот театар. А денес таа е истакната солистка во театарот „Михајловски“ во Санкт Петербург. Во меѓувреме, прогласена е за една од најперспективните балерини на современата сцена, препознаена и од престижниот магазин „Форбс“ како голем светски балетски уметник.
Покрај сценските достигнувања, Гаштарска е и бренд-амбасадор на компанијата „Гришко“, глобално угледен производител на балетска опрема. Признание што ја позиционира и како влијателна фигура во современата балетска култура.

Кој момент во животот Ви беше потежок? Заминувањето од Северна Македонија или останувањето во Русија?
– И двете фази носат своја специфична тежина, но доколку морам да избирам, тоа беше заминувањето од Македонија на 14 години. На таа возраст, кога сè уште го градиш својот идентитет, да се одделиш од семејството и топлината на домот за да влезеш во суровиот свет на балетот е огромна жртва. Останувањето во Русија е секојдневна борба и дисциплина, но заминувањето од Македонија беше чин на храброст, кој ме дефинира како личност. Денес, кога стојам на сцената на театарот „Михајловски“, знам дека таа 14-годишна Стефанија би била горда на патот што го избра, колку и да беше тежок почетокот.
Што научивте за себеси додека живеевте сама во странство како тинејџерка?
– На 14 години, кога си сама во туѓа земја, брзо сфаќаш дека нема секогаш да има кој да те фали или да те бодри кога ти е тешко. Сфатив дека дисциплината е единственото нешто што те држи во тешките моменти и дека откажувањето, едноставно, не е опција, дури и кога телото и умот велат – доста е.
А од Русија?
– Учев да го гледам светот низ две диоптрии истовремено. Од една страна, од Русија ги научив челичната дисциплина, почитта кон традицијата и сериозноста на професијата, а од друга, ги зачував нашата македонска топлина и способноста да му се радувам на животот. Оваа двојност не ми пречи, таа ме збогатува: ми дава можност да танцувам со руска прецизност, но во секое движење да внесам балканска, искрена страст.

Дали некогаш сте се почувствувале дека морате двојно повеќе да се докажувате затоа што не сте Русинка?
– Во Русија балетот е национална гордост и критериумите се брутални. Како странец секогаш чувствуваш дека секој твој чекор се мери со поостро око. Не е доволно да бидеш добра како нив, мораш да донесеш нешто поинакво, нешто свое. Тој притисок не го гледам како пречка, туку како мотив. Тоа ме натера да работам двојно повеќе на техниката, но и да ја зачувам мојата автентичност. На крајот, сцената не препознава националности, туку емоција, труд и душа.
Како се справувате со конкуренцијата во средина во која сите се најдобри?
– Во театар конкуренцијата е постојан ветер во грбот. Кога си опкружена со најдобрите, немаш простор за просечност и забошотување. Но научив дека мојот најголем конкурент не е некоја девојка до мене, туку токму јас самата. Наместо да се споредувам со другите, се фокусирам на тоа да бидам подобра од самата себе.
Што од македонскиот менталитет Ви помогна да опстанете во толку строг систем?
– Токму тој наш македонски инает, во најубавата смисла. Кога системот е строг и кога ќе ти кажат дека нешто е невозможно, во мене се буди пркос да докажам дека можам. Ми помогна и нашата отвореност во свет што знае да биде ладен и претерано професионален. Ние носиме сонце во себе и тоа ми помага да останам позитивна и насмеана.
Дали некогаш сте помислиле дека балетот зема повеќе отколку што дава?
– Балетот е љубоморна професија – таа го бара сето внимание, мисли, па дури и емоции да ѝ посветиш. Има денови кога физичката болка и менталниот замор се толку силни што на момент помислуваш: „Дали вреди сето ова?“ Да, ми го зеде слободното време и ме оддалечи од блиските. Но во моментот кога ќе излезам на сцената и ќе ја почувствувам таа апсолутна слобода, сфаќам дека балетот, всушност, ми дал многу повеќе. Ми даде дисциплина, ми го изгради карактерот, ми ја очеличи психата и ми даде можност да зборувам преку движење. Балетот не ми зеде ништо што веќе не бев подготвена да го дадам за да станам она што сум денес.
Кој е најголемиот мит за балерините што, всушност, не е вистина?
– Тоа дека балерините се кревки и нежни суштества. Вистината е дека ние сме професионални атлети со исклучително висока толеранција на болка и челична ментална сила. Луѓето мислат дека нашиот живот е розов и сјаен, а всушност балетот е професија на крв, пот и огромни жртви. Зад секоја поза стои сурова работа, која во никој случај не трпи слабост.
Се чувствувате ли повеќе како уметник или како спортист?
– Јас сум уметник со тело на спортист. Балетот бара физичка подготвеност на врвен олимпиец. Ако на сцената се гледа само мојот напор, тогаш сум спортист. Но, ако публиката ја почувствува мојата среќа, љубов, радост, тага, тогаш сум уметник. Мојата цел е секогаш уметноста и емоцијата да ја надвладеат физичката тежина.
Колку е стравот од повреда присутен?
– Некаде длабоко во мислите, да, присутен е. Нашето тело е нашиот единствен инструмент, а еден погрешен доскок може да значи крај на кариерата. Но со текот на времето учиш како да живееш со тој страв – не го игнорираш, туку го претвораш во уште поголема внимателност и почит кон сопственото тело.
А колку болка се крие зад едно „лесно“ балетско движење?
– Зад таа леснотија се кријат години и години повторување едно исто движење. Болката кај нас балерините е постојан придружник. Но, верувајте, сцената лечи сè…
Постои улога што ја сметате за животен сон?
– Тоа од секогаш беше Китри во „Дон Кихот“. Тоа е улога во која се препознавам и улогата за која сонував уште од првите балетски чекори. Пред само два месеци тој сон конечно стана моја реалност на сцената на театарот „Михајловски“. Чувството кога првпат ќе ја одиграш улогата за која си сонувала цел живот не се опишува – тоа е момент на целосно исполнување. Сега, кога тој врв е освоен, мојот нов сон е да продолжам да откривам нови делови од себе преку други и покомплексни улоги. Китри секогаш ќе има посебно место во моето срце, но сега сум подготвена за нови предизвици.

Што значи успех за една балерина: главна улога, аплауз или внатрешен мир?
– Според мене, успех е да го победиш сопствениот умор и да се појавиш на проба и во моменти кога не можеш, не сакаш и кога си на работ на издржливост. Да се појавиш без разлика на сè. Тогаш вистински си успеал.
А совршенство?
– Совршенството е илузија по која трчаме цел живот. За мене, совршено не е технички беспрекорна претстава, туку момент во кој ќе успееш целосно да се изгубиш во улогата и да ја понесеш публиката со себе.
Дали некогаш успехот знае да биде осамен?
– Успехот може да биде осамен само ако немаш со кого да го споделиш. На почетокот на кариерата можеби мислев дека аплаузот е доволен, но денес знам дека најголемиот триумф е кога по претставата имаш кому да му се јавиш и кој е исто возбуден како и ти! Кога во животот имаш личност што те разбира, те поддржува и која е твојот мир надвор од сцената, тогаш успехот не е осамен.
Што чувствувате во моментот кога светлата се гаснат по настап?
– Тоа е момент на апсолутна тишина. Чувствувам мешавина од олеснување, среќа и тага што магијата завршила. Во тој момент, додека сè уште го слушам одгласот од аплаузот, се чувствувам прекрасно. Тоа се моменти во кои се враќам во сопственото тело по целата емотивна трансформација на сцената.
Кога последен пат сте се почувствувале како обична девојка, а не како балерина?
– Тоа се оние моменти кога сум со луѓето што ги сакам. Кога сум без шминка, без костим, со пуштена коса и надвор од театарот. Последен пат тоа го почувствував во еден неодамнешен викенд кога во тишината на една прегратка сфатив дека љубовта е единственото место каде што не морам да бидам совршена. Таму сум само Стефанија. Тоа чувство дека некој те сака токму поради твојата обичност, а не поради твојот успех, ми дава најголем мир.
Ако утре престанете со балетот, која би била Стефанија без сцената?
– Балетот за мене не е само професија, туку начин на кој ги канализирам мојот внатрешен хаос, мојата дисциплина и моите најдлабоки емоции. Без него, веројатно би барала друга уметност или начин на кој би можела да ја изразам таа потреба за совршенство и убавина. Сигурно би останала личност што не признава просечност и која секогаш оди до крај. Сепак, балерината во мене е веќе врежана во мојот карактер.
Каде денес е Вашиотт дом? Местото каде што живеете или местото каде што израснавте?
– Домот е во прегратката на личноста што ја сакаш.
Бранка Д. НАЈДОВСКА