Сутерен.мк

Штетен инает

Со другарка ми се знаеме скоро цел живот, но не знам дали беше отсекогаш таква или е во последно време, главно многу ми оди на нерви. Инаетчика е, ми глуми некаква фаца, вљубена во себе и многу суетна. Стално сака да ја фалам, да и се восхитувам, да ја тинтрам и многу се лути, ако нешто кажам, а нејзе не и е по кеиф. Не знам што да правам?

Марија

Марија дарлинг, амбицијата, суетата се честопати движечки фактори за општото добро на заедницата, но многу е важен начинот на кој ја искажуваме. Најдобрата варијанта на луѓе веројатно се оние кои успеваат својот инает, лутина да ја држат под контрола – за таквите велиме дека се реални, стабилни, доверливи и луѓе со широки сфаќања, кои нормално се развивале и функционираат со современите општествени текови и згора на се имаат исполнет интимен живот. Од другата страна истите тие без претходно кажаното стануваат обични к’ниња, што ќе рече егоцентрици, уплашени од сопствената немоќ, со чувство за помала вредност, кои очајно докажуваат дека може да се стигне каде тие сакаат и дека во истото не може ништо да ги спречи! Денес, општествено прифатливи се многу варијанти на агресивна суета, т.е. дека по секоја цена мораме да докажеме (кому!?) дека нешто вредиме! Надменоста, хроничното нездоволство, желбата за контрола, за елитизам, инсистирање на бон-тон, гордоста… се верни следбеници на суетните луѓе. Тоа се накусо, садо мазохисти. Или – емоционална незрели личности. Меѓутоа, кога сме вакви, намерно или не, повредуваме други луѓе, а тоа ама ич не е добро. Се додека еден ден конечно не погледнеме околу себе и не без доза на изненадување сфатиме дека сме тотално сами. Напуштени. И никому веќе не му е гајле за нас. Психолозите тврдат дека децата кои добиваат доволно внимание и љубов подоцна немаат потреба истото да го бараат од сите други околу нив – постојано. Затоа и сум цврсто убедена дека детството не треба да биде исполнето со премногу строги правила туку со нежност и љубов. Можеби тоа е причината што вашата другарка е таква, но секако немате никаква обврска вие да ја „лечите“, а ако сакате да и помогнете, покажете и ја оваа страница. Совеста ќе ви биде мирна дека нешто сте сториле. Доколку ништо не се промени, прашајте ја да не е случајно докторка или Англичанка? Доколку ви одговори негативно (експертите тврдат дека ова се најсамобендисаните луѓе), кажете и дека во тој случај нема никакво оправдување за нејзиното однесување,а потоа запишете се на медицина или отпатувајте во Англија. Со ваков тренинг, ќе се чувствувате како риба во море…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us