Сутерен.мк

Британската исхрана е посмртоносна од ковид-19

Храната е најверојатното нешто што предвремено ќе му го прекрати животниот век на просечниот Британец, и не која било туку главно ултра-преработената храна на која отпаѓа најголемиот дел од британската исхрана, некои си 57 отсто

Британски Телеграф пишува дека над 80 отсто од преработената храна што се продава во Британија е толку нездрава што според насоките на СЗО, таа е небезбедна за да им биде рекламирана на деца, „а не дека е добра ни за возрасни.“
„60 проценти од возрасните во државава се дебели или прекумерно дебели, а до 2060 оваа бројка се очекува да достигне 80 отсто.

Нус-појавите од дебелината вклучуваат депресија, анксиозност, неплодност, висок притисок, болки во зглобови, губење здив и лошо спиење.

И ова е пред воопшто да дојдеме до вистински лошите појави: рак, деменција, срцеви болест и дијабетес тип 2,“ пишува Хенри Димблби од Телеграф.
Процената на ОЕЦД е дека британската економија годишно губи 74 милијарди фунти заради намалена продуктивност на работната сила, скратен животен век и трошоци за јавното здравство поврзани со висок БМИ.
„Страшно е што никој не е гневен заради ова. Замисли само ако нов вирус почнеше да убива и осакатува луѓе во толкав број, без да му се гледа крајот.

И не мора да замислуваш: знаеме колку далеку политичарите и јавност се спремни да одат за да се справат со таква закана. Но за разлика од ковид, пандемијата на болести поврзани со исхраната ни се вовлече незабележливо, под заводливиот плашт на ‘избор’.

Оваа промена беше доволно постепена за да не приспие во еден вид беспомошна субмисивност. Без разлика колку се лоши насловите, британската јавност (и политичарите) никако да ги фати соодветно ниво на страв. Наместо тоа ние инстинктивно се враќаме на она што го сметаме дека е ‘разумно’ решение. Премногу често овие решенија не се само погрешни туку и контрапродуктивни,“ смета Димблби.

Тој пресметал дека од 1996 до 2022 британските влади вовеле 689 различни политики за спречување на дебелеењето на нацијата, а бројот на дебели во земјата не само што не е намален туку оди и во нагорна линија.

Основната грешка на овие политики е претпоставката дека здравствените проблеми од лошата исхрана потекнуваат од лична одговорност, „па нивниот одговор е да се образува јавноста за здрава исхрана, да се поттикне вежбањето и другото да се остави на индивидуална волја“.

„Ваквото размислување не го зема предвид самиот обем на проблемот. Во 1950 нешто под еден процент од британската популација бил клинички прекумерно дебел. Денес бројката е 28 проценти.

И сега ние треба да веруваме дека во годините помеѓу, народот страдал од масовен колапс на индивидуалната волја? Секако дека не. Луѓето не се промениле. Системот за исхрана е променет,“ порачува Димблби.
Под „систем“ Димблби ги подразбира сите мерки кои се преземени изминативе 70 години (зелената револуција) за унапредување на светското производство на храна, од развивање на понапредни и поплодни сорти, до нивно комбинирање со вештачко ѓубриво пестициди, хербициди и модерна машинерија. Па затоа денес произведуваме 50% повеќе калории по глава на жител од што ни е потребно.

Процената на Димблби е дека нус-појавите на револуцијата сега почнуваат да не убиваат, конкретно климатските последици што потекнуваат од индустриското земјоделство, и кои изминативе години доведоа до најлошата суша во Италија во последниве 70 години, падот на жетвата на житарици во Франција за 28 отсто под предвидувањата, неочекувани студени бранови во Шпанија и Мароко, кои го пресекоа производството на зеленчук.

Следејќи ги чисто еволуциските навики на човекот Зелената револуција создаде изобилие на шеќер, брашно и растително масло. (Човековата стрвност е најголема кога масти и шеќер се мешаат во сооднос 1:2, бидејќи тој е соодносот на мајчиното млеко. Истата формула се користи и за производи како чоколади, сладоледи и слично.)

„Па заради ова компаниите имаат финансиска инцијатива да развиваат и промовираат храна која главно ги користи овие состојки. Тие не го прават ова само за да фатат поголем удел од пазарот, туку и за да го израснат самиот пазар. Новите огласувачи учат околу ‘ефектот на консумација’: дека луѓето кои дома имаат повеќе храна ќе јадат повеќе. Промоциите во продавници ‘купи едно и добиј второ бесплатно’ се експлицитно направени за да се убедат купувачите да купуваат повеќе од што им треба.

Чоколадото има ‘експандибилност’ од 93 отсто, што значи дека ако употребиш ваква промоција, потрошувачите во просек е речиси два пати поверојатно да купат чоколадо отколку што би купиле без промоцијата,“ објаснува Димблби.

Сите овие статистики и подемот на преработената храна е инстантно воочлив во кој било супермаркет каде свежата храна преставува само еден мал зелен остров во морето од преработена и пакувана храна.

„Само слатките, кои се мал дел од пазарот на преработена храна, вредат околу 3,9 милијарди фунти годишно. За споредба, целиот пазар на овошје и зеленчук во Британија вреди 2,2 милијарди фунти годишно,“ пишува Димблби.

Исплатливоста на преработената храна делумно е и затоа таа е 3 пати поевтина по калорија отколку поздравата храна. Ова во добар дел објаснува и зошто лошата исхрана е доминантна кај посиромашните слоеви, како и значително поголемиот број на дебели меѓу нив.

Проблемот со исхраната е сериозно поддржан и од стравот на владите и политичарите да земат подиректна улога во неговото решавање. Ова меѓудругото се должи на комбинација од притисок од лоби групите на индустријата за прехрана и стравот дека ќе бидат осудени за предлабоко мешање во личниот живот на луѓето.

Притисокот е и дека директно задирање на државата во продажбата на очигледно штетните производи ќе доведе до проблеми за производителите, кои потоа истите ќе треба да ги решаваат на сметка на вработеноста и успехот на економијата на земјата.

Во ова не помага ни самата организација на британската влада, каде пример за една политика за храна одговорни се повеќе владини оддели, кои го гледаат интересот на индустријата што ја застапуваат. Пример, министерството за финансии треба да реши дали производителите за храна треба да бидат оданочени за шеќерот што го ставаат во своите производи. Министерството за дигитал, култура, медиа и спорт, одлучува дали и кога ќе биде забрането рекламирање на џанк-фуд на деца. Министерството за образование одлучува кој треба да добие бесплатни школски оброци, а сиот овој хаос треба да го резреши министерството за здравство.

И покрај ова Димблби е уверен дека промената на системот на исхрана е неопходна и ќе се случи, само прашањето е колку штета ќе биде дозволено да се направи пред одлучно да се реагира.
Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *