Финска деветта година по ред е прогласена за најсреќна земја во светот, а според економистот Јан-Емануел де Нев од Универзитетот во Оксфорд, клучот за нивната среќа не е богатството, туку чувството на сигурност, довербата меѓу луѓето и квалитетните меѓучовечки односи.
Иако долгите и темни зими, студената клима и високите даноци се првите асоцијации на многумина кога ќе се спомене Финска, жителите на оваа земја од година во година го оценуваат својот живот како подобар од граѓаните на речиси сите други држави. Слично важи и за останатите нордиски земји, кои редовно се наоѓаат на врвот на Светскиот извештај за среќата, пренесува Nova.rs.
Среќата не е исто што и добро расположение
Де Нев, главен уредник на Светскиот извештај за среќата, објаснува дека истражувањето не го мери моменталното расположение, туку општото задоволство од животот.
Учесниците од речиси 150 земји проценуваат каде се наоѓаат на замислена скала – од најдобриот до најлошиот можен живот, а конечниот пласман се темели на просекот од резултатите собрани во текот на последните три години.
Потоа, истражувачите ги анализираат факторите што влијаат врз задоволството од животот, како што се економската развиеност, очекуваниот животен век, достапноста на здравствената заштита, општествената поддршка и довербата меѓу луѓето.
Сигурноста е поважна од богатството
Според Де Нев, парите се важни, но не се пресудни. Она што ги издвојува нордиските земји е силниот систем на социјална сигурност.
Граѓаните знаат дека нема да останат без здравствена заштита, образование или основна финансиска поддршка доколку ја изгубат работата. Таквото чувство на сигурност го намалува секојдневниот стрес и им овозможува на луѓето повеќе време да им посветат на семејството, пријателите и слободните активности.

Довербата и семејството ја прават разликата
Еден од најважните показатели за среќата се покажале меѓучовечките односи. Луѓето кои редовно поминуваат време со семејството и пријателите, како и оние што имаат некого на кого можат да се потпрат во тешките моменти, во просек се позадоволни од својот живот.
Истражувачите користеле и интересен показател – ги прашале граѓаните дали веруваат дека некој би им го вратил изгубениот паричник. Токму во Финска, Данска и другите нордиски земји, мнозинството смета дека тоа навистина би се случило, што укажува на високо ниво на меѓусебна доверба.
Природата и реалните очекувања
Финците поминуваат многу време во природа, покрај езерата и во шумите, а бројни истражувања потврдуваат дека престојот во природа позитивно влијае врз менталното и физичкото здравје.
Де Нев смета дека од многу други народи ги разликува и тоа што немаат нереални очекувања. Наместо постојано да се стремат кон повисоки приходи и повеќе материјални добра, тие почесто го ценат она што веќе го имаат.
Што можеме да научиме од Финците?
Според експертот, државите не треба да инвестираат само во патишта и инфраструктура, туку и во локалните заедници, парковите, спортските содржини и местата каде што луѓето можат да се дружат.
На лично ниво, тој советува да поминуваме повеќе време со семејството и пријателите, почесто да разговараме лице в лице, а помалку преку екраните.
Неговата порака е едноставна – среќата не може да се купи со пари. Таа многу повеќе зависи од чувството на сигурност, довербата во другите луѓе и квалитетните односи со оние што ни се најважни.