Кога денес велиме дека нешто било „вистинска одисеја“, најчесто мислиме на долго, неизвесно и возбудливо патување исполнето со бројни пречки. Но, првобитното значење на овој збор било многу помрачно.
Поимот потекнува од Хомеровата „Одисеја“, старогрчки еп што го следи Одисеј, кралот на Итака. По десет години поминати во Тројанската војна, тој уште една деценија се обидува да се врати дома, иако патувањето од Троја до Итака во тогашните услови на пловење би траело само една или две недели. Причината за неговото долго талкање не биле техничките ограничувања, туку низа пречки – од гневот на боговите и природните непогоди до човечките грешки.
На тоа патување Одисеј и неговите луѓе минуваат низ бројни искушенија. Се среќаваат со Киклопот, Сирените, Сцила и Харибда; волшебничката Кирка ги претвора неговите сопатници во свињи; Одисеј слегува во подземниот свет, а нимфата Калипсо со години го држи заробен. До крајот на епот сите негови луѓе загинуваат, а Одисеј дури по дваесет години конечно се враќа дома.
Сепак, зборот „одисеја“ денес има многу попозитивно значење. Наместо страдање и очај, тој често асоцира на авантура, истражување и возбудливо патување. Затоа се користи во називи како што се мисијата „Mars Odyssey“ на НАСА, креативниот натпревар „Odyssey of the Mind“, па дури и кај миниванот „Honda Odyssey“, кој се рекламираше како автомобил за луѓе што „не се типични возачи на миниван“. Поранешниот директор на „Apple“, Џон Скали, својата автобиографија исто така ја наслови „Odyssey“, пишува CNN.

Според лингвистот и поранешен уредник на речници Џон Кели, развојот на самиот збор бил многу едноставен. Англискиот збор odyssey потекнува од латинското Odyssea, односно од грчкото Odusseia, што буквално значи „приказна за Одисеј“. Самото име Одисеј нема сосема јасно потекло, иако во самиот еп се толкува како „оној кого го мразат боговите и луѓето“.
Во англискиот јазик зборот со векови се користел исклучиво како назив за Хомеровиот еп. Дури кон крајот на 19 век почнал да означува секое долго и неизвесно патување, без разлика дали е реално или метафорично. Еден од првите што го употребил во тоа значење бил шкотскиот писател Роберт Луис Стивенсон во романот „Kidnapped“, по што изразот брзо се вкоренил во секојдневниот јазик.
Дејвид Елмер, професор по грчка книжевност на Харвард, смета дека заедничката карактеристика на сите значења на зборот е токму должината и сложеноста на патувањето, а не чувствата на оној што патува. Слично размислува и класичниот филолог Александар Форте од Универзитетот во Њујорк, кој истакнува дека одисејата пред сè е патување што вреди да се раскаже – патување обележано со неочекувани пресврти и големи пречки што патникот сепак успеал да ги надмине.
Експертите потсетуваат дека централната тема на Хомеровиот еп всушност е ностос – старогрчки поим што означува враќање дома. Но, иако Одисеј постојано зборува дека сака да стигне на Итака, многу книжевни критичари сметаат дека него го водат и љубопитноста и желбата за авантура. Професорката Шејла Мурнаган од Универзитетот во Пенсилванија истакнува дека Одисеј често свесно го избира истражувањето наместо најбрзиот пат кон дома. На пример, наместо да земе храна од островот на Киклопот и веднаш да отплови, тој останува за да го запознае неговиот жител. На островот на волшебничката Кирка останува дури една година, а токму неговите луѓе мора да го убедуваат да го продолжи патувањето.
Поради тоа многумина сметаат дека Одисеј е многу повеќе од човек кој очајнички сака да се врати дома – тој е симбол на личност што ја движат желбата за истражување и стремежот кон нови искуства. Токму затоа зборот „одисеја“ денес означува секое долго, неизвесно и незаборавно патување, без разлика дали е исполнето со страдање, авантура или со двете.