Сутерен.мк

Игор Пачемски: Алиса вон земјата на чудата

Зима, 1992-ра. Платите се сто марки. По еуфоријата со Анте Марковиќ, веќе сме во војна. Монтките коштаат триста марки во „Словенија Шпорт“. Се вадат пари од душеци и од под паркети, бидејки парите во екс-Ју банките веќе ги нема.

Олимписките игри во Албертвил. По патеката за слалом се спушта Весна Дунимагловска. Младата битолска тинејџерка, во позајмено скијачко одело од словенечката репрезентација (фамозните флуоро-правоаголници), си прави есап дека треба да стигне на целта и се спушта по патеката со брзина на битолчанка што се фрцка по Широк сокак. Меѓу последните е, но стига на целта. Дава дури и автограм на едно детенце.

Само година дена претходно, на Европското првенство во Сплит, каде што Југославија, модерна, репрезентативна, “на нивоу” освои едно чудо медали, никогаш нема да ја заборавам албанската атлетичарка Алма Керамитчи. Облечена во распар горно-долно (црвено и џиш розево), изморената девојка изгледаше тажно. Како некој што ќе треба на своите плеќи да носи една цела транзиција.

И така, со Дамокловиот меч на војната над нашите глави и неизвесна иднина, 1992-ра се повтори и сега, со Олимписки игра и војна, некаде не така далеку, што не раздели повеќе од било кога до сега.

Гледајки ги фрапантно лошите резултати на нашата распар репрезентација, партиските препукувања на тренерот и новиот „главоња“ на чело на Федерацијата, се чудам како за 30 години, Хрватска која има два баира и еден рид создаде светски шампиони и скијачки легенди, како Јаница и Ивица Костелиќ (ова е нешто што продолжува, Зринка Љутиќ само што стана светска јуниорска шампионка во слалом), а ние со Шар Планина (распукана) и со Маврово (изградено), не мрднавме од нивото нашите 30-годишни магариња да скијаат Цицибан ниво! Не, не е работава дека треба да сме светска скијачка велесила. Друг е муабетот.

Веќе не живеам во Македонија. Добив неверојатна понуда за работа кај еден од најголемите светски брендови и секако, сосе Мечката под рака, го фативме Северот. На Балканот бев од 2015 до 2022-ра. Последните две години, апансас… Без патувања, потопен во реалноста на Македонија… И секако, двата најголеми лакмуса, Ковид-19 или Путин, уште повеќе не изолираа нормалните во еден микро свет, под закана од лудаците.

Доволно беше само да стапнам на Северот по седум година Балканистан и две во Македоња, да сфатам дека тука пак, и не е така…

Виљанел во „Убивањето на Ева“ ги убива својот полубрат и неговата девојка, клише на “woke” flat earther – (и) ивермектинци кои знаат подобро. Полемиката не е дали си против Путин или за Путин.

Реално, тука има само еден одговор освен, ако сте Србин, кој е доволно глуп да се поистоветува со Русија, а не со Украина (доста полесна паралела се влече). Идејата е како до овде дојдовме и што напраифне?

Мојот драг пријател Тодор, по спортска линија ќе е горд на увертирата во оваа колумна. Поради тоа, морам и да прераскажам една анегдота која тој ми ја кажа. Кога прашале кои народи во светот би умреле бранејќи ја својата земја, Финците биле први со речиси 90 отсто ЗА, па Русите и сите ние околни петли. Холандија била на дното со само 16 проценти „херои“. Уааа! Непатриоти, Северџани!

И, какво наравоучение треба да извлечеме од оваа конвулзна неделна резигнирана топка гнев и чемер?

Па на пример, дали се сака државата со наместени грантови од Министерството за култура? Списокот на добитниците, почнувајќи од некоја тетовска Албанка со седум илјади евра за солистички концерт, преку кривопаланечки флејтист од нервозна диспозиција со перманентен херпес со слична сума, до издавачки куќи (ало, тоа е како грант на бакал да давате да си купи роба за дуќанот) е дементен! Секако, дека овие позиции им даваат моќ на локални Костиќ-Марковиќ злобници кои потоа врескаат кога моќта им е одземена.

Инаку и по клуч на позитивна дискриминација да се оди, Албанците добро се омрсија. Зошто? Затоа што апликациите биле онлајн, па им било тешко да аплицираат и тие што поднеле апликации биле наградени со позамашни суми. Во 21-ви век наградуваме основна онлајн писменост?!

А секако, заборавив да напоменам, дека сменетиот Коста Петров во Фонд за иновации земаше плата од 5 000 евра месечно, а новиот дилбер од браќата шест месеци ќе ја прима истата, додека излезе следниот конкурс, а Марвин ex-Yahoo, пајташот на Коста ќе ги потпишува грантовите. Ова почнува да звучи како „Буревесник“. И за жал, мислам дека нема друг начин да се илустрира како една држава се мрази, освен со вакво ладно сервирање гомненици со име и презиме.

И додека кучињата си лаат, карванот си врви. Се наоѓаат пари да праќаме урбани пропалитети со 50 и кусур години начукани во газот, на Сорбона на година дена и нормално, ако нешто за тоа се каже повеќе, вие сте хејтер.

После долго време прочитав критика во „Нова Македонија“ за филмот „Сестри“ на Дина Дума. Критиката беше фантастична. Филмот беше сосечен со илјада замрзнати жилети. Секако, сосема на место. Но каква хистерија од добрите Македонци: како така детиштево, кое да се разбереме, тука е само и единствено поради непотизам, било нападнато?!

Исто како кога ја изругав Сара Реџиќ со “piece”, па скокнаа разни полу-скопски ликови и цел Санџак да го бранат милото девојче. Па уште „Слободен печат“ ги објави сликите без грам идеја што ендорсира! Жабата кренала нога, крекнала, а македонските бескичмењачки медиуми за тоа пишале – секој што посочува дека ова е срамота е хејтер, бидејќи само со “љубов” се сака државата. Но да не се секираме, имаме нова модна емисија на една баба-манекенка и нејзината ќерка со стајлинг на Снеки и стјуардеса на ефтини авио линии, кои ќе ни кажат како треба. All we are saying is give “piece” a chance…

Во меѓувреме, јас фаќам трамвај, метро и автобус до работа и, ако треба да сум таму во 8.45, со менување на три вида јавен сообораќај, таму сум во 8.45 часот. На лекар чекам пет (5) минути, а терпијата за дијабетес која во МК ме чинеше 15 000 денари месечно, ми е бесплатна. Во општина, која изгледа како авионски бар во “The Jetsons”, насмеани служителки ми ги решаваат сите администативни проблеми без потреба од патриотски бонбониери, виски или некое евро. Во супермаркет за истите пари кои ги трошев за пафлак и Баба рога во Веро, јадам шкотско говедско и пијам Sancere…

Мечката, која во Бугарија на времето, неуспешно испрати 150 сиви-ја, работи полно работно време и процветува.

Ама, како кога само 16 отсто се патриоти?! Епа, така.

Инаку, работата не ми е креативна… Се бавам со класичен сениор-менаџмент. Мојот талент како дизајнер, моето оружје со кое прикривав недостатоци во мојата корпоративна работна способност веќе не ми е дел од арсеналот. Станувам свесен за моето ниво и моите недостатоци.

Ако останев на Балканот уште две години, ќе станев невработлив.

Ама, не мразат! Дека божји народ, православен, вистински…Со проклетите меѓи, токсичните семејства, одвратната средина која гуши, со аплаудирањето на потпросечноста, неможноста да се искаже став, дозволувањето да не водат морони… Со селекторката на „Охридско лето“ и нејзиниот фан пејџ (кој ти го одобри ова жениште изместено?), со Данела…Дали сте fucking нормални?!

Ама само 16 проценти?!

Македонијо, многу ми е жал што си на ова дереџе, ама веќе не можам да ти помогнам. Нема да ти се ситам, ама мајко Македонијо, уште не си зрела за Јевропа.

(Авторот знае да го реши Шродингер за Јаглерод 6, но одбра да црта гаќи. Горд татко е на 3 мачки и луда папагалка со субмисивен дечко папагал. Лош шеф и сопруг на една измачена бугарска мечка. Многу чкарт педер, кој пие, арчи и се тепа.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *