Сутерен.мк

Како се извинуваат?

Овен

Бидејќи е џукела, кому роговите само му го потенцираат џукелизмот, а тој е нормално, горд на нив и тотално неспособен да ги користи, најпрво зазема дефанзивен став. Откако ќе си дојде на себеси, му текнува на последиците од неговото однесување. Скапоцено е што Овенот се извинува прецизно, конкретно и не е лут долго време на некого. Всушност, толку е после „хај-хуј“ што продолжува лесно понатаму, без многу каење за грешките.

Бик

Тврдоглави и самобендисани, ретко ќе признаат вина. Вол е вол, што има тука да се додаде нешто?! Добрата вест е што откако ќе увидат дека ја искашкале работата, знаат да се извинат и ќе направат се да не ја повредат истата личност по втор пат. Всушност, ако сме искрени (а сме), Бикот е многу пресметлив, па не му оди во прилог некаква кавга да го успори во напредокот.

Близнаци

Не дај Боже овие да почнат да ви се извинуваат! Па кога надолго и нашироко ќе почнат да ја растресуваат целата таа заврзлама и особено, нивните причини за извинување. Сакаат сите да знаат што точно се случило, кога, како, кој, зашто ете, од тоа им зависи понатамошниот живот, а тие не знаат. Иако, крајната цел им е ниедна страна да не остане лута, напорни се бре, до смрт. Всушност, само сакаат да си го слушаат сопствениот глас.

Рак

Овде нема многу муабет. Емпатични се и веднаш знаат дека нешто ја забербатиле. Вината за тоа ги јаде  однатре и сакаат најбрзо што може да си го симнат товарот. Значи, се извинуваат брзо, но внимаваат да бидат притоа обезбедени од разочарувањата во туѓите очи. Поинаку кажано, цвикатори се, алапачи, нелојални и недискретни.

Лав

Ех, се случува и тоа, лавовите да си ја голтнат гордоста и да ги видат нештата од туѓа перспектива. Ретко, но се случува. А богами, кога се случува, грандиозно е. Лавовите ги ценат делата повеќе од зборовите, па така и гестовите за извинување им се спектакуларни. Ама, ретки.

Девица

Као и за се друго кога се објаснуваат во  животот, Девицата ќе ве „удави“ со непотребни детали, специфики, дидаскалии… Не знаат бре, да задржат некое витештво, да се извинат и да се одалечат. Не. Ќе преземат целосна одговорност, па ќе ви објаснуваат како е тоа прилика за нивен личен напредок, па ќе ве „отрујат“ со најситни детали околу нивното извинување и трудот притоа, па на крај ќе посакате навистина да сте миросани.

Вага

На овие ич не треба да им се верува. Особено, ако и подароци носат. Извинувањето им е „шала-комика“, премногу брзо и премногу лесно, така што…

Шкорпија

Шкорпиите се „вонземјани“, па тешко сфаќаат дека некого повредиле, а со тоа и тешко се извинуваат. Им треба време, многу време за размислување, што, кој, како, кога… Ехеј, на закоп ќе ти се извинат. Евентуално. А и тогаш, полесно им е да ти напишат писмо, смс порака, мејл, отколку директно да разговараат.

Стрелец

Овие лајпрди, цел живот го поминуваат во „хахахахихихи“, па така и кога ќе ја згрешат работата. Знаат да бидат злобни, да го наместат било кого во компромитирачка заседа  потоа во истиот стил – „хахахихи“ и да се извинат. Она што не знаат и никогаш нема ни да научат е дека не ја имаат сите привилегијата да бидат родени шарманции и се да им поминува од прва. Дека многу ретко на крајот се излегува ок.

Јарец

На Јарец велат,треба да му пристапиш како на Хегел: поим немаш што зборува, ама го гледаш со поштовање. Да бидеме реални: доколку тој не гледа перспектива со вас, нема ни да ви се извини, па колку и да е виновен. Јарецот сака да ги знае сите детали и, што вие може да направите за да ја подобрите ситуацијата предизвикана од неговото рогатење. Губите секако.

Водолија

Аууу, расправии, расправии, расправии само за да не се признае сопствената вина. Дури и да признаат дека ви погрешиле, ќе почнат да образложуваат „логично и социјално“ зошто се случило тоа, а речиси никогаш, нема да го признаат емотивниот пораз. Какви саможивници се, ќе побараат дури и „експертско“ мислење од ваши пријатели, роднини, деца…

Риби

Рибите се сопствени емотивни заложници, со вградена грижа на совест, себеобвинувања… Тоа им е толку голем товар во животот што тие нема ни за момент да се колебаат да се извинат некому за било што. За жал, лошотилаците од претходните знаци, пречесто го користат тоа, па не е реткост да се видат насолзени Риби. Особено, ако се во аквариум. (Е, каде бе на друго место ќе видите риби? Па уште насолзени?!)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *