Сутерен.мк

Македонија, вечниот кандидат за ЕУ

Северна Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, најдолго од сите досега чека на почеток на преговори. По спорот околу името со Грција, на нејзиниот пат се испречи Бугарија

На Северна Македонија ѝ е тешко во и со Европа. Прво почетокот на преговорите за нејзин пристап кон ЕУ беше спречен од Грција. По две и пол децении спор, Скопје се согласи да го промени своето дотогашно државно име Македонија. Со тоа се ослободи патот за влез во НАТО, што уследи во 2020 година. Но, од поодамна на приближувањето кон ЕУ се испречи и Бугарија. Соседот сака да ја принуди Северна Македонија да ја промени интерпретацијата на нејзината историја според сфаќањето на Бугарија. Освен тоа, Бугарија тврди дека македонскиот јазик не е посебен, туку е само западнобугарски дијалект.

И крајно, се бара бугарското малцинство од околу 3000 луѓе да влезе во Уставот на Северна Македонија како „државотворна нација“, а притоа се оспорува постоењето на македонско малцинство во Бугарија. Ни Србија не е многу наклонета кон Северна Македонија, зашто го призна Косово како посебна држава, откако поранешната српска покраина прогласи независност.

Без оглед на сите охрабрувачки пораки и декларативни изјасувања на западни политичари, Северна Македонија и натаму е топка за поигрување на меѓународната политика и ЕУ-кандидат кој на почеток на преговори за членство чека најдолго од сите досега. Иако т.н. Прва меѓувладина конференција на ЕУ со Северна Македонија во јули 2022 година го означи формалниот почеток на преговорите, поради бугарската блокада не станува збор за вистински пристапни преговори во кои се отвораат поглавја.

Промена на Уставот

Христијан Мицкоски

Парламентот во Скопје во август 2023 година со денови дебатираше околу барањето на Бугарија за номинално внесување во малото бугарско малцинство во Уставот на Северна Македонија, но поради одбивањето на опозицијата, досега не може да се обезбеди потребното двотретинско мнозинство.

Опозицијата тврди дека не станува збор само за Уставот, туку и за пишување нови учебници, како и ставање под прашалник на сопствениот јазик, нација, идентитет и историја. Дека на крајот Бугарија сака на еден или друг начин да ја доминира Северна Македонија. Одлуката на пратениците околу уставните измени затоа засега е одложена.

Лидерот на опозицијата и на националноконзервативната партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во меѓувреме оди и чекор понатаму. „Не смее да има диктирани уставни измени“, изјави тој во понеделникот (28.08.2023)за белградскиот весник „Политика“, додавајќи: „Сега единствена преостаната опција се избори”. Избирачите треба да одлучат околу уставните измени.

Популарниот портал А1 на тоа укажува дека владата, со помош на деловникот, теоретски може да го пролонгира гласањето во Парламентот до крајот на нејзиниот мандат во летото 2024 година. Можно е владата да се надева дотогаш да успее да собере уште осум гласа од опозициските пратеници, потребни за неопходното двотретинско мнозинство. Што би добиле тие пратеници за возврат, не е јасно.

Егзодус

Димитар Ковачевски

Внатрешнополитичката „бестежинска“ состојба ги кочи фактички важните реформски „градилишта“ и кај широки делови од населението доведува до разочараност и фрустрација. Весникот „Вечер“ пред неколку дена потсети дека уставните измени во прилог на бугарското малцинство не се најважната тема: „Примарен национален интерес е држава со силна економија, ниска корупција, добра здравствена заштита, образование и правна држава“.
Но, наместо да се свртат кон овие теми, владејачките и опозициските партии меѓусебно се обвинуваат за руинирање на земјата преку корупција, контрола над медиумите и над судството.

Во целина, меѓу народот во Северна Македонија се има проширено чувство на целосна стагнација и голема беспомошност.

За домашната политика најголем дел од луѓето зборуваат само со најдлабок презир. Ретко некој има добро мислење и за Европската унија или пак очекува нешто позитивно од Брисел. Секој кој може, си бара работа во странство. Егзодусот од Северна Македонија е масивен, бројчено населението во изминатите години е намалено за десет проценти, на околу 1,8 милиони.

Нема решение за брзо време

Кирил Петков во јануари 2022 година со македонскиот колега Димитар Ковачевски

Зошто во Бугарија широк партиски спектар се фокусирал на малиот сосед Северна Македонија? Очигледно, за тоа е виновна фрагилната внатрешнополитичка ситуација. Во изминатите две години во Бугарија се одржаа дури пет парламентарни избори. По најновите, од април 2023 година, актуелната владина коалиција повторно е на стаклени нозе. Во неа се застапени фактички неспоиви партнери: конзервативната ГЕРБ (Граѓани за европски развој на Бугарија) на екс премиерот Бојко Борисов, кој е обвинуван за бројни корупциски афери, и либералниот реформски и антикорупциски сојуз „Продолжуваме со промени“ (ПП).

Само поделбата на власт меѓу двата спротиставени табора овозможуваше составување влада. Прво премиер е политичар од едната страна, а потоа ќе следи премиерка од другата страна. При толкава политичка фрагилност, за мнозинството политичари е добредојдена заедничка национална крупна тема во форма на Северна Македонија. Веќе имаше и еден преседан: поранешниот премиер Кирил Петков од партијата ПП, кога пред една и пол година сакаше приближување кон Северна Македонија, беше закочен од другите партии и од претседателот на државата, Румен Радев.

Додека најголем дел од странските правници и историчари се ставаат на страната на Северна Македонија, ЕУ сака да ја принуди да го смени својот устав според насоките од нејзината членка Бугарија. И специјалниот пратеник за Балкан на САД, Габриел Ескобар при својата посета во Скопје уште еднаш јасно потенцираше дека Бугарија освен уставните измени нема да поставува нови барања. Во тоа го уверила бугарската министерка за надворешни работи и идна премиерка, Марија Габриел.

Сепак, ништо не навестува на скоро решение на блокадата. Дури и ако Северна Македонија успее да ги надмине внатрешнополитичките кавги околу уставните измени, неизвесно е дали тешко пресметливиот сосед Бугарија ќе се откаже од своето однесување. Тоа не само што Северна Македонија би ја турнало во уште подлабока криза, туку на ЕУ би ѝ го одзело и остатокот од и онака малата веродостојност која ја ужива во регионот. Последица би можеле да бидат нови опасни тензии во овој дел од Европа.

 

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *