Сутерен.мк

Мето Јовановски: Како Другарот Чичо се претвори во Дон Чичо?

Незаборавниот Хамлет во „Хамлет“ (режија Слободан Унковски), Порфириј во „Злосторство и казна“ (режија Егон Савин) и вујко Вања во истоимената претстава (режија Димитар Станковски), со својата посветеност на работата останува доследен во почитта кон обичниот граѓанин кој, вели, „одвојува од своето парче леб за да опстои културата“. Исто како што е доследен и во единственото и искрено пријателство со актерот Димитар Зози…

Наградата за најдобро актерско остварување на последното издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица му е доделена на Мето Јовановски (1946 година) за улогата на Мартин во претставата „Коза, или која е Силвија“ од Едвард Олби, што само потврдува дека овој актер и понатаму е една од најдоминантните фигури на македонската театарска сцена.

Не само на македонската би рекле, затоа што е еден од ретките кој перманентно гостува и на поранешните југословенски простори, по сите раздвојувања и превирања. Големо внимание предизвикаа неговите улоги во филмот „Као рани мраз“ на Ѓорѓе Балашевиќ, ТВ-серијата „Село гори“ на Радош Баиќ, „Бели, бели свет“ на Олег Новковиќ, а во „Во гола кожа“ глумеше покрај Мира Фурлан. Кога, пак, не снима и не е во театар, вели, пишува и чита сценарија и драмски текстови, но и прави комбинаторики за спортска прогноза, иако не игра: опсесија му се самите системи со бројки.

  • Надвор од државава глумевте во неколку играни – филмски проекти, а дома речиси и не бевте присутни…?

– Повеќе години покрај тоа што перманентно сум играл во нашиот Драмски театар и сум снимал за домашните продукции, паралелно сум гостувал и надвор, како во театар така и на филм. Всушност, ако правам некаков сублимат, можам да кажам дека многу повеќе филмски проекти сум работел надвор отколку дома и тоа во сите поранешни југословенски простори, како Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, а најмногу во Србија.

Имаше еден период на застој, заради сето тоа што се случуваше на Балканот, но еве, во последно време, некои луѓе повторно, ме викаат во своите проекти. Значи, не е ништо ново тоа што сум присутен во соседните држави како актер, се разбира.

  • Дали причината за тоа е квантитетот или квалитетот на македонска играна продукција?

– Во принцип, коментирам само за проекти во кои сум учествувал. Сепак, ако зборуваме искрено, ние и немаме некоја добро организирана филмска продукција. За таквите состојби има многу причини. Филмот е значајна, но сепак скапа играчка.

  • Едно време и вашето име се спомнуваше како можен продуцент…?

– Таа работа и не е така едноставна. Ние имаме многумина што се декларираат како такви, но тоа се луѓе кои чекаат пари, пред се од филмскиот Фонд, а тоа не е доволно. Неопходни се инвестиции од надвор, како дополнителни средства. Потребна е голема комуникација со европските филмски центри и фондови, за да може да се заокружи еден филмски проект.

Да бидам конкретен, никогаш не сум претендирал да бидам продуцент. Јас сум пред се актер, со долгогодишното искуство во театарот и во филмот. Имам сценарио што многу посакував да се реализира, но за жал досега тоа не ми успеа.

  • За што се работи?

– Тоа е вреден и значаен проект, според мене, но и според оние што ги прочитале сценаријата, затоа што станува збор за трилогија. Работен е според романот на Стојан Андов „Стравот и љубовта“ и го опфаќа периодот од 1903 до 2005 година. Дејствието се одвива помеѓу три генерации на три семејства од три заедници – македонска, турска и албанска. Тоа е епска филмска сторија, за збиднувањата во последните сто години и заедничкото битисување на овие простори.

  • Сте го понудите ли проектот на некој режисер или вие ќе го режирате?

– Двајца режисери беа многу заинтересирани, но подоцна дознав дека тие работат на свои сценарија – на свои филмски проекти. Сакам да кажам дека не мора да го режирам јас. Не претендирам да бидам и сценарист и режисер, но, ако не се појави „таков јунак“ јас би го работел, под услов да се обезбедат доволно средства за реализација на проектот.

  • Оние што го прочитале романот коментираа дека станува збор за љубовен роман. Толку многу ве заинтригира љубовна приказна!?

– Да, имаше такви коментари, но тие се само делумно точни. Има љубовна приказна во книгата, но таа е многу повеќе од романтична сторија. Тоа е епска сторија што опфаќа еден цел век и зборува за нашите меѓусебни релации, судбини, обичаи, навики, нашиот менталитет…

  • Сакате да кажете дека Андов напишал капитално дело?

– Според мене, да! Има многу филмични, моќни сцени и маркантни ликови. Еве да го спомнам еден од моите омилени ликови Другарот Чичо, кој е споредна, епизодна улога и во романот, но за мене е многу важна. Тоа „другарот чичо“, му е партизанско име, а фактички тоа е Трајко од Велес, кој за време на Втората светска војна успеал со магаре да помине низ градот, преправен како селанец, а окупаторите не успеале да го препознаат. Така, добил многу поени и станал многу значајна личност по ослободувањето т.е. станал еден од челниците на тогашната УДБА.

Бидејќи бил припрост човек, тој власта и својата моќ ја практикувал на своевиден начин така, како што знаел и умеел. Многу негови блиски пријатели биле повикувани на ,,информативен разговор” и при првата средба во неговата канцеларија, им удирал по три шлаканици велејќи им: „А бре, магаре, а бре коњу! Кој си ти да зборуваш за другарот Ленин!?“ (Или Сталин, сеедно).

Така, во своето владеење тој удрил 1 300 шлаканици. Во 1966 година доаѓа директива, сите такви типови да бидат тргнати од функциите. Елиминиран Другарот Чичо, доживува шок и се повлекува сосема во самотија, се до 1991 година, кога се распаѓа практично системот. Другарот Чичо во тој момент повторно „стапува на сцена“ и почнува да им се јавува на сите оние што своевремено ги „превоспитувал“. Тоа се веќе пензионери и остарени луѓе, но тој ги собира и првата работа што ја кажал е дека, иако лично не го прифаќа тој многупартиски систем, но бидејќи ете, тоа се бара, тие ќе одговорат така што ќе се инволвираат во сите партии што постојат за да можат да ја водат државата оти ,,тие, младите што се перчат, не ги бидува – не се способни за тоа”. Другарот Чичо значи, продолжува да владее, но на еден многу подискретен и поперфиден начин.

  • Постои ли Другарот Чичо?

– Тој можеби и не е жив, но Другарот Чичо има оставено свој, транзиционен код и свој начин на размислување и делување. Останата е неговата „школа“, неговите „наследници“, кои вешто го продолжуваат неговото „дело“. Навидум, се глорифицира демократија и индивидуалност, но всушност, без негово знаење и одобрување не смее ништо да се направи. Другарот Чичо е како око кое се следи и се знае и се е под негова контрола. Тие што го прочитале романот, знаат за каков шармантен – трагикомичен лик станува збор.

  • Влезен ли е Другарот Чичо и во културата?

– Најверојатно да… Но сега тој не е ,,Другарот Чичо” сега е ,,Дон Чичо”. Тој е во сите сфери, па и во културата. На прв поглед не изгледа така, затоа што Другарот Чичо е многу лукав и препреден, наоружан со сите партиски бои и симболи, па дури и ако затреба и со светиот крст. Важно е се да биде под негова контрола.

  • Бевте дел од жирито за наградата на Стериино позорје, а неа ја доби Никола Ристановски. Имаше ли „непотизам“ тука?

– Ристановски ја доби наградата за Нуредин, главниот лик во претставата на Белградско народно позориште, „Дервишот и смртта“, во режија на Егон Савин, а работена по романот на Меша Селимовиќ. Улогата на Ристановски беше прекрасна – маркантна, изнијансирана и во најситните детали, точна и прецизна. Наградата апсолутно ја доби заслужено. Никола Ристановски е достоинствен репрезент на нашето глумиште.

  • Имаме ли во младите генерации други такви репрезенти?

– Има даровити млади луѓе, но пред се е важно во какви проекти учествуваат. Доколку почнат да играат во петпарачки претстави, може да им се случи да се насочат во погрешен правец. Нашата професија е колективна. Ако работиш добар текст, со добар ансамбл, добар режисер, имаш големи шанси да се развиеш во одличен актер. Значи, таканаречените уметнички директори имаат должност да водат правилна репертоарска и кадровска политика.

  • Значи, за да не почитуваат надвор не ни треба „нов“ идентитет врзан со Александар Велики, туку малку повеќе инвестирање пари и почит во современиците?

– Јас со својот идентитет немам проблем и никогаш не сум го ни имал. Немале проблем ниту мојот дедо, прадедо, ниту татко ми. Тие што имаат проблеми нека си ги решаваат. Сакам да кажам и тоа дека една од поентите во романот „Стравот и љубовта“ е и тоа, дека денеска на Балканот, а и воопшто, во светот не може да се зборува за кристално чиста нација.

Патем, ќе споменам и тоа дека Александар Македонски или Велики ако повеќе сакате, е првиот глобалист. Тој не е голем затоа што освоил и покорил многу народи. Големината на неговата мисија е во тоа што од Индија до овие наши простори, луѓето дознале едни за други. Почнале да комуницираат, да тргуваат, да разменуваат разни добра, знаења и искуства, да се надополнуваат, па дури и да се женат. Денес, ниту еден народ не може да живее изолирано, сам за себе.

Сите ние сме предодредени да комуницираме со глобалниот свет. Културното наследство на една земја е дел од големиот мозаик и му припаѓа на целиот свет, како културно универзална вредност. Затоа, секој народ поединечно, има света должност да го негува и чува за овие и идните генерации.

Идентитетот се чува и потенцира со развивање на културата и културните вредности на својот народ, со помагање на значајни, квалитетни проекти и личности, а тука секако спаѓа и театарот. Затоа, токму актерите за инструмент го имаат еден од најзначајните сегменти на идентитетот – јазикот!

 

Бранка Д. Најдовска
„Глобус“, 2008 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *