Сутерен.мк

Бранко Цветковски: Живееме во ера на миење на мозоците

„Се намножија награди секакви – локални, еснафски, маалски, роднински… но според високите критериуми и заслужената книжевна патина ги има само неколку за посакување, за чезнеење, за престиж… нескромно ќе кажам дека е најубаво чувството кога на врвните домашни ќе се надоврзат и еминентни странски награди. Тогаш белким имате, барем пред себеси право, да верувате дека сте направиле во животот некој повисок чин од самиот живот – потраен, побележит, поособен“ – вели, поетот, издавач, преведувач, публицист, литературен критичар, новинар и од почетокот на годинава директор на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, Бранко Цветковски, добитник на голем број домашни и меѓународни награди, а од неодамна одликуван со нови две престижни признанија: рускиот Орден „Владимир Мајаковски“ и главната награда „Летечко перо“ на Фестивалот на поезијата во Варна, Бугарија

  • Што значи Орденот Мајаковски за Вас, за македонската литература?

– Се збидна така што мојата поезија, после десетина одделни книги препеани на десетина различни светски јазици, да ја доживее својата премиера на руски јазик и веднаш потоа да биде забележана во московската книжевна средина. Сојузот на руските писатели, една од најмоќните книжевни асоцијации на планетата, односно неговата Московска организација која брои околу три – четири илјади писатели, на предлог на неколкумина руски современи поети на своја посебна седница донела решение да ми биде доделен Орденот „Владимир Мајаковски“, признание кое се дава на врвни руски и светски писатели, уметници и општественици за посебен траен придонес во светската културна ризница.

Тоа беше еден голем позитивен сигнал кон македонската поезија после неколкудецениските пробиви на моите македонски колеги во милјето на руската преводна литература и јас на свеченоста по повод примањето на Орденот, во митскиот дом на некогашното грофовско семејство Ростови, укажав дека тоа е чин подеднакво важен за мене и за моите македонски колеги и, би рекол, еден редок потег на признание за македонскиот јазик и македонската култура токму во ова време кога надвор од границите на Македонија, а и во неа, се подгреваат секакви небулози за трајноста и долговечноста на дваесетгодишна современа и независна Македонија и за нејзината вековна и темелна суштина.

  • По московското овенчување следеше, одново големо признание на поетски фестивал во Варна…

– Да, орденот со името на големиот Мајаковски се збидна кон крајот на април во Москва, а кон крајот на мај, во Варна, на Петтиот фестивал на поезијата на словенските земји „Словенска прегратка“, во конкуренција на 45 поети од словенските земји, ми беше доделена Главната фестивалска награда „Летечко перо“ за поетски опус и за траен придонес во зближувањето на словенските култури. Склон сум да претпоставам дека одѕивот на кавалерската свеченост од Москва имаше плоден одглас и на овој фестивал, но во спонтаната фестивалска атмосфера сепак, жирирањето го диктира во голема мерка и првиот впечаток од уверливоста на поетскиот глас.

Тоа ме прави позадоволен зашто фестивалското жири беше составено од поети, интелектуалци и академици од земји далеку помоќни и поголеми во традицијата на словенската и светската култура. Исто така, фактот што оваа награда претпоставува објавување на мојата поезија на уште неколку словенски јазици претставува показ за ново афирмирање, многу поважен и поделотворен од чинот на самото наградување.

  • Со толку многу нови домашни награди, стануваат ли странските поважни, порелевантни?

– Понекогаш навистина човек се прашува и лековерно си одговара дека надвор теренот за проценка на некоја поетска пројава е почист, понеоптоварен од вкалапените односи на домашен план, па рецепцијата е пообјективна. Во принцип тоа е така. Но мојата поетска афирмација надвор од Македонија е подолготраен процес на презентација, негуван и обмислуван токму со цел да се поткрене и истакне спецификата на македонскиот поетски и јазичен глас, да се огласи и традицијата и современиот сензибилитет во милјето на туѓите културни матрици.

Тој долгогодишен напор за национална афирмација на нашата култура, многу често, а во годините по осамостојувањето нагласено, остана да се потпира врз плеќите на поединци – во филмот, во литературата, во театарот, во другите уметности и во науката. Полека се градат лостовите за меѓународно колективно афирмирање преку институциите на државата и тие чекори полека се оформуваат низ потрајни форми од страна на Министерството за култура. И тоа е добриот и стабилниот пат за компактна национална и индивидуална афирмација на нашата уметност надвор од границите на земјата.

Сами по себе странските награди припомагаат незаменливо за меѓународниот углед на сите носители на македонската уметност, затоа што во европски рамки веќе се создаваат нови фестивалски мрежи, нови творечки асоцијации со наднационален предзнак, нови проекти во кои учеството на малата Македонија во секој миг е многу важно за историското и современото траење на македонската држава, за засведочување на нашата мала но неповторлива јазична и културна матица која се збира и сплотува околу моќното вретено на јазикот, на националното самочувство, на историска гордост за самоприпадност.

Затоа пак, домашните награди имаат поголем емотивен одек во самата Македонија, на мегданот за природен домашен натпревар, во македонското писателско јато. Имам чувство дека се уште трае големата творечка тревога околу наградата на СВП – „Браќа Миладиновци“ која стана признание за врвен поетски престиж на домашен терен…

Инаку се намножија награди секакви – локални, еснафски, маалски, роднински… но според високите критериуми и заслужената книжевна патина ги има само неколку за посакување, за чезнеење, за престиж… нескромно ќе кажам дека е најубаво чувството кога на врвните домашни ќе се надоврзат и еминентни странски награди. Тогаш белким имате, барем пред себеси право, да верувате дека сте направиле во животот некој повисок чин од самиот живот – потраен, побележит, поособен. Јас во последниве години се дружам со таквото лично настроение и мислам дека тоа ќе биде и моето оддолжување кон својот јазик, поезија, нација.

  • А кои полесно? Кој добива признанија денес – надвор и овде?

– Веќе споменав. Патот до наградите надвор од македонското книжевно семејство е условен со претходни подготовки – преводи на творештвото на странски јазици, ширење на книжевните врски и комуникации, создавање простор за одглас на туѓите мегдани. Уверливиот поетски глас на тој начин ќе биде препознаен, оценуван, наградуван – но спореден во милјето на една друга култура, сензибилитет, уметничка и духовна традиција. Со добра подготовка за претставување надвор нашиот уметнички настап добива автентична вредност, различна од тамошната, но посакувана и незаобиколна.

Ако алудирате дека наградите и надвор се подложни на разни местења како што се случувале и се случува дома, мислам дека малку би претерале и би биле неправедни кон туѓите средини, зашто првин треба да ве согледаат и „сварат“ во нивната средина.

Кај нас, во Македонија, при последователниот пад на критичките критериуми со години, без запир, без намуз и без перде се обезвреднија многу од наградите, се деградираа нивните високи врвови, се симнаа копјата од височините и се положија во хоризонтала, како за гниење, како за подбив… но и на тоа ќе му дојде крајот.

Новото време со здружувањата, главно, според естетски афинитети се создаваат јадра на убедени и посветени трагачи по трајните вредности во литературата кои многу брзо и ефикасно доаѓаат во дослух со меѓународните релации за уметнички натпревар и веќе на уметноста многу наскоро ќе и стане тесно само во Македонија. Тој процес веќе го гледам како неопходен во сите идни погледи за просперитетот на македонската литература: само со паралелен натпревар со литературите однадвор ќе ја одржиме високата кондицијата на книжевноста и на уметност дома.

Инаку, како што сугерирате, денес и овде, се добива впечаток, дека секој упорен па дури и самонаречен книжевник кој е добро вкопан во шемите на подземниот книжевен живот може да дојде до награда, за сметка на многу поквалитетни творци од него. Тој проток на валкана вода по магистралите на книжевниот живот со години беше некритички занемаруван и во самите книжевни асоцијации, дури и во најмасовната и најстарата (ДПМ) која сега прави извесни чекори на исцелување и враќање на угледот.

Во суштина, сите тие „наместени“ радости ќе останат само во личните архиви на писателите, како поткрепа на безмерната суета со која живее секој од нас додека се уште погледот му зјае под ѕвезденото небо. Сто тоа ќе го прекријат други, нови и моќни продори на литературниот мегдан, и приказната за праведните и неправедните наградувањата ќе си живее заедно со литературата.

  • Во отсуство на книжевна критика, според чии мислења се оценуваат делата, авторите?

– Денес книжевна критика ја има многу ретко во облик кој го посакува секое новообјавено дело. Без разлика дали е позитивна или негативна. Денес најмногу се шета по ликовите на писателските седенки и премолчувањето, кое е исто што и самиот подбив кон литературата. Но, состојбите се такви. Остана да се верува во компетенциите на неколкумина посветеници, главно и самите поети, прозаисти и заедно со т.н. универзитетски круг од писателите да ја бијат битката за пробивање на релевантното критичко мислење.

Мислам дека тоталната незаинтересираност на печатените и електронските медиуми за промовирање на книжевната и на другиот вид критика прави голема штета кон сите уметности. Сфаќам дека тоа не носи профит како една реклама за четка за заби која ќе ја фрлите по една недела, но и во другите култури и нации сепак не е така како кај нас.

Можеби е тоа дел од се уште трензицискиот вртлог, можеби по некоја година, кога ќе бидеме се поблиску со другите во европскиот книжевен простор ќе мораме самите да се избориме за менување на јавната свест кон уметноста и книжевноста. Зашто уметноста која се создава во молк не може долго да го издржи молкот на средината, таа еднаш ќе експлодира, ќе покаже на себе и на своите визии. За среќа тој вид ерупции во уметноста секогаш им помагаат на општествата.

  • Зошто „изумре“ литературната критика?

– Мислам дека спороста на книжевната периодика, отсуството на критиката на страниците на весниците, исклученоста на критиката од сериозните дебатни телевизиски програми, се причините поради кои критиката е задушена. Истовремено тој вид книжевен труд, кој е априори споредбен, длабински и научен максимално е деградиран. Денес веќе ни еден критичар не добива никаков хонорар за својот труд. Како никому да не му треба туѓото мислење. Насушното огледување во очите на другиот. Не знам до кога ќе биде така.

Јас лично, како писател и издавач сум во магмата на создавањето на самите дела на моите колеги, и не ми недостасува критичкиот одглас, но има многу автори кои апсолутно не се во тек што се печати, што излегува денес од книжевната работилница во Македонија, освен ако не ѕирнат по книжарниците каде ги чекаат добро изрекламираните белосветски „сапуници“ од кои вистинските творци не знам колкава полза имаат.

Отсуството на критиката значи и отсуство на негување на високиот естетски вкус. Еден ден тоа ќе го почувствува како негативен празен кикот и самото општество, а можеби на поригорозен и неизлечив начин. Така што општествените механизми во културата мора што побрзо да го изнајдат патот за поддршка на здравата и затемелена книжевна и уметничка критика.

  • Меѓутоа, како да изумре и стилистиката…

– Пишувањето како медиум на искажување на својот став и како акт на комуникација од пошироко влијание кај нас навистина е работа на едно малцинство интелектуалци. Освен писателите виреат и една шепа колумнисити и експерти за секакви теми, но во целост неодоливиот, убедливиот, привлечниот, шарматнтниот и стил на пишување кој ќе се памети го негуваат многу малку автори. Како да се збиднува некаква загадувачка наезда и во самиот македонски јазик – во лексиката, во фразеологија, во синтаксата.

Сите прават некој свој недоделкан македонски јазик, некој отежнат, онечистен, изматуфен, изнасилен, осакатен македонски јазик. Нема критичка сеалка за туѓите стилеми, лексеми и туѓиот ред на редење на зборовите. Малкумина ќе изброите стилисти од ранг во пишувањето. Остана во сенката на забревтаното секојдневие некаде настрана поттурнат повтежот по изградениот и убав стил на изразување и пишување.

Сите како да се вдале по некои чуени-недочуени, речени-недоречени странски кованици, фрази, извици, досетки, „штосови“… Се некој друг урнек ни се врти во умот, како да забораваме на големите традиции на нашите преубави уметнички и народни песни, приказни, на големите светски литературни дела…. како да живееме во некој забрзан филм на самозаборавност пред наидувачката електронска ера на миење и шематизирање на мозоците. Тажно би било, ако биде вистина на иднината.

  • Како да се биде писател во земјава во 21-от век?

– Писателите се повеќе се оставени самите на себеси, зачудени и збунети среде ветровитиот ходник на пазарното издаваштво и на стремежот кон високите естетски врвови на литературата. Кој ќе преживее ќе видиме. Пазарот на книгата, како што рековме, бара лесна и сладникава приказна за секој ден, не големи, тешки и загадочни дела што ќе дишат со шумот на вековите, како некогаш… Можеби светот се движи кон својата алиенација, кон виртуелната паралелна иднина на постоењето. Писателот е навистина на големо распаќе. Но, и во вакви времиња живеат и мечтаат и ги сонуваат своите големи идеи писателите. Јас верувам дека литературата ќе постои додека постои човекот, зашто таа е можеби вистинската неменлива историја на самиот човек.

  • Имате ли „рецепт“ за младите автори – за пишување, но и за преживување?

– Да ја наметнуваат својата визија за промена на светот. Да не се откажуваат од својата визија. Да веруваат дека светот е менлив и дека само менлив, животот е вечен. Рецепти нема, ни за пишувањето ни за преживувањето. Всушност пишувањето е најдостоинственото преживување. Материјалното преживување е акт на измислена манипулација во општествата, од првиот мајмунски двиг на коската од фантазијата на Артур Кларк до денешен ден.

  • Бевте и издавач. Како ги кометирате се поголемиот број на петпарачки изданија во книжарниците?

– Десетина години живеев од издаваштвото, а тоа го чини дел од моето семејство и денес. Нашата издавачка куќа Макавеј до сега претежно издаваше дела од домашни автори и пробрани дела од светската литературна ризница. Најпребрани. Но тој модел, за жал, не успева многу. Кажавме веќе дека домашниот автор не е атрактивен за измелезениот читателски вкус на современоста. Во книжарниците царува кич-литературата, хибридните писанија за се и сешто во човековиот живот – од вистинска наука до квазинаучни и шарлатански претскажувања…

Чудни се денешните патишта на издаваштвото. Тешко можат да се дефинираат бидејќи пазарот е немилосрден. Потезите на државата да помогне и реализира темелни книжевни едиции од домашната и од светската литература мислам дека ќе означат една етапа на расчистување и задоволување на потребите од освојување на класичните вредности на литература кај нас и ќе постават пореални патеки за борба на издавачкиот пазар.

  • Не стана ли со тоа вмешување државата најголемиот издавач кај нас?

– Не верувам дека државата ќе остане со амбиции да биде издавач постојано и по секоја цена. Големите проекти како што беа Македонската книжевност во 130 томови (на македонски и на англиски јазик), едицијата Нобеловци и едицијата Ѕвезди на светската книжевност се добро насетени капитални потреби на нашата и на идните генерации македонски писатели и читатели и со реализацијата на овие проекти државата исполнува еден долг што со децении се чувствуваше како насушна потреба во нашиот културен развој. Јас ви тврдам дека со овие големи проекти македонската култура на достоинствен начин ги надмина некои од балканските културни средини, кои веќе ни завидуваат на овој вид комплетирање на домашното и светското книжевно наследство.

  • А како поранешен новинар, како ви изгледаат денешните медиуми?

– Мислам дека во нашиве дни македонското новинарство го врви својот најнедостоинствен опстој. Никогаш не било толку разнебитено чувството за професионален долг, за насушна верба во вистината, за елементарно постапување кон фактите… Мислам дека денес не постои ни трага од сонот за големо новинарство, сонот со кој се храни секој што ќе зачекори во просторите на оваа чудесно привлечна професија. Мислам дека на сите ќе ни олесни доколку денешната состојба, утре ја искоментираме како кошмарен сон во кој заспа новинарството, а насушниот општествен живот и општествената свест наместо него ги моделираа политичарите, ненаситните менаџери, самонаречените визионери, прематари и секакви транзициски илузионисти кои без срам и перде и со невидена жестокост го тормозат народот. Јас верувам дека ќе дојде брзото истрезнување.

  • Имате толку многу „професии“. Каде Бранко Цветкоски е навистина, Бранко Цветкоски?

– Најбезбеден и најсвој сум во синорите на слободната мисла, онаму каде што без ничија принуда ќе ја довршам новата голема поетска книга што се пишува секој ден, секој нов ден под капата небеска. Најполетно е во полите на литературата. Другото е беспоштедна катадневна борба за нешто повеќе, нешто подобро, нешто потрајно… но сето тоа е врзано и заглибено во егзистенцијалната катадневица. Подостоинстено е кога си малку повисоко од животот. Не прилегаш многу на катадневец, но затоа пак на катадневнците им прилегаш недостижен. Ете, таа илузија, ме следи секој Божји ден.

 

Во библиотеките се живее со шумот на вековите

  • Кога не се занимавате со книги и со пишување што правите?

– Често патувам, одново им се восхитувам на планините од мојот охридски предел, ја доправам и поправам куќата на моите предци во Слатино, деновиве семејно се радуваме на подготовките на свадбата на ќерката Ана, на пораѓањетро на докторатот на синот Владимир, помагам во Макавеј, а катадневно го исполнувам работното време во најголемата јавна библиотека во земјата – во култната „Браќа Миладиновци“, на Партизанска.

  • Како оди директорувањето меѓу книгите, со книгите…?

– Библиотеките како мал ги замислува како најсигурен дом каде духот се дружи со сите светски великани на мислата. И така ги примав – и во детството и во гимназиските и во студентските денови и постојано во писателската инспирација. Ете, околностите сакаа сега да сум среде одличен колектив на најраспространетата јавна библиотечна установа во Скопје. На 23 јуни ќе го одбележиме со специјална средба на најеминентните македонски поети што ја добиле наградата „Браќа Миладиновци“ 150-годишниот јубилеј од излегувањето на Зборникот на Браќата Миладиновци. Тоа е голем, редок и за многу генерации единствен јубилеј од објавата на големата книга на македонската преродба. Воопшто, благородно е да си живее и работи во библиотека на која и претстојат денови и години на осовременување, на фаќање чекор со новите електронски технологии во библиотекарството… Накусо, во библиотеките се живее со шумот на вековите. И тоа е неповторливо чувство.

  • Ќе читаме ли наскоро ново дело од вас?

– Две-три години работам, сонувам и мислам врз една поголема поетска книга која секојдневно е отворена за дорекување. Се надевам дека нема да ме издаде и трпението и мудроста на годините и хармонијата на високиот пев.

Бранка Д. Најдовска

„Теа модерна“, 2011 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *