Скопје има облини. Да беше жена, ќе беше Најџела Лосон или Моника Белучи! Зошто? Затоа што нема уштиркани крагни како Виена или Софија. Нема орнаментика, сецесиски розети, обид да биде раскошно. Како и овие две жени, најубаво е во црна маичка, со лежерно пуштена коса. Едната за во кујна, додека лиже хопла од прстите, другата за во спална, каде што под црната маичка има леопардов Долче&Габана комбинезон, од кој се преливаат раскошни гради.
Се сеќавам на екс – ЈУ новогодишна програма. Вести читаа Душанка Калан, нафрцкана како австро – унгарска кукла, Словенката (без име) како за во бар и нашата, Бранка Станковска. Во scoop neck, со везено деколте и небрежна коса, со совршената дикција, го фати духот на градот. И беше најдобра и најрепрезентативна на swinging 60-ties од сите жени. Каде отиде сето тоа?!
Скопје е voluptuous. Етимологијата доаѓа од средновековниот француски – voluptueux, латинското voluptuosus, кое значи полно со радост, а потеклото е од зборот voluptās, што значи задоволство и уживање.
Каде е сега Бранка? Жива и здрава и во сите нас и се надевам дека ова ќе го прочита. Таа е во гребнатината на мојата маса во кујната, во приказните на Малвина Гизо, во елегантните линии на Југоекспорт, во необјаснивиот je ne sais quoi на скопјанките, кое Французите го викаат токму така, а Бугарите ономатопејски, но точно и прецизно – фрц!
Живеев во Софија шест години. Дојдов дома, сосе Бугар, сосе мачки. И, ми фалеа тие жени. Исто така и тие линии. Становите на високата класа беа натрупани со присвоени предмети од Австро – Унгарија. Ги немаше тие линии на едноставност: екс – ЈУ македонски дом. Финансиите ми дозволуваа мојот македонски пасош да биде заборавен и да влезам во кругот на избраните. И, што видов?
Видов една поприлично, обработена глазура. Мислам дека за тоа е виновна Илијана Алипиева, сопственичката на грипата МДЛ. Покрај Бенетон и Сисли, госпоѓата ги облекува дамите на Софија во Долче&Габана, Гучи (Радева со Гучи карнерите – нашата Бети е сто пати подобра!), се создава еден микро свет на пари, многу пари, задоени од Grand Premier Cru Chablis, ордевери од „дар од боговете“ и високи тавани исполнети со разговори за пофините работи во животот.
Кога ќе ги дисецираме, гледаме дека темите се научени наизуст. Нема спонтаност. Има скрипта. Извежбана софистицираност. Сепак, Бугарките (баталете ги Русинките) се најдобри ритмичарки во светот! Како што би рекле Англичаните, a painstackingly practiced sport. Trial and error. Милион проби, Илиана Алипиева е убава. Пријателките и се убави. Облечени се фантастично! Се е на место. Сепак, нешто фали…
Како и кај Деси Радева и Катерина Захариева. Се е на место. Од рамката за очила, до чевлите. Сепак, оптеретениот англиски, фокусот на формата, а не на составот е индикација на огромен проблем таму. Југославија бараше квалитет. Дури и ако не сте студиозен академик, со аскетски пристап кон луксузот, од жени како мајка ми беше барано Хермес шамијата да ја оправдаат со интелект!
На Бугарија од самиот почеток и беше дадена огромна шанса. Австриски цар постави и палата и структура. До Балканските војни се оди како подмачкано. Потоа, губење на истите и на првата Светска значи немање на Art Nouveau и Art Deco. Директно во Bauhaus. Пак си е дупка. Потоа фанатизмот на Втората светска војна, убивање на се што има грам софистицираност по дифолт, па следи силен проруски комунизам, придружен со криминогена транзиција.
Квалитетот на Бугарија – студиозност, класика, грациозност, елеганција, потиснатост во естетиката – видлив кога живеете во Софија е маргинализиран од олигархијата и од новата средна класа. Од програмери од Сливен. За жал се е, но не е европска! А имаат тие квалитет! Прости им Боже, не знаат што прават.
Апропо Европа, на блокадата не гледам како на нешто многу црно. Бидејќи Скопје е европски град, а Македонија е европска земја. Се додека мајка ми на седумдесет и кусур знае да го коњугира pouvoir, нема проблем! Живко во Скопје ме потсети на нешто – колку сме неблагодарни на тоа што го имаме: Музеј на современа, „Пелистер“, Кензо Танге, Дебар маало, Зоолошка, атељето на Кондовски, паркот, храната…
Се е тоа веќе таму, каде што ние се стремиме да одиме. Нашето ќе си дојде, памтете ми го зборов…
( Авторот знае да го реши Шродингер за Јаглерод 6, но одбра да црта гаќи. Горд татко е на 3 мачки и луда папагалка со субмисивен дечко папагал. Лош шеф и сопруг на една измачена бугарска мечка. Многу чкарт педер, кој пие, арчи и се тепа.)