Сутерен.мк

Здравите смртници и бесмртните лудаци

Во пролетта 1973 година, еден млад човек е хоспитализиран во психијатриската болница со дијагноза: кататона шизофренија. Оттогаш, неговиот живот се одвива меѓу ѕидините на болницата. Меѓутоа, тој е повеќе од уште еден „лудак“ под бескрајното небо. Тој е необично талентиран сликар маѓепсан од лудилото!

Болницата во која Аврам го остави Хајдина, како што веќе споменавме, се наоѓа на периферијата на Големиот Град. Распослана на повеќе од дваесет хектари рамна, обработлива земја, приклештена меѓу две реки, таа прилега на мало село сместено на речна ада. Тие кои го избрале ова место мора многу да се измачиле да го изнајдат, затоа што, како што се уште мислат многумина, тоа небаре е создадено за лудница: осамено, непристапно, одвоено со природни пречки, што подалеку од градот. Така било отсекогаш и така останало, овие несреќни луѓе да се одвлекуваат што подалеку од другиот човечки род, но и да се сместат на сигурно место каде што контролата над нив би била постојана, небаре тие се најголемото и најопасното човеково зло! – ќе напише д – р Владан Велков, невропсихијатар кој повеќе од 30 години работи во Психијатриската болница „Скопје“, во својата книга „Хајдин“. Сепак, и покрај игнорирањето, заглушувањето и замижувањето заради стравот на „умните“ од „лудите“ произведен, како и секој страв, од незнаењето – тој свет живее паралелно со нас. Тие две паралели токму затоа и ретко се пресекуваат, но кога ќе дојде до таков „контакт“, доколку малку се подотвори срцето, вистински „чуда“ излегуваат од семјата опколена со камени ѕидини и бодликав тел. Или попрецизно, во „лудиот свет“ има – генијалност.

Во „лудиот свет“ виреат чуда!

Поврзаноста меѓу талентот за уметност и умното растројство ја забележале уште древните филозофи. Демокрит велел дека здрав смртник не може да биде вдахновен поет и дека тоа е дело на творечкиот импулс на манијата. Паскал пак, дека генијалноста се граничи со лудилото, а толку е раширено меѓу генијалните луѓе, што човек со здрав разум меѓу нив би било нешто ненормално! Творецот на надреализмот Анри Бретон, велел дека ликовните творби на психотичарите ненамерно се многу блиски на големата тајна за животот, дури и резервоар на менталното здравје, за сите оние кои се затворени во тесните граници на рационализмот.

Според д – р Велков, психијатрискиот интерес за уметноста на умноболните датира од седумдесеттите години на 19. век до денес и притоа постојано се наметнува прашањето за можната врска меѓу генијалноста и лудилото. Од последните 30 – тина години на 19. век, се до 20 – тите години од 20. век ќе доминира мислењето и потрагата по лудилото кај генијалните луѓе. Од 1920 година доаѓа до измена на гледиштето: под влијание на експресионистичкото и надреалистичкото движење во современата уметност се појде во потрага за генијалноста кај лудите!

Последица на една таква долгогодишна потрага е и книгата „Хајдин“ (Издавачки центар „Три“), деновиве излезена од печат. На повеќе од 400-тини страници, д – р Велков, раскажувајќи ја животната приказна на Хајдин – главниот лик во романот, но и сопствената биографија, создава книжевност.

Д – р Велков

Роман, не само за Хајдин и за неговиот свет и неговите придружници, туку и иницијатива и допринос за демистифицирањето на светот на болниот во однос на оној на неболниот. Тие два света, треба да врват еден покрај друг како заради болниот, уште повеќе заради неболните. Зашто нишката што ги двои не е јаз, ниту дол, таа е миг, трепет…

Токму затоа веројатно, и сознанијата на психијатарот Велков за својот пациент ги претворил во литература, а не во нешто нему поблиско, нешто медицинско и егзактно. Велков вели: „ Нас и покрај тоа што делата, цртежите и сликите не фасцинираа со нивната естетска впечатливост – за која впрочем можат да говорат само ликовните творци и критичари – нашата одновна поента во прозата ’Хајдин’ беше и остана да говориме за нивната содржина, симболика и нивната порака која тие ни ја соопштуваат. Од таму животната приказна за Хајдин, во својата суштина ни говори за неговото детство, за неговата голема борба да се стигне до спствената зрелост: психолошка, социолошка, а пред се биолошка. Но таа борба е и општочовечка. Токму затоа приказната за хајдин е над лична (универзална)., безвремена и безпросторна. А во неа ние ги насетуваме и можните ’ркулци за настанокот на лудилото или, како што современата психијатрија тоа го нарекува, шизофренијата.“

Хајдин

Кој е Хајдин?

Хајдин е талентиран сликар маѓепсан од лудилото. Роден е во 1950 година, во околината на Приштина (СРЈ), од татко земјоделец и мајка домаќинка, како трето дете, од вкупно пет деца. Завршил основно училиште. Уште во раното детство бил впечатлив со својата надареност за сликање и за музика. Во пролетта 1973 година првпат е хоспитализиран во психијатриска болница со дијагноза: кататона шизофренија. Оттогаш, неговиот живот се одвива меѓу ѕидините на болницата.

Со распаѓањето на ДФРЈ, тој заминува од Скопје. Денес живее во СР Југославија, во некоја слична болница за умоболни. На своите некогашни сограѓани, доктори, пријатели и парчево земја, некогашна негова татковина им ги остави своите слики. И причина „преку“ неговиот живот да се создаде едно литературно дело кое освен уметнички критериуми поседува и искрена намера да се разбие табуто за лудилото и стравот кој потекнува од него.

„Сите настани во книгата се вистинити и тие се засновани врз податоците од неговите родители и браќа, од него, најмногу од неговите цртежи и слики како негови соништа и дневни сновиденија. А тие како древни поктограми не само што пленат со својата убавина, туку и ни раскажуваат чудесни митски приказни за неговата голема борба да се стигне до сопствената зрелост. Приказната за хајдин е безвременска и безпросторна, впрочем какво што е и самото лудило. Тоа не ги поднесува границите кои со векови ги градел околу себе човековиот ум, како што нив не ги признава ниту уметноста. А токму во Хајдиновиот живот на еден чудесен начин се преплетуваат два загадочни света: светот на лудилото и светот на уметничкото творење. Иако едниот поврзан со божествената вдахновеност, а другиот со мрачните темнини на злото, и двата тие света, сакале ние или не, мораме да се согласиме дека нам ни припаѓаат“, вели д – р Велков.

За романот „Хајдин“ последниот збор ќе го каже книжевната критика, за сликите на Хајдин (со кои е илустрирана книгата) – ликовната, за творештвото на умноболните ќе расправаат и понатаму психијатрите, филозофите и останатиот свет, но се чини дека најважното, а редовно најзаборавното е, како што стои во поговорот на книгата, дека: „ никој, вклучувајќи ја и психијатријата, нема право да ја присвојува туѓата болка. Се што можеме да направиме за своите блиски и кога се болни и кога не се е, да ги сакаме такви какви што се“.

Талентот е нешто особено и недостапно за истражување, но како што вели Кандински, душата на уметникот „сака да фрли светлина во длабочината на човековото срце – таква е вокацијата на уметникот!“ Потврда за ова се и последните реченици од прозата на д – р Владан Велков: „ Со Хајдин ја пушиме последната цигара пред разделбата. Нема време цигарата да догори. Хајдин тргнува накај автобусот. Низ прозорецот ги гледам неговите големи црни очи со несогледлива длабочина. Последниве две години катадневно гледав во нив. Покрај многу црнило во нив видов и блескава светлина, проникната од дното на неговата душа. Таа светлина и денес ја гледам пред себе. Таа ми го советлува патот по кој се движам. Автобусите тргнуваат. Заминуваат на далечен пат, во некоја друга болница, во некоја друга проколната земја, затоа што така сакаа и направија умните. Никогаш болницата не била толку тивка и толку тажна како ова јулско утро. Насекаде само штама.“

Бранка Н. Доневска

„Старт“, 2001 година

2 thoughts on “Здравите смртници и бесмртните лудаци

  1. Каде уште можам да ја најдам книгата, ја нема во библиотека Три?

    1. „Три“ е издавачот. Ако тие ја немаат… !?

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us