Сутерен.мк

Синиша Станковиќ: Паркур за средовечни

На неодамнешната седенка во маалската кафеана, вториот топол дом на целото наше друштво, имавме жестока дебата на последната тема која ни остана заедничка (откако и онаа, неисцрпната – жените како нужно зло во животот, ја сведовме на озборување на поубавите ни половини и на патетично бладање низ воздишки за сè поубавите нови генерации, откако спортот стана смртно здодевен, а за и околу политиката се зајадовме и закрвивме до балчак, две колена наназад и едно колено нанапред), елем, темата за – нашето здравје. И за грижата за него. За загубените нерви и снижениот праг на толеранција и за повишениот притисок и зголемениот број на килограми и сантиметри на половините.

Фото: Ѓорѓи Личовски – „Баланс“

Полемиката ја започна дежурниот хипохондар, кој мавтајќи со своите најсвежи лабораториски резултати, меѓу два залака салата од цвекло и морков, му се закануваше на остатокот месождери на масата дека ќебапите&ребрата ќе ги (нè) дотепале. А зависта му капеше, море се лееше од влажните очи со кои ја швенкуваше софрата и свежо забранетите му килограми скара… Сега, никој од нас (некогашните „најбољи фраери у маало“ – според сопствените носталгични навраќања на младоста, или барем, некогашните „фини момчиња од соседството”, кои според пореалните евоцирања на комшиите, знаеја и баскет и сервис да заиграат, сè додека сопругите не им спискаат од балконите) никогаш не кревал тегови по подруми и не бил некој „six pack“ билдер со бисерна насмевка, ама не сме биле, пу, пу, пу…, ни како таа најдебелата Американка, некоја си Сузан. Според веснициве, таа има 300 килограми, се чувствува секси, и, горда и „полна самодоверба“ сака да стане светски рекордер и да тежи цел тон! Мислам, жената може е и ОК со умот, особено што со габаритот и волуминозноста и заработувала и можеби таа со дневното гнетење илјадници калории и ќе си го оствари сонот, ама, далеку е Америка од нашето маалско кафеанче.

Не сме ние гломазни како Американците, Канаѓаните или Австралијанците кои од нога, како пеликани голтаат пластифицирани сендвичи со месо од непознато потекло. Нема кај нас екстреми. Ние сме си обични маалски луѓе, едни од илјадниците простосмртници кои прејадени од колбасите покрај паганските огнови и засипнати од недугавото врескање на мрсните песни, си постат само на Бадник, сè така, замислувајќи си ја утрешната Божиќна софра. И си сакаме здраво да се храниме. Оти здравјето нели, на уста влегува. (Некои велат и дека патот кон секое машко срце води преку желудникот – ова како упатство само за млади моми пред мажење). И сите до еден, (освен оние, добро признавам: сè побројните, предавници на делото и на маалската кауза, кои индоктринирани од тоа докторите, уште нестапнати во средните години, почнаа да ги ескивираат кафеанските средби и да штрапацираат по Инфарктштрасе покрај Вардар), го подржува(в)ме мотото на некојси американски комичар кој тврди дека „фанатиците по здрав живот, еден ден ќе се чувствуваат многу глупаво, лежејќи во болница и умирајќи од – ништо!“

И се тешиме меѓусебно дека Западот (а, кога подобро ќе размисли човек, и тоа Истокот, изгледа) нас Балканците никогаш не не разбирал. Со нивните веганства&макробиотики, фитнеси&пилатеси, џогирања&зумби, медитации&духовни акробации, животот им има вкус на… соја. Замаскиран со вештачки засладувачи! Бљак! Добро, не се расправам за вкусовите, некои и во оризова водичка и во тофу си уживаат, ама бе, да не ја спомнувам ич скарата, еве: пача, џимиринки, кавурма, шваргла, прженица или јунешки јазик и бели бубрези (колку да шарам малку)…  И сè, залиено со вино ем ракија. Тоа се „нашите“ вкусови, барем додека предвелигденски не се појават јагнешките глави&дроб-сармите и кукуреците&крезлите, чисто како мезе пред јагнешкото печено… А сето тоа не врви со „дајет“ газирани сокови кои докажано го уништуваат црниот дроб на човекот. Како што често може да се чуе во берберницата кај Агим или пред маалското гранапче, духот на традицијата, културното наследство, семејните вредности и маалските правила на игра не дефинираат како сладокусци, и тоа ти е. Па, не можеме сега ние, стабилни маалски личности, паркур да вежбаме по дворовите и терасите. Ние корпулентните, пречките со убав збор, низ муабет ги совладуваме. Компромисно, со здравица. За нас и шеш-беш и бриџ се физички активности и кондициони тренинзи! Сè во духот на еквидистанцата кон Истокот и кон Западот. Иако, ние сме си цврсто закостенчени&закрепостени тука, на Балканот. И не ни треба никаква уметност на преместување

Од друга страна, некои научници од австралискиот универзитетот Дикин, ми се чини, читав во берберницата некни, откриле дека луѓето си имаат и посебно шесто сетило за мрсно (освен оние за слатко, кисело, солено, горчливо и богато со протеини) кое со време можело да ослабне, па така сме станувале склони кон конзумирање мрсна храна. Во нашето маало, изгледа и се раѓаме без таквото чувство за осет… И, со засилена склоност кон мрсното, си мезиме и демонстративно одбиваме да бидеме посочувани како „лежи-лебу“ кочничари на промените и противници на новото ни, набрзина наметнато „џанк-фуд“ време. Лангзам…

Затоа, кога било кој од нас ќе прочита или ќе чуе некое ново сознание за предностите на аеродинамичниот изглед, веднаш на кафеанска маса ги спротивставуваме аргументите со конвертитите кои се дрогираат со треви, па и со оние кои не скршнаа дотолку, ама се префрлија само на риба и пилешко бело месо. Така, и на последната, гореспомната дебата, на цвекло&зелка воведничарот – провокатор, му контриравме со податоците од берберницата – за истражувањето на тимот турски научници, „кои по повеќемесечно набљудување дошле до заклучок дека дебелите мажи се подобри љубовници“, и дека сексот со нив трае подолго! Не дека ние тоа не го знаевме, одамна сме влезени во маалските легенди кои ги пренесуваме од колено на колено, ама еве, и научно да потврдиме. Дебелите мажи, нормално, си имаат масно ткиво – таканаречената „љубовна резерва“, поради кое, според истражувањето, не се истрчувале на јуриш пред партнерката. Тајната на неколкуте минути фазла во однос на оние другите де, оние со шест плочки, била некако поврзана со женските хормони кои наводно влијаеле врз рамнотежата на хемикалии во мозокот што ја контролираат ејакулацијата… Ама тоа е нешто со што ќе се занимаваат научниците. Поедноставено: елегантно пополнетите си имаат напластено резерви. За сè!

А кога ваквата контра ја засиливме со уште едно научно истражување, овој пат, американско, од универзитетот од Мисури, дека избирачите во западните земји имаат повеќе доверба во подебелите политичари, ептен ги долносавме тревопасните ни опоненти. По повод студијата, некојси д-р Милер елаборирал дека според критериумите на просечниот граѓанин на Запад, „дебелото лице се доживува како чесно, сигурно и инспирира со повеќе доверба, отколку послабите“. Па, народната мудрост и кај нас е дека – стопан без мев не го бива! Резиме: ги растураме опонентите на сите полиња. Строго научно им ги затнуваме устите. И кутрите, ем им иска – ем им стиска, залудно се обидуваат со по некој контра-напад да се доближат до чесен пораз.

Па, наведуваат дека сме забегале во балканштината, дека дошло крајно време и во нашето маало да се отвори некој ресторан како оној „Срцев удар – грил“ од Аризона кој им нудел бесплатна храна на бабачко-гостите со над 158 килограми. Некојси познат американски нутриционист, кој имал синџир центри за слабеење, сакал да влијае на поинаков начин, па ги облекол келнерките како медицински сестри и вработил промотер тежок 300 килограми, а гостите на грилот – бесплатната висококалорична храна ја заслужуваат така што мораат да јадат облечени во болнички мантили?! Бре, бре, голема работа, демек, сети се снао… Не врви ни тоа кај нас.

Зашто, ние сладокусците, ние сме си светски шампиони во инает и во меѓусебно тешење. Какви сме – такви сме, ама сите ние, учесници во маалските дебати за водење грижа за здравјето, да не бевме среќно женети, и денес ќе бевме речиси идеален избор за млади моми пред мажење. И тоа според американски терк! Исполнуваме дури две третини од условите за брачен сопатник од соништата: имаме и доволно години, имаме и проблеми со срцето&притисокот… Единствено, пари немаме, за потоа, нели, да ги направиме младите моми – богати наследнички. Ама, на Балканов и така не се сонува американскиот сон.

 

(Авторот е новинар. Пишува за леб – и за пиво & ќебапи – еве, три ипол децении. Жител на неколку скопски маала, автор на неколку книги… Некогаш – верник во поубавото утре зад првиот ќош, денес – носталгичар и по троа циник.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *