Колку часа сон се доволни по 60-тата година?

За тоа дека квалитетниот сон е еден од најважните темели на доброто здравје, досега многупати се зборувало. Тоа важи без оглед на возраста, но многу луѓе со текот на годините забележуваат дека почнуваат да се будат порано отколку порано.

Експертите истакнуваат дека станува збор за природна последица од стареењето и промените на внатрешниот биолошки часовник, но тоа не значи дека на организмот му е потребно помалку сон, пишува порталот nova.rs.

Сонот е важен за работата на мозокот

Наталија Даутовиќ, професорка по психологија и експерт за истражување на сонот од Универзитетот „Вирџинија Комонвелт“, објаснува дека за време на спиењето мозокот се „чисти“, ги обработува новите информации и ги зацврстува сеќавањата.

„Луѓето кои редовно спијат доволно, генерално имаат подобра меморија, полесно учат и подолго ја задржуваат концентрацијата. Самиот сон не може целосно да го спречи когнитивниот пад, но е еден од најважните фактори за зачувување на здравјето на мозокот“, вели Даутовиќ.

Сличен став има и геронтологот Хајди Јуен од Универзитетот „Бингамтон“, која објаснува дека спиењето е период кога телото се обновува, додека соништата му помагаат на мозокот да ги обработи информациите собрани во текот на денот.

Истражување објавено во стручното списание Sleep Medicine Clinics покажува дека луѓето кои спијат лошо имаат поголем ризик од деменција, депресија, падови и губење на самостојноста во секојдневниот живот.

Колку сон е потребен по 60-тата година?

Експертите и Американската национална фондација за сон препорачуваат лицата постари од 60 години да спијат меѓу седум и осум часа секоја ноќ.

Оваа препорака се темели на анализа на повеќе од 3.200 научни истражувања. Истражувачите не утврдиле разлика меѓу мажите и жените кога станува збор за количината сон што им е потребна, но препораките се менуваат во текот на животот.

„Седум до осум часа сон кај повеќето повозрасни лица се поврзани со најдобро физичко, ментално и когнитивно здравје. За време на спиењето, телото и мозокот ги спроведуваат најголемиот дел од процесите на обновување, поради што редовниот сон е важен за расположението, имунитетот, меморијата и здравјето на срцето“, вели Даутовиќ.

Зошто постарите луѓе се будат порано?

Со возраста се менува циркадниот ритам, односно внатрешниот биолошки часовник. Поради тоа, многу луѓе по 60-тата година навечер порано чувствуваат поспаност, а наутро се будат порано.

Освен тоа, сонот станува поплиток и почесто се прекинува, па ноќните будења се почести отколку во помладите години. Експертите објаснуваат дека не е пресудно во кое време човек ќе се разбуди, туку дали се буди одморен.

Најважно е секој ден да се легнува и да се станува во приближно исто време.

Кога треба да побарате помош?

Лекарите предупредуваат дека лошиот сон не е неизбежен дел од стареењето. Доколку лицето има хронична несоница, гласно ‘рчи, често чувствува поспаност во текот на денот или се буди исцрпено, треба да се консултира со лекар, бидејќи многу нарушувања на спиењето можат успешно да се лекуваат.

Експертите советуваат да се почитува редовен распоред на спиење, да се престојува на утринска дневна светлина, редовно да се практикува физичка активност и да се избегнува силна вештачка светлина во вечерните часови.

Како што заклучуваат, никогаш не е предоцна да се подобри квалитетот на сонот, а овој едноставен чекор може значително да придонесе за здравјето на мозокот и на целиот организам.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *