Сутерен.мк

Светлана Антиќ – Јовчевска: Во духот на позитивот

Оваа чудна и неочекувана година исполнета со многу контрадикторности и контроверзи во животот, мене лично ми додаде уште најмалку пет години. Ми одзеде прилично многу, но не е единствена во одземањето. И пред неа имало години и години кои ми одземале и додавале. Епа, тоа е животот! Не знам што е тоа проклетство во хапиенсот да памети само одземање, а бегло да поминува и да заборава во додавањето. Ха,ха!

Зошто ли така наеднаш се се преврте наопаку, а овоземното наше времено престојување како да стана излитена фраза. Во времето кога сите се одлично информирани и уште повеќе образувани за сето она што ни се случува, а најповеќе за глобалната политика и за „летечкиот“ непријател на човештвото именуван со најразлични имиња, прво настрада духот. За значењето на духот многу научници оставиле свои толкувања. Така на пример, забележен е ставот на филозофот Спиноза дека духот е атрибут на единствената супстанција. Според хилозоизам (верување дека се на светот е одуховено) духот е квалитет на материјата. Мене пак најповеќе ми „лежи“ дека духот е живост. Некој што мисли, има многу идеи со блескави, духовити и изненадувачки окрузи на умот. Па духот на времето, движечка сила, можеби кога материјалното ќе подзапре…

Што не е речено во ова време невреме? А кое пак време не било такво, оти штом нешто „не дај Боже!“ ќе не снајде, веднаш сме во невреме. Не сме во „невреме“, ако имаме лични проблеми, болести,несреќи, трагедии! Српскиот академик Владета Јеротиќ велеше дека туѓата среќа е поголема, а туѓата несреќа е помала од мојата. Во невреме сме ако во светот се случуваат големи работи во кои ние мали и обични суштества сме безначајни.

И покрај сето ова лудило во кое се сублимирани недоброј нелогичности и глупости кога на почетокот (во март) се надевавме дека часовникот ни дава знак да зачистиме околу себе, ама и во себе, се покажа дека ништо не сме исчистиле. Напротив, сеуште исфрламе отпад, смрдеж, валканици, лошотилоци, омраза, лицемерие, нетрпеливост кон се и сешто и кон секого кој барем малку се разликува од нас по неговиот начин на живеење и размислување. Материјата се врти, менува свои форми од кои се наметнуваат и нови содржини, а ние, ние, си гледаме само в мигот и со деноноќија живееме и ги преживуваме само тие тешки мигови. Така, духот го загубивме. Насмевката како да изумре, а и ако уште малку опстојува кој може да ја види зад задолжителното платно, кое го скратува здивот, за да го продолжи животецот. И пред ова „чудовишно“ време бевме отуѓени едни од други.Сега веќе законски (грижливо) сме принудени да ја негуваме отуѓеноста. Се во интерес на нашето и на доброто на нашите најблиски, блиски, познати, непознати, на човештвото,… Запнавме да живееме во виртуелниот свет и да бидеме живи и здрави. Има ли дух во тој свет?

Мене пак ме учеа дека и низ солзи треба да се смеам. Да не се радувам премногу, но и да не тагувам премногу. До крај да не верувам во бајките, но да ги читам и слушам. Да знам кога нешто лошо ќе ме снајде дека зад него стои и доброто. Епа, ако изминатите три децении не „труеа“ со „позитивна енергија“, последните неколку месеци најзастрашувачко стана да си „позитивен“. Зад тоа „позитивен“ има и нешто друго, но ние не сме програмирани да дочекаме и да ни се разјасни, да размислиме дека секоја молња не убива човек. Хм! На ова следи подготвен скок со исфрлени канџи. „Ти не веруваш во „К“ или во „В“?! Ха,ха! Ете, не ни спомнав нешто такво.

Скокот се засилува, заострува, „збогатува“, размножува и од луѓе за кои мислев дека ме заборавиле. Ха,ха! Арно ама, тие како да демнеле од зад некој џбун. Е, така, без да знаат, тие мене ми го потхрануваат духот. Се смеам. Смешно ми е што тие ете знаат во што верувам. Ниту дослушуваат, ниту пак сакаат да знаат дека не го негирам светскиот невидлив непријател чија крајна дестинација е само претпоставка на мнозинството. Надарените визионери веројатно се најблиску. А моите драги „скокачи“ не ги знаат моите бессони ноќи обмислени и преполнети со грижа за здравјето на драгите ми разболени луѓе. За еден смртен случај во блиската фамилија со многу нејаснотии. За здравите на кои преку мислите им го праќам позитивниот дух. И дека верувам само и само во добрината и љубовта која несебично ја поттикнувам во себе и од себе кон сите. Верувам во тоа дека духот треба да биде позитивен.

П.с. И никогаш не сонив дека на 60-та ќе посакам да се вратам во 60-та од минатото столетие? Тогаш не знаев за Мамон, ама и за многу други нешта за кои големото мнозинство од луѓето страхува и силно се бори.

(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и четири книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романите „Ликот во огледалото“ и “Молчи и танцувај”.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us