Сутерен.мк

Светлана Антиќ – Јовчевска: Да сме барем зен будисти!

Добро размисли пред да направиш нешто. Не прави ништо без размислување. Ама и не прави ништо ако не ти се јасни последиците. Така некако ми почнува и завршува денот, а не сум зен будист. Во „совршениот“ свет, „најсовршеното“ суштество чинам, се повеќе делува без размислување. Или пак, неговите дела се производ на мислите со според него, и само за него, последици од полза, макар да е таа и краткотрајна. И во тоа негово делување најповеќе стреми да стави се под една рамка, иако рамката опфаќа многу различности. Нив ги забележува само некој кој размислува. Ако има волја и ако има време. Хм!

Овој 13-ти јули беше невообичаено ветровит. Ветерот од претходниот ден не се совпадна со моите очекувања дека ќе стивне. Тоа што главоболката и притисокот ми ја натежнуваа главата, вообичаено мојот инает да не легнам в кревет да боледувам, ме насочи кон реката Пчиња. Таа некогаш нечујна и со малку бистра вода разделена на неколку поточиња во широкото корито, умее да биде и многу бучна, темна, да носи се пред себе, а најмногу да го собира отпадот и да го истркала се до Вардар. Умее Пчиња и да се излее во посевите, да искорне дрвја, да направи пустош. Сепак раскошната вегетација во нејзината близина се обновува, ја плени душата, внесува мир. Пчиња сум ја видела и од блиску и од далеку и секогаш сум добивала некаква порака. Добра е кога луѓето се добронамерни. Чудна и бучна е кога луѓето ќе претераат со својата недоличност, несовесност, неодговорност. Кога ќе заборават дека не се сами на овој свет.

Животот наш насушен е непредвидлив. Сфативме ли или уште сме замаени? Чинам, далеку сме и се уште живееме во некој кошмарен сон. Се уште сме премногу себични. Забораваме на сочувствување со другиот, послабиот, потивкиот, поинаквиот, постариот, понемоќниот.

Овој 13-ти јули ќе го запаметам и по три момчиња, со паркиран црн автомобил покрај Пчиња. Тројца разголени атлети од по 20-ина години, со атрактивни шари по нивните млади тела, со стаклести фенери во нивните очи. Рано претпладне, а од нивниот здив се шири миризба како од некоја винарска визба.

Потаму од нивниот нов и скап, паркирани два-три стари автомобили. Поместени под широки зелени крошни на дрвјата кои одолеале на матните бранови на Пчиња. Седат неколкумина повозрасни мажи и жени. Костумите за капење ги обесиле на хаубите да ги исушат за втора бања во термалниот лековит извор. Вирот неуреден оти го чека новиот стопанственик, ама капењето во лековитата вода не чини ниту денар. Во близина на таканаречената дива бања колорит од мали депонии. Оставени да ги однесе Пчиња кога ќе се „налути“ и кога нејзините темни и силни бранови ќе се разлеат во околината.

-Стари, каде ти е капата? Ха,ха! Иди земи си ја! Извикува еден од тројцата разиграни атлети, откако му ја зема капата од главата на човекот кој по капењето одеше кон својот автомобил.

-Ако не ја земе веднаш, јас и него ќе го фрлам! Сериозно и остро дофрлува другиот, додека од местото на очите му светкаат сини џамлии.

-А ти, од која партија си? Ми се обраќа мене третиот, додека вчудовидено се џарам во глетката, тргната со намера во лековитата вода да ги измијам излупените дланки од егзема.

„Стариот“ со тажна насмевка и со исплашен поглед, несигурно се движи кон капата, која потскокнува под силниот ветер.

-Не знам зошто ме прашуваш за партија, но знам дека постојат криви и прави патишта. Тие се вкрстуваат, па треба да се обидеш да го избереш правиот, му велам тивко и со насмевка. Не верувам дека ме дослуша и дека воопшто моите зборови од силниот ветер допреа до него и до неговите другари. Силната младост за миг скокна во топлата вода на „дивата бања“, да се освежи, не осврнувајќи се на онемените испрскани капачи.

„Стариот“ ја тресеше капата од кал не свртувајќи го погледот кон „разиграната“ младост и со забрзани чекори грабаше кон неговиот автомобил.

На заминување од извалканата природна убавина низ главата ми мина објаснувањето на Владета Јеротиќ дека секој повремено влегува во ќорсокак. Но, важно е од него да излезе. Сепак, треба да препознае дали е тоа погрешен пат. Ако не го препознае, долго ќе остане во него.

На само неколку километри од тука на три „свети“ лековити води десетина млади брачни двојки во прегратки силно ги стегаа своите дечиња. Им ги замиваа лицата, рачињата, ноџињата. Од тажните погледи упатени кон изворите светкаше мала искра надеж и верба дека водата ќе им помогне, да прозборат, да проодат…

Ех, да бевме барем зен будисти па да се разбудевме во топла миромирисна постела ! Хм!

(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и три книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романот „Ликот во огледалото“.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us