Сутерен.мк

Бранко Бенинов: И покрај промајата, се уште здрав!

Со актерот при Народниот театар од Струмица и еден од учесниците во хит претставата „Секс таблетки“ (коалициски проект на Штипски и Струмички театар, во режија на Коле Ангеловски) за проблемите во неговата матична куќа, репертоарската политика, платите, гостувањата, важноста на дипломите и… секс таблетките!

Не верува во луѓе кои го нагласуваат зборот „јас“! Сигурен е дека на таквото „јас“ единствено место му е во оној керамички сад, во кој после употреба се пушта вода.) Не верува во контролирања: „Контролата во секој случај и облик е опасна болест.“ Не верува во малограѓанштина, клишеа… „Тоа е многу здодевно“, вели.

Верува во индивидуалност, лично бележје, сопствен имиџ. Во гласни луѓе! Верува во необичности. „Фала им на сите откачени! Тие ни го прават животот многу поинтересен!“ Верува во театарот како во „чиста детска игра“! Да, верува во театар, а богами и го прави! Веќе 17 години. Почнувајќи сосема случајно, па студирајќи повеќе „факултети“ за да дипломира во класата на Александар Думов и Кирил Здравевски и катедрата во кафе – ресторанот.

Доказ за успешно завршеното образование се деведесеттина одиграни улоги и неколку високи државни награди и признанија. Во и за претстави поставени во Домот на културата во Струмица…

– Да, ние играме во простор кој ни физички не е театарски. На овогодинешниот ФКТ „Ристо Шишков“ се покрена една иницијатива за реанимирање на стариот театар, со тоа што првата фестивалска претстава се изведе таму. Тој објект е во катастрофална состојба, но сепак, многу е потеатарски од овој другиов. Би било многу подобро кога би заживеал повторно тој простор, во кој се одиграле безброј квалитетни претстави и од кој се понесени шест статуетки од фестивалот „Војдан Чернодрински“.

Во Домот актерот го има изгубено контактот со публиката, „дишењето“ со неа. Градби како Домот се погодни за кино проекции, за музички настапи, приредби, ама не и за театар. Во него нема никаква топлина, ни буквална! За овие 12 години, работиме на највисока температура од цели осум степени целзиусови над нулата. (Чудо е како воопшто сум здрав покрај промајата!?)

  • За тоа се потребни и финансии…?

– Сигурно! Знам дека се нема пари, ама можат да се најдат. Тука не мислам на Министерството за култура, зашто колку што мене ми е познато, од него добиваме некои смешни суми кои не се доволни ни за продукција, а не…

  • Имате ли публика?

– Публиката се поретко доаѓа в театар. Условите (читај: студи!) се такви. Не е само тоа причината: нашиот театар маркетиншки е слабо организиран. Имајќи ги во предвид неколкуте приватни ТВ станици, кои се свртени исклучиво кон комерцијалното, на наши, ваши и нивни поздрави, желби и честитки, не останува многу од потребата за театар.

  • Не мислите дека на публиката треба да и се понуди и репертоар?

– Проблемот на репертоарот е во некои таканаречени „нови форми“ кои се повеќе ја одалечуваат публиката. Луѓето, оптоварени со предизборни, надизборни, подизборни, задизборни кампањи, ќе дојдат в театар, а кога таму – „нови форми“, „ефект – ешект“ претстави: чадови, светла, гласна музика ни некакви кукли, кои некогаш се викаа актери!?

  • Што е со ансамблот?

– Што се однесува до кадровското прашање, во Струмичкиот театар, а и во другите вакви театри, потребна е една јака инјекција од образовани, млади, но пред се, актери кои немаат намера со една претстава да станат ѕвезди! Таквите кои благодарение на „помошта на критиката“ ќе блеснат наеднаш и уште побрзо ќе згаснат, не се потребни овде. Актери се само оние кои цел живот умираат на штиците, а умор не чувствуваат.

  • Се почеста е практиката во театрите во внатрешноста да гостуваат режисери од странство. Зошто?

– Работењето со странски режисери, не знам колку е добро. Навикнати на тамошен принцип на работа, тие овде доаѓаат најчесто со пресликани претстави од таму, а овде ги оптеретуваат актерите дека тоа е нешто досега невидено. Чудо!? Смак света! Освен тоа, за вакви проекти најчесто се земаат преведувачи од „улица“, кои знаат општа конверзација, но не и театарски речник. Така што, настанува општа збрка на релацијата режисер – актер. Треба малку повеќе за тие комбинации да функционираат добро.

  • “Секс таблетки“ е коалиција со Штипскиот театар. Какво ви е искуството?

– На почетокот бев скептик, не барајќи некои причини за тоа, ама за кусо време се уверив дека Штипскиот театар има театарски души, кои знаат да дишат заедно. Потребата за докажување пред друг аудиториум, штипската публика ми ја задоволи. Како што веројатно на моите штипски колеги тоа им се случува во Струмица. (Претставата се игра на сцени и во Штип и во Струмица, з.н.)

Соработката беше повеќе од успешна и со задоволство би ги повторувал овие „лекции“. А особено, деноноќното работење на „Секс таблетките“ во ресторанот „Клеопатра“ каде што ни беа овозможени сите услови за креативност. Екипата дури се издигна и на партиско ниво: направи коалиција со партијата на газдарицата Мануела, „Апел“, па сега со здружени сили се викаме ОКДВ (Од кај што дува ветрот). Членството на оваа коалиција е 3:1 (три жени на еден маж), па разбирливо е што се уште не можеме да го решиме министерското место за Однос!

  • По втор пат соработувате со Ангеловски. Полесно ли е да се работи со режисер кој е актер или…?

– Да, полесно е. Актер си е актер! Соработките со Коле ме прават многу среќен. Тој настапува пред актерите како актер, затоа и е толку близок, а и успешен со нас. Просто е неверојатно колку лесно се доаѓа со него до резултат, колку е ликот цел, готов, полн, јак!

  • Претставата е вистински хит, а и вашиот лик. На што се должи тоа?

– На тоа што се викум Коле Шинов, но не с’м ут Колешино. И шо вели: „Јас бе чедо, отпорано бех много здрав, чилик! У секое пристаниште имаах љубовничка. Додека другите јада, пијаа, спијаа, с’ одмараа, јас си кунзумирах само љубовнички: плавичка, црнокосичка, црвенокосичка. Арно ама, саа нешто не ми оде. С’с плавите ми оде, с’ с црнокосите и така – и така, а с’ с црвенокосите не ме чика више. Флота изгубила своју борбену моќ, а оште сам млад, оште гледам. Заедно са родихме, заедно ќе умреме. Неможе он да умре пред мене. Јас оште гледам, шетам. По улиците шетат млади пупки нераспупени, ачик – минџик, сукњички до капиџик, а папче голичко. Зее, ли зее! Арно ама и јас само си зеам!“

  • Како успевате да го сочувате ентузијазмот покрај платата чија висина се граничи и со пристојноста?

– Не е само актерската плата под мерката за пристојност. А вашите плати? А работничките, учителските, земјоделските…? Ретки се оние, кои не се понижени и со платниот лист! Особено во интелектуалните сфери. А актерската… Којзнае колку е несреќна, колку и е жал на таа плата, кога си вели: „Боже, колку сум мала!? Како ќе влезам во џебот на овој голем!?“ Сепак, благодарение на мојата десна половина, лева четвртина и средна осмина, материјалното го спојувам со духовното. Таа успева да ги задоволи сите банални потреби на домаќинството. Фала ти, десна половино! Со Господ напомош и благослов од Министерството, може ќе биде и подобро!

  • Немате диплома од ФДУ, а публиката ве сака, колегите почитуваат, компетентните признаваат. Значи ли тоа, дека формалното образование на рајот останува само – формално?

– Не, не може да се земе тоа како правило. Иако, има маса на луѓе кои имаат „црно на бело“, а кои кога ќе ги поставите на работните места за кои нели, учеле, не знаат на која планета паднале! Можеш да завршиш десет факултети, а да останеш необразован и, обратно. Не може да се научи талент, занает од книги. Од ФДУ произлегоа многу талентирани актери, кои многу ги почитувам, особено во помладиве генерации. Факултетот за драмски уметности произведува образовани атери кои би требало да го научат занаетот што се вика актерско мајсторство! А тоа се учи само на штиците. Не во клупите.

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1998 година  

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *