Сутерен.мк

Никола Ристановски: Престар за дрога, премлад за…

Неговиот талент бил секогаш наградуван, фален и никогаш оспоруван. Тој е без предрасуди, суптилно изолиран од останатиот свет, пријателски со сите. Ноншалантен и аналитичен. Главно – љубезен и мирен, ќе ве збуни со реткото и неочекувано ексцентрично однесување или изјава. И сето тоа, фино спакувано во еден непредвидлив шарм. Со актерот, човекот кој сонува „мир во творечкиот немир. И уште илјадници мали, разнобојни, воздушести нешта“

  • Како воопшто се „најдовте“ во филмот „Преку езерото“?

– Толку тоа беше одамна и толку многу перипетии доживеа тој филм, што веѓе одвај се сеќавам. Арно ама, изгледа сепак, се сеќавам, па… Се беше многу едноставно. И од „ведро небо“. Секогаш мислев дека првата главна улога на филм се добива многу потешко, дека треба – не знам што да направам… Не знам како Тони (режисерот Антонио Митриќески, н.заб.) дошол на идејата јас да играм во филмот. Јас само се надевам дека се уште стои зад неа.

  • Задоволен ли сте од филмот и од себе си во него?

– Некои новинари по една прес – конференција заклучија дека сум резервиран кон филмот, што е сосема погрешен заклучок. Уште кога го гледав документарецот на Тони – „Љубовта на Кочо Топеничаров“ – јас бев воодушевен. Единствено што можам да кажам во врска со „Преку езерото“ е дека не можам да го гледам од дистанца, дека не можам да создадам реален однос кон филмот. Премногу сум врзан за него за да изнесувам мислење кое ќе биде објективно. Интуицијата ми вели, а јас и верувам потполно, дека филмот е чесен, чист и искрен. Во секој кадар. Знам дека по гледањето во кино, реков дека е добро што не морам ( и не можам) да си ги гледам претставите во кои играм. Меѓутоа, тоа не значи дека не сум задоволен од филмот. Апсолутно сум задоволен. Мене ми е многу важно чувството што го имам додека работам. Додека го правевме филмот (иако, на филм многу работи не зависат од тебе) мене ме водеше емоција. (како што и во театар секогаш ме води емоција). А тоа беше една убава емоција. Емоција, што се уште ја имам.

  • Колку искуството на вашите родители, па и вашето сопствено, ви помогна во креирањето на улогата?

– Ние сите, иако можеби, несвесни за тоа, носиме информации од предците во нашите гени. Информации што го содржат нивното искуство, бол, тага, радост… Сигурно дека тоа влијаеше во обликувањето на ликот на Константин. Повеќе како емоција отколку како нешто „опипливо“. Особено во мојот однос кон езерото. За мене езерото беше многу реална граница. Меѓутоа, она што ме „убеди“ во улогата беше средбата со вистинскиот лик. Кога отидов да се видам со него, јас бев фасциниран од него! Тој просто се чудеше што ние бараме тука, што е тоа што толку не воодушевува!? За него, таа голгота што ја поминал за жената која ја сака, беше сосема нормална работа. Нешто што само по себе се подразбира. Мене тоа ми беше појдовна точка. Тоа чувство, дека неговата постапка е сосема обична и природна, ме водеше…

 

  • Би го направиле ли вие тоа за жената која ја сакате?

– Па, го направив во филмот!

  • Да, но дали и во животот?

– Тоа е едно исто. Разликата е само во бројноста на публиката. Всушност, точниот одговор би бил: би сакал да бидам толку голем човек, кој ќе може да постапи толку „обично“. Не само за жената што ја сакам – за секого!

  • Се зборуваше дека меѓу вас и вашата партнерка во филмот Агњешка Вагнер, има нешто повеќе од чисто професионален однос? Колку бевте блиски со неа?

– Толку многу, што мислам дека почнавме да не се поднесуваме веднаш во моментот кога се запознавме.

  • Извинете, но имајќи го во предвид изгледот на Вагнер, мене ова не ми звучи многу искрено!?

-Затоа што неверојатните работи не звучат искрено. А просто е неверојатно колку ние двајца не успеавме да воспоставиме комуникација!

  • На кој јазик разговаравте?      

– На „чешки со полски акцент“. Според тоа колку разговаравме, можевме и на кинески.

  • Бевте на 38 – от Филмски фестивал во Солун. Со оглед на вашето потекло, се почувствувавте ли во Солун како на „своја“ територија?

– Премиерата на филмот во Солун се случи во месецот кога се навршуваа педесет години од присилното „преселување“ на моите предци од таа територија. Случај или не, сеедно… Не сум човек кој се обременува со своето минато, туку човек кој само е свесен за него, а сепак, прикажувањето на филмот го доживеав многу лично и покрај големата дистанца од тие случувања. Така почувствував некаква интимна сатисфакција. Знам дека уметноста има универзални улоги и дека е малку себично што вка зборувам за моето доживување на филмот во Солун ама… Во секој случај, убаво го прифатија. „Преку езерото“ си има и ќе си има своја публика. Во него има една вселенска порака: човек треба да биде доследен! А колку за мене… Сигурно дека не мислам на она – „империјата го возвраќа ударот“, но искрено, ми годеше што токму со „Преку езерото“, што токму во тоа време, се најдов токму – таму. Мислам дека барем израмнивме на 1 : 1.

  • Во филмот имате прилично тешки сцени, кои бараат и голем физички напор, а немавте дублер…?

– Оној ден кога решив дека нема да се запишам на архитектура, туку на глума, го прифатив мазохизмот на оваа професија. Всушност, како времето поминува, се повеќе сум на убедување дека животот не е ништо освен – мазохизам. Со тој податок се е полесно. На снимањето сретнав луќе на кои такви нешта им се случуваат секојдневно или им се случувале. Филмот и зборува за нешто такво, нели!? Си бев себеси одвратен кога сфатив дека мене ми плаќаат за да го одглумам тоа! Од друга страна, зошто тогаш сум го правел тоа? Не знам… Уметноста е хумана, подобрува, укажува на неправдите, а во исто време е и сурова кон другите и кон оној кој ја создава.

  • Работите нов филм со Дарко Митревски и Александар Поповски. Каква е вашата улога таму?

– Со Дарко и Ацо игравме баскет, гледавме филмови, пиевме кафе, правевме претстави, па некако логично беше да снимаме и филм заедно. Поопширно – во некоја друга прилика.

  • Ретко кога во театарот играте епизоди. Постојано главни улоги, а ве има во сите жанрови. Се сметате ли за „роден за глумец“?

– Не сум скромен човек и ова што ќе го кажам не е скромност туку… Сум кажал и друг пат: никогаш не сум сметал дека имам предиспозиции да бидам актер. Главни улоги играм, затоа што такви добивам. А зошто ги добивам? Е, тоа никогаш не ми било јасно. Меѓутоа, ско некој добива главни улоги, тоа не значи дека е главен.Во историјата многу епизодисти воспоставиле нов поредок. Тоа се случило и во театарот. Сите ние сме нечија епизода. На сцената и во животот. А зошто ме има во сите жанрови? Веројатно, затоа што јас се уште си го барам сопствениот жанр на живеење, а режисерите го забележале тоа, па си велат: „ ајде, да му помогнеме на чоеков„ ( се смее, н. заб.). А кога ќе размислам подобро, бесмислено е да барам жанр на живеење, затоа што веќе сите – сакале или не – живееме жанровски: во гротеска!

  • Како е да се живее во гротеска?

– Подносливо, кога се занимаваш со театар. За другите, кажете ми вие?

  • Знаете дека љубопитноста е убиствена?

– Да. Љубопитноста убива, но ако не си љубопитен, тогаш во старт си мртов. Што би избрале вие?

  • Сепак, да не ги менуваме улогите.

– Ок. Одиме понатаму.

  • Има ли воопшто во театарот конкуренција за Никола Ристановски?

– Не гледам така на работите. Најубавото нешто во оваа професија се подготовките за една претстава. Чувствувам дека доаѓаме и си играме. Плус, кога некој за тоа ќе ми дадеи плата!? Ехеј! Не, се шегувам… Јас додека работам се забавувам и мислам дека тоа е голема среќа за еден човек: да работи нешто што го весели. Кога ја имате таа „привилегија“ претерано е да се бара и да се мисли дека сте неприкосновен во забавувањето. Моите колеги сигурно дека не се забавуваат помалку од мене. Значи има конкуренција: во сите и секаде.

  • Прв пат играте текст од Чехов. Какво е искуството од „Вишновата градина“?

– Дека кога го играш Чехов, нема фолирање. Треба да се соголиш целосно. Да останеш незаштитен. Што да кажам освен: страшно ми е криво што вечерва претставата е одложена.

  • Често играте ликови кои, така да речам, се во конфликт – ваков или онаков – со жените. Глумевте дури и транссексуалец во „М. М. Е. Кој Прв Почна“. Каков е вашиот поглед на машко – женските односи?

– Лабуристичко – футуристички!

  • ?!

– ?!?!

  • Ок. Одиме понатаму. Направете една споредба на работењето на филм и во театар?

– Филм е како да имаш дописен однос со жена, а театар е…

  • Споменавте дека „Преку езерото“ е филм за човечката доследност. Доследен ли сте?

– Тешко е да се одговори на тоа прашање. Ми се чини дека е значајно да се има желба да се биде доследен. А за да се има желба потребна е голема храброст. Јас се уште собирам храброст. А бидејќи, имам потсобрано и, потсакувам да бидам доследен. И се обидувам. Се извинувам за секогаш кога не сум бил и кога нема да бидам. Се уште учам.

  • Може ли ова да се протолкува и како одговор на коментарите на оние кои ве познаваат, дека сте многу променет во однесувањето, дека сте дистанциран од луѓето, дека комуникацијата со вас е отежната…?

– Не може! Затоа што тие коментари не се точни. Многу е проста работата: ако Никола бил покомуникативен  пред две, пет години, тоа значи дека Никола имал повеќе време, помалку обврски. Мене ми е многу криво кога запоставувам луѓе, зашто секогаш мислам дека тоа не треба да им се прави на луѓето. Меѓутоа, тоа не е последица на некаков си бес или став, едноставно – постојано сум во трчање, а брзината  – сакале, нејќеле – ги отуѓува луѓето. Ако веќе го врзувате вие или некој друг тоа со доследност, па веќе реков дека само се обидувам тоа да бидам. Вистината е дека се што правам, правам до крај. Не сум компромисен, особено не во моето хоби, како што јас ја нарекувам професијата со која се занимавам. Еднаш некаде веќе реков дека, ако не си подготвен да свириш како Рахмањинов, не ни купувај пијано! Тоа си има своја цена. Една од сметките е и таа, намалена комуникација. Од друга страна пак, има луѓе кои секојдневно многу добро комуницираат со сите, многу се забавни, многу дружељубиви. А постојано се истите мубети, истите штосеви, истите 94 зборови. Мене тоа страшно ми мириса на кич, на површност, на форма… на тапкање во место. Многу е битно, а тешко да се лоцира што точно сакате од себе и другите. Мојата „местоположба“ во светот на комуникацијата е таква, каква што е, но не е намерно намалена и не е каприциозна. Велат, немој да му го правиш на човека она што не сакаш тебе да ти го прават. За жал, секогаш го правиме токму тоа – што не сакаме да ни го прават нам. Ако нешто вреди, можам да кажам дека никогаш свесно не сум повредил никого.

  • Во последно време актуелни се и муабетите дека дрогата е се поприсутна во актерските кругови. Се слуша и вашето име…?

– Се ми се чини дека сум престар за таа работа.

  • Може ли да се каже за вас дека сте контроверзен?      

– Многу ми е мило, ако се мисли така за мене. Секој оној кој има цврст став, кој не отстапува во никој случај од него е проблематичен! Дефинитивно ме,а ништо. Се е релативно! Да! Апсолутно! Како ви изгледа ова!?

  • Мислите дека контроверзноста е убава особина?

– Не знам дали е или не е убава особина, знам дека е поживописна, поинтересна, послободна, повеликодушна… Освен тоа, зборот контроверзен деновиве е многу популарен, а јас сакам да сум во „тек“. Ма всушност, сето ова нема врска, јас сум крајно едноставен човек. Само можеби, звучам поинаку.

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1998 година       

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *