Сутерен.мк

Опсесивни соништа и грешни мисли

„Македоника литера“ неодамна го објави романот „Досадников“ на украинската писателка и преведувачка Ана Багрјана, во превод од украински јазик на Ленче Тосева.

Романот е добитник на специјалната награда на издавачите на меѓународниот литературен натпревар „Крунисување на зборот“ (2012) и беше номиниран за наградата за книга на годината во Украина. Во романот е раскажана современа приказна за себебарањето во лавиринтото и хаосот на современиотначин на живеење.

Главниот лик, Антон Досадников, кој дипломирал на Институтот за новинарство, се обидува да ја пронајде својата струка во животот. Откако извесно време работи како дописник за политички вести, потоа – како крупие во казино и на крајот – како шеф на „Одделот за преиспитување“ во списанието „Криминален свет“, се соочува со болестите на своето време.

Го прогонуваат опсесивни соништа и грешни мисли за сенишна монахиња. Антон оди во црква во потрага по ментална рамнотежа, каде, наместо тоа добива понуда да стане главен уредник на црковен билтен. Неговата нова работа го инспирира за нови гревови и злосторства, тајно ги снима исповедите на мирјаните. Антон е отпуштен од оваа работа и го остварува својот долгоочекуван сон – да отвори свој ресторан, каде посетителите ќе имаат можност да се исповедаат еден на друг и да добијат прошка за сите гревови. Но сонот набргу се претвора во кошмар…


Ана Багрјана (1981, Фастив, Киевска област, Украина) е поет, прозаист, драматург и преведувач. Завршила украински јазик и литература во Киев. Автор е на поетските книги „Соцветие од зборови“ (2000), „Сред виолетовите соништа“ (2002), „Меѓу боговите и нас“ (2005), „Прошетка по јаже“ (2008), „Другите ли¬нии“ (2009), „Баење од љубов“ (2011); романите „Етимологија на крвта“ (2008), „Толку необична љубов“ (2010), „Досадников“ (2012), на книгата „Македонски раскази“ (2016); книгите со проза за деца „Животи на истакнати деца“ (2010), „Приказни од градскиот парк“ (2014), „Генја“ (2015), „Остварени мечти“ (2015); повеќе драмски дела, раскази и критички статии, објавени во антологии, алманаси и литературни списанија. Изведени се претстави со пиеси и либрето на Ана Багрјана во Украина, САД и Македонија.

Преведува од словенски јазици. Превела петнаесетина дела од македонски на украински јазик, а во украински книжевни весници, списанија и интернет-страници објавила голем број преводи на песни, раскази и драми од македонски автори, како и статии за современата македонска книжевност. Составувач и преведувач е на „Антологијата на современата поезија на Република Македонија“ (2012) на украински јазик.
Наградена е со повеќе украински и меѓународни книжевни награди.

Нејзини дела се преведени на полски, азербејџански, бугарски, руски, македонски, француски, англиски, латвиски, ерменски, албански, српски, хрватски и на други јазици. Во Македонија се објавени: „Толку необична љубов“ (2010), „Пиеси“ (2011), „Ѓерѓеф“ (поезија, 2012), како и нејзината книга со раскази за деца „Приказни од скопскиот парк“ („Македоника литера“, 2016)
Учествувала на сите поголеми и позначајни книжевни манифестации што се одржуваат во Република Македонија, а трипати учествувала и на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид. Од 2009 до 2015 година привремено живееше во Скопје.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *