Сутерен.мк

Светлана Антиќ – Јовчевска: Празници

Откако паметам, а не е од вчера, празниците сум ги доживувала како денови кога семејството ќе се собере, секој ќе си раскажува случки кои не успеал да ги каже во секојдневието. Во празничните денови животот како да се забавува. Никој не брза да ги извршува обврските, будилникот не тандрка, дури не мора ниту да биде во погон. И тој празнува. Празник е старословенски збор со значење на неработност, или жаргонски речено блеење во празно. Ха,ха!

Со текот на времето со душа (а додуша имавме неколку во годината, за разлика од сега, кога повеќе имаме празни одови), ги чекав празничните денови за со најблиските или пријателите да расправаме во „празно“. Кога тие денови се случуваше нешто ново и единствено, празниците ги паметев, а и со радост се сеќавав на годината. За жал, се случуваа и непријатни настани, кои пак исто така ме сеќаваа на таа година и тој миг. Тоа е животот! И се некако се врти во круг, а кругот некогаш се движи побрзо, некогаш побавно. Кога пак членови од моето најблиско семејство заминуваа од дома, празниците ги очекував за да си дојдат во гнездото, да се изгушкаме, да си споделиме се она што во меѓувреме останало подзаборавено или премолчано до средбата.

Годинава почна ништо поарна, ниту пак поизвесна одошто замина претходната. Продолжија заплашувањата, нелогичностите, неразумностите, лошотијата, омразата, вулгаризмите и клетвите, пцостите. Изгледа многу смет се напластил во нашите одамна извалкани души, та чинам и идното столетие ќе биде исполнето со него. Сметот не задушува. Стравот нестручно кажано не блокира, ни го намалува имунитетот, ни ја нагризува овоземната структура. Стручно пак, на својствен начин во „Само делата на љубовта остануваат“, Владета Јеротиќ забележал дека се потекнува од нас самите, од нашите маани, грешки, поточно гревови, та ќе се трудиме борбата, како вистински јунаци, повеќе да не ја водиме со вистинскиот или измислениот непријател од надвор, туку со сопствените недоносчиња и „туморите“ на душата и телото.

Ама ние како да сакаме да се самоуништуваме, па и сето околу нас да го уништуваме. Ах, да, тоа што толку многу го пропагираме, најмалку го практикуваме и воопшто не се стремиме да мрднеме од нултата или мртвата точка. Среќа, здравје, пари, љубов, убавина, мир во душата и мир меѓу луѓето, благосостојба…, и уште што не, само во празно удираат. Делата и постапките како да треба да ги прави некој друг, некој далеку од нас. И пак, крајот на минатата слично продолжува во новата. Последната бројка се смени во некој нов почеток, а имено, како само да продолжи по истата траса. Не можам, а да не се потсетам на стиховите упатени на децата, од познатиот Душко Радовиќ дека на крајот од сите краеви, секогаш е еден нов почеток. Краевите ќе се потрошат, почетоците секогаш траат, „ почетак – ето шта је на крају“.

Првата седмица од овој почеток по ништо речиси не е различна од повеќето претходни. Освен, што намерно ги одбегнувам застрашувањата од смртта, забраните, мерките, притисоците, иглите и чудната научно изготвена течност или кој знае што. Неизбежно е да не го споменам физичкото отсуство на драги и блиски луѓе кои своето овоземно присуство го напуштија. Нам ни оставија многу недоречености и празни одговори на прашањето: „зошто? “ Или – „зошто сега?“… Оние пак, што минаа низ пеколот и успешно излегоа од него, со своите искуства ќе не потсеќаат дека злото е тука и дека демне од незнајкаде. Злото сепак никогаш и не било „никаде“, а доброто ситната човечка душа немарно не го забележува(ла).

Во светското лудило веројатно и со Божјиот наум, и годинава продолжува нашата борба во нас самите. Во таа борба некој ќе учествува со затната уста, некој со прекриени очи, некој со нетрпеливо очекување да ја види, доживее и преживее течноста во иглата, за да се ослободи од стравот. Некој ќе подѕирнува во комшискиот прозорец да си ја потхрани љубопитноста… Секој ќе си го турка животот така како и до сега. Сега со уште едно бреме. А секое време, си носи свое бреме, вели народната.

Сепак, животот е да се живее слободно и ослободено од наметнатиот страв. Болестите и трагедиите, како и радостите се дел од него. Епа, во оваа уште почудна година од минатата, може ли да се пренебрегне наметнатото (лажно) добронамерно за безимените од големоимените кои за свои цели, профити сигнализираат дека и сведнатата глава сабјата ја сече.

Нека лае додека трае! Ха! А празниците и овој пат за многумина останаа празни. Во душата или на трпезата. Или во двете заедно.

(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и четири книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романите „Ликот во огледалото“ и “Молчи и танцувај”.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *