Сутерен.мк

Бранка Д. Најдовска: Чуму ти е баба со лице на девојка!?

“Возраста е добар учител, ама лош козметичар. Кога бирате маж, добро би било да е тој архитект – колку постара, толку поинтересна ќе му бидете или барем, дипломат – ќе ви го знае роденденот, а ќе се преправа дека не ви ги гледа годините…”

Не е добро човек да е долго дома, без да има работно време, како сега, со пандемијава. Особено не, жена. Кога многу денови ти поминуваат без ограничување кога си легнал, кога си станал, мозокот почнува забрзано да работи. Да мисли на (не)битни нешта. А тогаш се создаваат компликации. Во главата.

Зашто човек, а особено жената, се заморува со она што го гледа. Почнувајќи од бесценетиот сопруг, па до нааканата касиерка во локалното гранапче. Нивното расположение практично, ви го дефинира секојдневието.

Копнеев по патување, по море, по плажа… Како по неопходен лек за моите нерви! Потоа ми текна дека јас и без сеприсутноста на коронавирусов сум сосем истата невротичарка! Дека кога сум на плажа, моето психичко здравје зависи од сите оние наперчени дваесетгодишни божици во бикини! Па, дур прелепотичките мислат како да добијат што побезобразен бронзен тен, јас на тоа припекот чукам глава како ќе се справам со новата школска година и зимницата!? Или, зошто на селфито изгледам толку уморно и старо!? Додека пак, мојот животен сопатник, колку што има повеќе години, можеби и не се разубавува, ама секако добива на шарманција, на машкост што во младоста е толку малку присутна! Зошто бе, така стојат работите?!

И така, трт – мрт, ми се напика во мозоков „жал за младост“.

Повредено его

Како и секогаш прво одговори побарав од попаметните од мене. А тие, како и секогаш, не ми го дадоа посакуваното решение, туку се некои „ни мои – ни твои“, тотално бескорисни објаснувања од типот: затоа што сме различни. Затоа што жените имаат потенка и понежна кожа, а со годините таа станува уште потенка и посува, па затоа тие побрзо и повеќе добиваат брчки, стрии, испукани капилари. За на крајот „мудро“ да заклучат дека не е ничија вина кој како изгледа туку проблем имаат оние кои велат дека тоа е битно.

Експертите ќе ви посочат и дека во зрелите години жената губи многу нешта: пред се, сопствената слика за млада, здрава, па дури и бесмртна личност. Губиток на дојката, ако се разболи. Губиток на плодноста, заминувањето на децата од дом знае да биде многу болно. Долгогодишни бракови се растураат, родителите умираат… Годините носат и проблеми на работа – младешкиот изглед многу повеќе се цени од умот и искуството. А особено мачни се надворешните знаци на стареење. Накусо, веќе ерес е да се има повеќе од 40 години.

Прочитав и дека сексот помладувал, ама на тоа заборавив веднаш! За такви бесцелни глупави движења бев едноставно, премрзелива, а и маж ми, фала на прашање, одамна сексуална возбуда најмногу му предизвикува фудбалот. Меѓутоа, колку за инает на сиот т.н. посилен пол го дочитав есејот кој тврдеше дека жената може да ужива во својата сексуалност до длабока старост или подобро речено, до крајот на животот. Спротивно на ова, мажите повеќе го ризикуваат здравјето со сексот на одредени години. А бидејќи им треба баеаги време за да станат „употребливи“ честопати посегнуваат по стимуланси кои пак, и тоа како можат да бидат буквално фатални за нивното срце. Цврц!

„Утехата“ од последново сознание, кусо траеше. Зашто повреденото его е долгорочно страшна работа! Огледалото не го зема во предвид разумот кој ни вели дека стареењето не може да се сопре што и да направиме.

Повикај пријател!

Моето огледало е големо, а и егото знае да ми биде во одредени моменти со ист волумен, па се обидов со втората опција при нерешливи проблеми – побарав некој со искуство. И се јавив на една моја стара пријателка, вистински егземплар на нашите малограѓански сфаќања за совршена жена.

Морам да признаам дека мажот и, а и децата и, не ме поднесуваа. Не заради мојот вокабулар, воспитување или социјален статус, туку само заради мојот изглед и лошите навики: се фарбав ретко, од козметички салони добивав напади на паника, знаев да испијам две – три вотки без никаков социјално оправдан повод за тоа и, пушев. Чиста спротивност на нивната домаќинка.

Мојата пријателка, не само што одеше цел ден по дома на штикли, туку и чуваше црн креон под перницата за, ако случајно, маж и се разбуди пред неа, барем да не ја види без исцртани очи. Тој пак, не пропушташе прилика, јавна или приватна, преполн себеси, да напомене како има сопруга која е постојано средена односно, вистинска дама. (Зборот дама секогаш ми предизвикувал асоцијација на константно напната жена, но нејсе!)

Вистината е дека мојата пријателка секогаш изгледаше како часови и часови да поминува пред огледалото. Никогаш без градник по куќи, никогаш по пижами,  никогаш без лакирани нокти на нозете… Да не зборуваме за депилација и средени веѓи. Ќе се пресоблечеше да зготви појадок и половина ручек, па ќе се пресоблече за на работа, па кога ќе се врати дома за да го доправи ручекот, па за да ручаат… Никогаш наспана, секогаш одморена! Ропство? Што знам!? Долги години ја жалев мислејќи дека тоа го прави под притисок на сопругот, потоа сфатив дека тоа го прави заради себе, но не престанав да ја жалам. Нејзе тоа како да и беше обврска – како пеглање, чистење, за да ги задоволи другите, а преку тоа и себе си, за да добие признание од оние што ја опкружуваа, дека вреди. Го доби ли? Немам поим! Еднаш ја прашав што всушност, сака од својот живот, а таа кусо ми одговори: „Сево ова!“ Сигурно беше така. Таа беше одгледана во таква матрица, се омажи во таква матрица и созреа во таква матрица.

– Драга моја, најпрво ќе ги исфрлиш цигарите и алкохолот! – почна оваа средовечна, убава и негувана жена.

– И, што ќе правам кога сум нервозна, кога сум уморна, кога ми е досадно?

– Ќе пиеш антидепресиви!

– Цел ден?

– Да. Ќе ги пиеш кога ќе одиш на родителски, на крштевки, свадби, на пазар, на козметичар, фризер, па дури и дома, за да можеш да бидеш онака, лежерно поднасмеана, за сите да мислат колку ти е убаво во сопствената кожа – заклучи таа мирно.

Другите упатства беа на тоа кои креми да ги купам, во која естетска клиника да одам, што да јадам, пијам, кои вежби да ги правам… Секако дека со моите (не)примања не можев да си дозволам се што таа ми препорача, но горе – долу се придржував до нејзиниот список.

Кога некаде после три недели третман според нејзината рецептура помислив дека сум се подмладила, во спалната попречувајќи го моето самодоволно гледање во огледалото, влезе василевсот и со сув глас ми соопшти дека една од иконите на скопскиот добар женски изглед, а моја драга пријателка, ненадејно починала. Имаше само, 50 години!

Пример за пример

Погребот, како и се во нејзиниот живот, беше помпезна камерна претстава. (Жената умре од инфаркт, не од вирусов.)

Маж и, прч од шест децении, намирисан, измазнет и дотеран, примаше сочувство од малкумината присутни со претерана театралност. До него, ќеркичето, иста мајка и во минијатура, до неа синот, наперчен како татко му. Чиниш, управен одбор на холдинг отвора нова филијала. Ни трага од покажана тага по починатата, ни колку пристојноста што налага. (Или пак, мојата одбивност кон изрежирани емотивни случки, не дозволуваше да ја видам!?)

Врз затворениот ковчег, врамена фотографија од нејзините најдобри и, најмлади години. Како да се срамеа дека таа имаше пет децении. Наоколу, рози, рози, во сите можни бои и нијанси. Неднаш, мојот букет сончогледи (таа сакаше сончогледи) изгледаа бедно. Сеедно, ги ставив врз дрвениот, бело бојадисан (ко божем закопуваа тинејџерка) ковчег, но молскавично го тргнаа од таму униформираните хористки.

Излегов надвор. Организмот ми бараше нешто појако од розевите таблетки кои покојната ми ги препорача. Запалив цигара. Околните мали групи зборуваа: „Каква спастрена беше, за пример! Ама ете, срцето и откажа!“, „Ни пиеше, ни пушеше, судбина.“, „Стално насмеана, стално тип – топ, а тоа срцето болно. Ама изгледа од порано и било.“

Не ја допушив цигарата. Си заминав. Се е од срцето и се е од порано. Откако ќе почнеш повеќе да мислиш на другите, отколку на себе. Не може и едното и другото. Мојата пријателка не мислеше на себе. Секогаш на другите. Затоа беше топ. Затоа умре. Предвреме.

Си дојдов дома. Ги фрлив алиштата и чевлите не баш размислувајќи кај ќе паднат. Си легнав. Попатно, од тоалетната масичка случајно го турнав кутивчето со прескапата крема. Ќерката – тинејџерка побрза да ја крене и врати на местото.

– Фрли ја во кантата – без двоумење реков. Василевсот тивко, се јави: – Е да де, шо ќе ти е!? И без неа си убава.

Сосема рамнодушно, одговорив: – Многу ми е гајле!

Ќеркичето, нашминкано во некој готик стил (тоа е урбаниот назив за страшило), ме бакна во челото како таа да ми е мајка и само промрморе: – Ти, само биди ти!

Што знам, во тој момент вредеше да се живее. Таква, каква што бев…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *