Сутерен.мк

Игор Пачемски: Македонија никогаш не знаела да избере солист!

Големата тајна, која не е ни веќе тајна е дека се преселив во Македонија. Со се мачки, со се Бугар, пречекан од прекрасната локална кујна, бруталната топлина на Скопје во лето, маските, редовите во банки, институциите, пропаднати термини за вадење лични карти, многу долги Зум разговори со клиенти, долги саботи со многу ракија, се ви е јасно претпоставувам…

И додека продолжувам да го живеам својот паралелен живот помеѓу Америка, Западна Европа и Балканот, решив да ги споделам моите импресии на нашинец, кој иако го зборува јазикот, доволно долго живеел надвор да се демакедонизира за да може непристрасно да гледа на се она што ни се случува и не опкружува.

Како social butterfly slash a flapper in my previous life форматот на општествени вињети ми е близок и како жанр и како калап за уредување на мојата хаотична глава.

Охридскиот викенд почна со патување со автобус во 5.30 часот кон Струга (пуста работа), во кој едни фини момци со фабрика, ни објаснија дека после „Стружанка“ и „Кимико“, во регионот останал производен know how, па по се договорот за нова средба, следеше такси, со едно набилдано стружанче, со кое јас и мечката се упативме кон Охрид. И по роботски или модерно, полна агенда!

Застани кај картите за Охридско лето, купи две за концертот на Гордана Јосифова Неделковска, оди до винарија „Мал Свети Климент“ (извинете, не стигнавме до вас, не сакаше ни еден  келнер да ни каже како), па детур до „Папа’с“ (хипстер макало) и конечно во прегратките на „Вила Варош“. Англичаните би ја нарекле exquisite. И навистина е.

Македонија патела од фушерај. Секогаш. Овде нема грам од тоа. Се е “comme il faut” и за тоа сум многу благодарен. Цел живот удобни хотели, со “high thread count” чаршафи ми носеле душевен еквилибриум и мир. Од тука право во куќата на Драган и Аманда Алексови. Funny story! Мајката на Аманда, Nancy Vilette, беше матрон во мојата куќа во Апингам, во англискиот интернат. Личност на која и се обраќаш кога ти треба аспирин, тренерките ти се искинати на рагби или пак, сакаш шоља чај и прегратка. Со други зборови, сурогат мајка.

По таа прекрасна вечер на спомени, focaccia и секако, хипстер макало, големиот ден беше утре т.е. сабота, 29/08/2020 – та. Мечка не се женеше, ама му беше роденден. Со малку „повуци – потегни“, добивме маса во „Далга“, со поглед на езеро, шампањ, зајдисонце, шарска и ждригања од макало. Се најубаво. Еквивалент на топло ќебе кога имате добиено. Така среќни и дебели, со нови нотеси од органски хартии од Музејот на хартијата се упативме кон музичката екстраваганца на госпоѓа(ица) обоистка. Е сега, не е Македонија, ако нешто длабоко не се усере.

За модните икони меѓу вас, бев облечен во Вивиен Вествуд маица, МекКвин марама, имав црна антерија од мрежа (како оросписки чорап, таман за „Св. Софија“), бели пантолони и садо – мазо сандал). Мечката беше во made to measure кошула од египетски памук. Ова не е кажано со цел да се истакне супериорност. Ова е кажано со цел да се објасни дека јас, како и секој нормален човек од мојата демографска средина имам респект кон културните настани.

Предворјето на „Св. Софија“, беше претворено во make shift сцена со дреч розови перничиња од спонзорот (крајно несоодветно), и се качувате до вашите седишта по едни конструкции од шпер плоча на кои (да, знаеме дека сум дебел, ама имам две фунцкионални нозе), може да се качи тинејџер, газела или фитнес фанатик. Сепак, не очекував дека на концерт на класична музика ќе ми треба ликра да се качам до седиштето.

До нас беше седната елитата на Битола, една дама во лошо сошиен фустан од лаванда сатен (или беше periwinkle или parma violet, прашања кои ме мачат!). И маж и жена (на „мажо“ не му се седеше до двајца педери, па со елечето „монтка“ –  да, во август се качи на последен ред).

„Било“ човечето до Комо, видело, ама не резонирало дека во Комо ноќно време е доста свежо, а во Охрид, особено вчера, се спиеше со ладен туш на клима. И почна концертот. Дигитална табла со слика на солистката. Легната на обоата, небаре Џена Џејмисон рекламира ново дилдо на Венус во Берлин. Блажено насмевната. Во фустан што би бил актуелен во 1991 – ва, на Софиjа Вусу, која со трајна ја испеа “I anixi” на Евровизија, проследена со воздишки од секоја шалтеруша која посака да се завитка во шљокици и шифон и да завива како Софка на некоја раскошно декорирана сцена.

Особен впечаток остави фактот што на постерот дотичната беше завиена во син шифон, на кој имаше фотошопирана етикета (бела, квадратна, видлива).

Сега, госпоѓата се појави облечена како што Живко кажа –  јагула, со каиш кој најдобро би се опишал како холографски пафти. Вселенска сељанка. Ефектот некаде помеѓу Хризантема и оркестар „Агро фермер“ од соседна Бугарија и supreme commander Servelan од Blake 7.

Гостите на оваа чудна какофонија, што повеќе личешее на вариете во Источноевропски хотел во 70-тите, беа пијанистката облечена како матурантка од „Ќустендил се запозмава со Мартија“ (требала да го рефенцира Дима Ткаченко за тоа како изгледа модерен класичар), едно гревче кое личеше на црковно глувче (таман за Света Софија) и Влатко химселф.

Откако Јоана, Јоана (во главата скицирав новела во која ја опишував вечерта на англиски) го сретна Енио Мориконе, беше проследена со интервенции од Piton security дека битолчанките не носеа маски, а имаше и еден бизарен момент, за кој верувам од чиста суета, солистката реши да го комеморира Мориконе со видео од 2009-та каде што таа го придружувала маестрото!

Тоа што ми направи впечаток, освен монструозниот фустан е фактот што оркестарот изгледаше толку прекрасно и пристојно, особено жената во кратката пелерина со црни шљокици (зборот пулејки ми е одвратен). Исто така, дека надвор од смешната збирштина „ванаби“ во самата црква, ерго тие со карти, околку оградата се беше насобрала толпа фин свет. Свет кој беше и покултурно облечен, и по заинтересиран и поприпаѓаше на настанот.

Како и да е, не’ гледаа како експонати од зоолошка, кој подзаскриен со крив шав, кој во лажен Етро, кој натапиран со 20 гушки, кој облечен како за на плажа. Во тој момент на епифанија, неколку работи ми станаа јасни:

–       Македонија никогаш не знаела да одбере солист!

–       Граѓанството секогаш било класи над елитата!

–       Грото од елитата сака да клепече нанулама на Божо Вречо, на Амира Медуњанин и секако, “бравоуууу“ се слушна после етно хорорите од лошо обработени народни песни!

–       Не сме достојни за нашето културно наследство!

Охрид заслужува туристи кои го разбираат шармот на Музејот на хартија и куќата на Робевци, а не моктеилс и плескавици со вкус на риба поради непроменетото масло. „Св. Софија“ заслужува организација која нема да се распедне кога е извадена вон комфорот на камерни столици.

Охридско лето заслужува концепт на sitter, usher, greeter, за да не лутате како дебили и да се чудите каде да седнете.

Кољо го продаде чифликот и во песната и во реалноста. Дали треба да дозволиме повеќе да тонеме?

Инаку, Аманда е од Апингем, училиштето со најголема музичка традиција во Англија, кое во последните години ни го даде еден Ендрју Кенеди! Сосема лесно можам да го замислам рециталот на Ендрју во „Света Софија“. Сосема лесно можам да го замислам како купува бисери од Филеви, како спие во „Вила Варош“. И како јаде пастрмка во Радожда (извини Охрид). И секако, се надевам дека публиката ќе му биде составена од луѓето кои беа надвор од оградата, а не оние трагикомедии со кои требаше да поминеме два часа.

И секако, на национално ниво, да се научиме да избираме солисти, во сите бранши на општеството.

( Авторот знае да го реши Шродингер за Јаглерод 6, но одбра да црта гаќи. Горд татко е на 3 мачки и луда папагалка со субмисивен дечко папагал. Лош шеф и сопруг на една измачена бугарска мечка. Многу чкарт педер, кој пие, арчи и се тепа.)

3 thoughts on “Игор Пачемски: Македонија никогаш не знаела да избере солист!

  1. Среќа што на “Охридско лето” досега не учествувала Цеца. Има значи и полошо.

    1. ima (: Ama sepak, Ohridsko Leto sakam da me educira, da naucham neshto, glupav duri da se pochuvstvuvam. Obskurni operi, a ne cover na “Ne Si Go Prodavaj Koljo Chiflikot”

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us