Сутерен.мк

Им угодуваме на децата или себе си!?

Во едно интервју актерот Мајкл Кејн на прашањето „Дали и богатите страдаат?“ одговори со: „Да, ама опкружени со луксуз!“ Кејн потекнува од работничка средина и со оваа своја изјава, претпоставувам, сакаше да потенцира дека кога страдаат богатите – баш и не треба да се сожалуваат. Дека има разлика во кое опкружување страдаш.

Иако ретко се признава јавно, родителите почесто си угодуваат себеси отколку на децата. Со „оправдувањата“ дека сè е со цел за подобра иднина на нивните најмили, на прво место ги ставаат професионалните обврски, а потоа родителските. Без разлика со колку и какви финансиски слободи и да располагаат.

Во желбата на децата да им се обезбеди „сè што јас немав“, многу од родителите претеруваат со купувањето играчки, гардероба, инсистирање на одење на детски забави, организирано дружење со други деца организирајќи им приватни забави со нив, што по некое време предизвикува контраефект, па сето тоа да им стане сосема одбојно на децата, па дури и да ги доведе до изолација и повлеченост.

Освен во градинка или училиште, немаат другарчиња од улица или од соседството. Животот во згради, родителската зафатеност со работа, погрешните воспитни методи, сето тоа доведува до негова осаменост.

Родителството е веројатно најтешката задача, па не е чудно што честопати се случува да не знаеме како да постапиме!? Помагаме премногу или премалку, се инволвираме и контролираме претерано или се држиме на страна!?
Едноставни одговори нема, но барем според психолозите, педагозите, некои препораки не се на одмет да се земат предвид.

Развојот на способности подразбира и развој на одговорноста. Ситните задолженија во домот ќе ги научат да бидат одговорни и да научат како во иднина да ги издржат ситуациите кои не се секогаш забавни. Многу деца обожаваат домашни обврски, за нив е тоа само игра и тоа таква што ја играат возрасните, а тие сакаат да ги имитираат „големите“.

Не треба родителот да ги забавува децата, туку треба да ја насочат нивната активност и да им дадат одредени обврски. Момчињата и девојчињата треба да имаат доволно време и простор да се развиваат на природен начин, преку експериментирање и истражување и игра.

Одете на места каде што има деца за дружење (физичката дистанца заради вирусот ги отежнува работите, но децата ќе најдат начин, бидете сигурни), но јавни, како паркови. На места каде што не ви треба паричник – во шума, во парк, на возење велосипед… Нека се забавуваат со земјата, качувајќи се по дрвјата, играјќи со картонски кутии, растенија, ситните бубачки… Ќе видите како детето може да се забавува и со најпримитивните нешта.

Најважно е да им се овозможи да се движат, да размислуваат, да се сомневаат, да поставуваат прашања, да предлагаат.

Тие секако ќе научат на кој слој од општеството му припаѓаат, каде можат да пазарат, што да возат, со кого е „пригодно“ да се дружат, учат, венчаваат… Не одземајте им ја предвреме радоста на невиното откривање на светот! Тоа се случува само на таа, одредена, рана возраст и, никогаш повеќе…

Бранка Д. Најдовска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *