Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: За кого си, за режимот или за демократијата?

Што значи да си предавник, а што патриот? Како се дефинираат? Кој има право да ги поставува критериумите за нив? Колку се тие оддалечени едни од други? Колкава е моќта на политиката врз нив? Вечни прашања…

Познато е дека Хитлер бил голем љубител на уметноста и архитектурата. Дури имал и свој архитект, познатиот Алберт Спеер кој имал задача да создаде такви зданија што требало да го надживеат режимот и според вечноста да наликуваат на оние од византискиот период. Во тој ланец на архитектонски создавачки желби учествувале многу архитекти. Некои од нив, воопшто не биле дел од хилтеровата армија, но морале да содаваат бидејќи, доколку не го правеле тоа ќе завршеле во некој од логорите заедно со Евреите. Според сведоштвата на многуте хроничари од повоена Германија, неколкумина од нив по завршувањето на војната биле обвинети за соработка со нацистичкиот режим и создавање на удобства за нацистичките олигарси. Речиси сите на судењето се изјасниле за невини, и како што потенцирале, тоа едноставно морале да го прават бидејќи немале избор. Сеедно, сите биле обвинети. Дали биле патриоти или предавници? Дали имале избор? Дали воопшто можеле да избираат во време на режим?

Дали нешто научивме од овие примери, денес во демократија, каде слободната воља треба да биде неприкосновена? Имаме ли фер судења, слобода на говор, право на избор на професија, работно место, партнер, и сите придобивки што со себе ги носи демократијата? Се разбира да. Но, понекогаш помислувам како да живееме во свет во кој однадвор е се мазно и беспрекорно демократски, а од внатре труло, распаднато и режимски. На оваа ситуација се потсетува, без промашување, на секоја промена на власта во Македонија. Доаѓа СДСМ ги брка или деградира сите кадри поставени од ВМРО-ДПМНЕ, или пак ВМРО-ДПМНЕ ја освојува власта и се ослободува од сите што ги смета за блиски до предходната власт. Но, дали и двете партии некогаш се запрашале дали сите тие луѓе вработени во државната и јавната администрација, навистина и припаѓаат на таа политичка опција која ги вработила? Нели помислиле дека можеби некои од нив, како и архитектите во хитлеровиот режим, само за да добијат работа, се изјасниле за членови и симпатизери на одредена политичка партија? Или, одредени компании за да имаат сопствена корист за себе преку тендери, многу умешно се преставувале за дел од одредена политичка структура, исто како сопствениците на фабрики во времето на Рајхот.

Знам дека ќе кажете дека споредбите се многу силни, особено поради фактот што зборуваме за нацистички режим и време на демократија. Но, понекогаш секоја сличност не е случајна. И токму затоа зборувам за овие сличности, бидејќи поради нив младите ја напуштаат земјата и бараат место каде нивната биографија, знаење, образование, вештини.. се единствената партиска определба што ја имаат. И со неа сакаат да го освојат светот и изградат својата кариера и успех. Место каде постои натпревар на идеи, а не блискост со лидершипот во земјата. Држава во која знаењето и искуството се далеку над сите партиски шерифи. Институција во која конкурирате за работа и ја добивате истата затоа што сте најдобар, а не затоа што сте на “приоритетна листа“ на партијата. Така е тоа во земјите каде владее демократијата. Во меѓу време овде во Македонија и натаму главно прашање ќе биде Дали си за Германците или за партизаните? За режимот или демократијата?

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us