Сутерен.мк

Неблагодарни деца

Моите две деца се возрасни и успешни со свои семејства на кои несебично им се давам, но не наоѓаат за згодно еве вака, кога се празници да ми се јават или да ме посетат. А не дека не го виделе тоа и не
го доживеале . Јас знам дека сум сама крива за тоа, но не знам каде згрешив? Тоа за мене е внимание и свесност и благодарност за еден голем труд, непроспиени ноќи, надчовечки напори кога требало да се
совладаат тешкотиите во освојувањето на врвовите. Имаат и татко. Те молам за совет и коментар.

Мајка

Мајка дарлинг, знаете како пишува на Вукајлија: „Децата се суштества на две нозе и неблагодарни. Ним им растат заби само за да можат што посилно за срце да ве каснат, кога ќе проодат гледаат да ве шутнат, а кога ќе прозборат, стануваат безобразни. Се хранат со џигерот на родителите, а колку е нивната мака поголема толку децата се понапредни. Сите патишта на децата водат кај паричникот на родителите. Тие ви стојат на глава како лешинари и го бројат она што од вас ќе го наследат.“

Што ќе рече, штом почнало на големо да се зафркаваат на оваа тема, значи дека неблагодарните деца станале епидемија.

Шегата на страна, вистината е дека (доколку во домот не биле отфрлани, презрени и посрамотени) децата секогаш ги сакаат родителите, но таа љубов се менува низ годините. Станува посрамежлива, поскриена, поинаква.

Додадете ги на ова и многубројните влијанија од околината врз поколенијата, односот меѓу родителите и децата станува уште покомплициран и се повеќе ги закопува емоциите. Но тие се тука. Покажани или не. Не заборавајте: разговорите со цел за меѓусебно подобро разбирање и понатаму немаат алтернатива…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *