Сутерен.мк

Северџан Бајрам: Кољо, немој да ме заебаваш!

Ѕвездата на „Џипси меџик“ и „Црна мачка, бел мачор“ зборува за малтретирањата од страна на Кустурица, хонорарите, „јадачките“ со професионалните актери, разликата меѓу Ромите и Циганите…

Откако потписникот на ова интервју се потруди да дознае што значи неговото име (Северџан, а не Бајрам, му е името и значи „човек кој љуби“), господинот Бајрам низ насмевка едноставно искоментира: „Ете, и од новинари можеш нешто да научиш!“

Всушност, со Северџан Бајрам  едноставно е да се разговара. Тој е срдечен, духовит млад човек (роден во скопска Топаана пред 33 години, оженет и татко е на три сина), кој својот од кон ѕвездите ќе го започне со самото формирање на приватната телевизија БТР. Од таму, преку неговите хумористични настапи и членувањето во рап – група и неговиот прекар, Кољо.

Го сними „Џипси меџик“ на Столе Попов, а веднаш потоа играше една од главните улоги во „Црна мачка, бел мачор“ на Емир Кустурица.

  • Постојано сте на ТВ, во весниците…Тешко ли е да се даваат интервјуа?

-На почетокот ми беше малку тешко. Прашања, прашања.. Прашувате се и сешто! После ми стана лесно, а и ги научив одговорите напамет. Како од пушка одговарам! Ако ме прашаат нешто за прв пат, се збунувам малку, ама костурот го имам, така што немам проблем. А и да ви кажам: се едни исти прашања поставувате!?

  • Годи ли популарноста?      

– Да! Годи, ама и задолжува. Плус, не сум многу слободен за да стигнам насекаде. Вработен сум во Тутунски комбинат – прва, втора, трета смена, имам обврски во семејството, со децата, па водење на оној домаќинлак, така наречен… Те покануваат на концерти, па еве во саботата имавме „Аудиција бр. 7“ со БТР, ни беа гости Ванчо Петрушевски и Емин Унџел, па вие новинарите…

  • Како реагира семејството на сево ова?

-Најнормално. Ништо не правам без да ги информирам дома. За се се консултирам со моите блиски, така што никогаш не се „шокирани“ во било која смисла, па да има некои изненадувачки реакции. Бидејќи знаат секогаш каде сум, што работам, се им доаѓа како нормална последица.

  • Што добивте, а што изгубивте со популарноста?

-Добив еден поширок круг пријатели. Ги добивам се уште. Доживеав убави спомени, видов места, кои можеби никогаш немаше да ги видам, запознав вистински ѕвезди (а не како мене), видов луѓе кои знаат како треба да се работи, имаше многу смеење, многу позитивна енергија, а добив и убав хонорар!

Не изгубив, ама баш ништо, ако не ја сметам нервозата на римскиот аеродром, кога одев на Венецискиот фестивал, кога ме држеа 15 часови, сомневајќи се во моите намери и пасош. Сите други ситни непријатности, кои не се ни за споменување, ги сметам за поука.

  • Како на пример? 

-Па, на пример, во “Црна мачка…“ снимав расоблечен на ниски температури и невнимавајќи на исхраната лесно се разболев. За да не „пропадне“ денот морав да снимам речиси гол. За следниот пат, веќе знам што да правам.

  • Во филмот имате тетоважа на градите. Вистинска е?

-За жал, да, вистинска е! Тоа ми е спомен од војска. Бев „гуштер“, сите се тетовираа, па ајде и јас! Меѓутоа, не ми го довршија цртежот (се тетовиравме скришум, со прекини), па така наместо орел, излезе откината глава на кокошка.

  • Споменавте и „убав хонорар“. Кој ви плати повеќе: „Џипси…“ или  „Црна мачка…“?

-Емир ми плати повеќе затоа што имав повеќе денови за снимање, повеќе работа.

  • За еден неделник изјавивте дека ви дал 37 000 германски марки?

-Тој ваш колега ќе го „обесам за нозете“! (Иако, дечкото е супер!) Абе, ќе ме убие некој за толку пари! Хонорарот е пола од тоа!

  • Задоволен сте од заработката?  

-Не е толку до висината на хонорарите, колку до професионалноста. За „Црна мачка“ ме исплатија до последен денар, а од „Вардар филм“ ми должат уште пари. Денес не е малку да ти должи некој 100 ФМ, а не 1000!

 

  • Како се чувствувате кога се гледате на филмското платно?

-Помалку пати сум го гледал „Џипси меџик“ од „Црна мачка…“ Прв пат кога се видов на платното ми беше интересно и филмот ми помина за 15 минути. Потоа, со секое гледање си наоѓав се повеќе маани. Дека нешто можам и подобро да го направам.

  • Вие сте натуршчик, а натуршчиците обично се играат самите себе. Реална ли беше вашата глума или…?

-Многупати сум кажал, мене како Ром, како натуршчик, ме викаат во филмови за Роми заради ромскиот јазик. Немаат што да изгубат, а и ако изгубат, тоа не е многу. И во двата филма моите ликови се реални, од циганскиот живот, но…

Улогата на Бајрам Лешинар во „Џипси меџик“ не е воопшто слична на мене. Не се чувствувам посупериорен од него, но е различен од мене. Значи, не се играв себеси. Во „Црна мачка“ играм една од главните улоги и ептен ми се допадна ликот, ама ни тој не е налик на мене, во никој поглед. Единствена сличност беше циганскиот јазик. (Во филмовите имаше натуршчици кои се играа себеси.) За мојата глума оценка ќе дадат другите.

Јас само знам дека учеството во филмовите го сфаќам крајно сериозно и професионално, како и работата во Комбинатот (патем, многу им фала за разбирањето кога работев на филмовите), како и секоја обврска во животот.

  • Се чувствувате ли подготвен и за улоги во „неромски“ филмови?

-Да! Затоа што работата на филм ја сакам и давам се од себе тоа што го замислил режисерот да го направам.

  • Во какви филмови би сакале да играте?

-Во секакви, само не во филм кој омаловажува некоја нација, религија, народ.

  • Околу овие два филма имаше и еден курцшлус меѓу режисерите околу сценариото, актерите?

-Не е мое да коментирам, тоа е нивни проблем, но морам да кажам дека некои луѓе од „Вардар филм“ ми се закануваа за да не играм во „Црна мачка“. Демек, не сум смеел да играм во српски филм!? А тоа што во српски филмови играат наши професионални глумци, никому не му пречи! На крајот на краиштата, нели јас играм во цигански филмови?!

  • Со кого ви беше подобра соработката?

-Би работел пак и со Столе Попов и со Емир Кустурица. Разликата е во соработниците, не во режисерите. Околу Кустурица имаше армија луѓе кои многу му ја олеснуваа работата.

  • А кој ве малтретираше повеќе?      

-Кустурица. Понекогаш „глумев“ едноставно, ме мрзеше, а тој ќе го забележи тоа, па ќе рече: „Кољо, немој да ме заебаваш!“ Потоа цел ден требаше бескрајно да ја повторувам сцената, додека не излезе како што сака тој!

  • Кој ве нервираше, а кој ви остави најголем впечаток меѓу актерите?

-Не ме нервираше никој, а најмногу ми се допадна Тони Михајловски, па Срѓан Тодоровиќ. Ама Тони е навистина посебен. Голем актер е и лесно го (с)фати циганскиот менталитет. А од жените – Љубица Аџовиќ.

  • Актерите се многу суетни луѓе. Имаше ли закачки меѓу аматерите и професионалците?

-„Јадачки“ имаше само меѓу професионалците. Меѓу нив самите, имаше да!

  • Колку ве смени популарноста?       

-Секој религиозен човек е свесен дека не треба никого да омаловажува, а себе да се преценува. Сите религии велат дека она што не сакаш да ти го прават, не треба да им го правиш на другите! Така што, јас сум си истиот.

  • Како го замислувате Бог?

-Бог е незамислив! Зар вие го замислувате некако?

  • Не се ни обидувам.    

-Ете!

  • Во една прилика зборувавте за разликата меѓу Роми и Цигани?

-Јас како Северџан се нарекувам Циган. Мене не ми пречи да ми речат ни Баци или, ако не ме наречат Ром. Ма, не ми оди некако тоа Ром! Порано, во СФРЈ си бевме Цигани и ни беше подобро. Сега сме Роми и денар немаме! За по право, немаат ни повеќето од останатите.

Сепак, работите меѓу нашиот народ се менуваат на подобро. Полека исчезнува она „денес за денес, утре за утре“, не стапуваат толку рано во брак, одат на училиште… Сепак, треба да се смени односот на целото општество кон Циганите, на секој поединец кон нас! Да ни се нуди работа. Зашто само заработени пари носат задоволство и се ценат, а не народни кујни. А и сите знаеме дека нема здравје без пари. Ова го зборувам за сите! Да се обрне внимание конечно, овој цел македонски народ да не страда повеќе!

  • Се чувствувате ли второстепено?

-Не, никогаш не сум чувствувал дека некој од друга националност е посупериорен од мене.

  • Што би рекол Северџан за Северџан?

-Дека е човек кој не краде, не лаже. Кој се грижи за семејството, за блиските, за луѓето околу себе. Дека е брз човек, кој сака брзи работи, кој сака да се смее, да зборува, да се дружи. Кој внимава да не прави глупости, да не навреди некого, да не направи некому лошо. Северџан е обичен човек, кој ги почитува законите на религијата.

  • Ќе излезе дека сте совршен!

-Далеку од тоа! Совршен човек нема. Совршен е само Бог! Некогаш грешам не сакајќи, но секогаш се трудам да ја поправам грешката, да се извинам. Јас само се трудам да живеам како што треба.

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1999 година

   

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us