Снежана Стамеска: Оправдај се прво пред себе, после пред другите!

На овој први јануари, актерката Снежана Стамеска ќе полни 65 години. Со почетокот на годината, ќе заокружи и дванаесет месеци, како пензионер. Вели од Драмски театар, каде што го помина работниот век, ја испратиле без поздрав, без ништо. “Ме лишија и од последниот аплауз”, ќе рече, но без горчина, туку со некоја (само)иронија. На нашето инсистирање за коментар за таквото несфатливо однесување од страна на институцијата каде ќе помине речиси, четири децении, одмавнува со раката, кусо коментирајќи: “Баталете. Не вреди…”

Секако дека не е така зашто, станува збор за некој, кој дваесет години после Тодорка Кондовска Зафировска беше првата македонска актерка со завршена академија во државава. (Патем, сакала да студира архитектура, но немајќи средства за студии во Париз, се запишува на ФДУ во Белград.) Се врати во татковината и остана тука, да живее и работи иако, своевремено ја бараа и Југословенско драмско позориште, па дури и еден “Комеди франсе”!

Не само што остана, Стамеска оствари завиден фундус на улоги (театарски, ТВ, филмски), во бројност и значење, за кои ги има освоено сите релевантни македонски награди и во соседните држави. Родена на плоштад Слобода, во семејство каде се почитувала индивидуалноста и слободата, денес живее во Кисела Вода (бегајќи, како што тврди од простиот и нападен народ што се намножи во центарот на Скопје), во еден маалски живот што многу и се допаѓа, со својот син. (Сопругот пред неколку месеци и почина, ќерката е омажена и живее во Италија.)

Деновите и поминуваат раскажува, во читање, пазарување, малку гледање телевизија и понекое снимање за ТВ Сител (најавите за неколку сериски филмови на овој канал.) Разговорот го водевме во нејзината соба, каде што вели, практично и се одвива нејзиниот секојдневен живот.

– Тука ми е се: аптеката, козметиката, книгите, телевизорот, ситните потрепштини… Станот е голем, синот е по цел ден на работа, а немаме парно греење, па бесмислено е да ги користам другите простории освен, кога ќе ми дојдат пријатели. Важно, речиси целиот ми е реновиран (се смее, нов.заб.). Ова сопче ептен, ми е погодено! Се на дофат!

  • Не изгледате како некој кому му е потребно се да му е на дофат. Делувате повитално од многумина што имаат и дваесет години помалку од вас…

– Тоа најмногу го забележуваат таксистите. Со нив ептен ми оди муабетот – стално ми даваат комплименти. Многу ги сакам! Секако, се шегувам. Меѓутоа, ако така мислите баш ви фала зашто јас навистина се чувствувам супер. Има тука и генетика, а има и нешто од скапата козметика.

  • Трошите многу на себе?

– Пари да, но време не. Порано, кога работев одев поприлично и по козметички салони, но сега, купувам само квалитетни препарати за нега… Внимавам што ставам на лице, но мислам дека за изгледот најпресудни се гените. Како и за духот, нели!? Гените и воспитувањето.

  • Како вас ве воспитуваа?

– Како што ги воспитував и јас моите деца – во духот на она библиското: сакај го својот ближен и не му го прави на другиот тоа што не сакаш тебе да ти го прават. И, да знаат да се извинат кога ќе згрешат! Да знае човек да се извини е исто многу важно во животот! И многу љубов треба да се има во себе. Без таа љубов – ништо! Јас имав родители, особено мајка, кои ми беа потпора во животот. Мајка ми ми беше на располагање, во секоја смисла, деноноќно. Целата беше разбирање, поддршка, охрабрување…

Се обидувам да бидам иста со моите деца, да им сум постојано на услуга и тоа е така во животот: треба да имате да научите од некого како се сака, како се дава, како се жртвува! Се надевам, сигурна сум всушност, дека им ја всадив таа сестрана одговорност кон сопствениот пород – сегашен и иден. Родителите постојат за децата, а не обратно. Накусо, не поднесувам себичност од никаков вид, а најмалку, себични родители, кои сметаат дека доволно е што ги родиле децата и израснале, како – така и после мислат само на својот раатлак! Тоа е саможивност и нема оправдување за таквото однесување.

  • Неодамна станавте и баба…

– Уф, тоа е најдоброто чувство на светот! Не верував кога ми кажуваа дека е така!? Овие денови одам за Италија и едвај чекам да го гушнам Матеј! И, изгмечам. Сега, со своите четири месеци, баш е за гмечење. Пресреќна сум што сум баба, што нов живот ни дојде во семејството! Наскоро ќе заминат да живеат во Америка и јас одам по нив – да си го чувам внучето.

  • Зажаливте ли некогаш што останавте овде?

– Додека не заминав во пензија не, но после овој (не)однос од страна на матичната куќа, ми се случува да си речам ех, што не останав во Белград!? Да бидам искрена, презадоволна сум од сработеното. Немаше нешто што не работев!? Трчав на сабајле во радио да снимам, па на проба да стигнам во девет, па друга проба, детска серија, па претстава вечерта, па ноќе снимавме… Се работеше многу и беше возбудливо! Тимски, без срам или резерва да побараш и дадеш помош, совет, забелешка… Работевме и имавме и статус и награда за сработеното.

  • Се смени ли системот на вредности, решетката на селектирањето или…?

– Нешто се сменило. Битно и брзо. Не знам што е тоа, но знам дека јас никогаш не сум била од оние што се умилкуваат, што се лепат до авторитетите во браншата, што лажно се претставуваат, позираат… Повеќе ме барале отколку што сум барала. Не сум се тепала за хонорари, но ме плаќаа. Веројатно, постоеја некои луѓе кои разбираа кој, колку и зошто – вреди.

  • Дали денес е спротивното?

– Некому и во овие околности, сигурно му е добро, но тоа се малкумина. Кога јас бев во најубавите години, на многумина им беше убаво, а не обратно!? Во тоа е разликата. Не само како актерка, јас и како човек сум скромна. Не сум барала премногу, а сум добивала многу, како сатисфакција – морална и материјална. Кога ќе го добиев текстот јас не го читав туку го студирав. Сум барала помош од чувствата, од сеќавањата, искуствата, ако не ја добиев од режисерот. Никогаш не губев трпение, а особено со годините осознав дека баш, ништо не се прави наеднаш и на прва топка.

Денес не се вложува во себе, во смисла на читање најразлична литература, здрава комуникација со луѓето, негување релации… Невоспитаност и простотилак на сите страни: еднаш ве поздравуваат срдечно, а во следната прилика – не ве познаваат!? Ви даваат визитка, телефонски број, маил адреса, што и да е, а после не одговараат на повиците!? Ничие време не се почитува, ничиј труд, работа… Искрено, безобразност, ароганција и баналност насекаде. Не навивам за никого, навивам за себе, како да преживеам, но не удавија со повторување на едно те исто. Страшно здодевно.

  • Што го прави еден актер – вистински актер?

– Тоа што го прави и човек: да се оправдаш себе и пред себе, а после и пред другите, своите желби, мисли и постапки! Само така ќе излезеш пред сите оние кои различно мислат и сите ќе ги лапнеш. Тоа е занаетот! Нема лажење. Гледај ги, сакај ги луѓето. Има многу чудни приказни на лицата. Сочувај ги во некоја фиока, еден ден ќе ти се најдат.

  • Сте сретнале ли скоро некоја нова, Снежана Стамеска, меѓу младите колешки?

– Немам запознаена нова Снежана Стамеска. Тоа не значи дека ја нема, но јас не ја знам… Во принцип, на дваесет години се појавуваат. (се смее нов.заб.) Ама стварно е така! Порано беше Ненад, и ден денес ми се плаче кога ќе се сетам колку рано си замина, а по петнаесет –дваесет години се појавува Никола Ристановски со истиот сенс, настап, комуникација, со истата одговорност… Сакам нешто да кажам како илустрација, а тие што треба да разберат, ќе разберат. Многу го сакав и почитував Миле Поповски и сега ја читам биографската книга за него од Мирјанка Ристеска Селчанец. Миле го игравме непрестано 25 години. Тој да беше во Америка од Солунски патрдии ќе станеше милионер. Ама, во Америка…

  • Добро, што е проблемот со нас?

– Со нас ништо. Проблемот е во оние што вчера пркнаа и мислат дека сето знаење на светот им е во малото прсте! Никој не сака постојано да гледа и слуша глупости. Лажни чувства, лажни претставувања, лажни завршници. Театарот е работа на душа и малку интелект. Како и животот.

  • На Македонската телевизија постојано репризираат ваши материјали. Се чувствувате ли кога ги гледате, како легенда?

– Ич. Ниту се, ниту пак, сакам да се. Меѓутоа, мило ми е што ете, ги репризираат тие ТВ емисии, па ме препознаваат барем, овде во маало. Ќе се најде некоја госпоѓа рано, рано наутро па, ќе ме изгушка зашто ме сака, а не ме ни познава. Годи тоа.

  • Ваши колеги, на ваша возраст наголемо сихронизираат разноразни серии. Зошто вас ве нема во таа подела?

– Јас не сум во клубот.

  • Во кој клуб?

– Во единствениот. Постои клуб и ништо друго надвор од него.

  • Остана ли нешто што многу сакавте, а не го одигравте?

– Постојано повторувам дека тоа е Нина Заречнаја и, така е… Среќна сум сепак, што одиграв еден Чехов…

  • Еднаш, во едно друго интервју ми рековте дека реализиран човек е оној што родил дете, направил куќа и засадил дрво...

– Да, тоа е позната американска поговорка и многу е точна. Тоа значи да си го оствариш својот животен пат.

  • Го остваривте ли вие својот?

– Секако. Имам деца и куќа направив во Леуново и дрва посадив…Во принцип, живеев и живеам како што сакам, го работев она што сакам и гордо се справував со себе си. Имам многу љубов во себе. Кон се она што ме опкружува, кон другите, кон животот. Без страст кон самиот живот, без храброст во живеењето, без солидарност и отворени очи за судбината на другите, нема ништо… Животот ќе го поминете како животец. Во демунитиви…

Бранка Д. Најдовска
Фото: Игор Тодоровски
“Теа модерна”, 2010 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *