Да, драги мои! Сите се проституираме. Во прашање е само географија…
Бев пред извесно време в кино и го гледав „Лолита“. (Не ме воодушеви филмот, но тоа не е воопшто битно за моиве полудневни дрндорења.)
На излегување од салата се сретнувам со една познајничка и на нејзино инсистирање седнуваме да испиеме кафе. Нормално, муабетот започнува со коментирање на филмот…
Познајничката е згрозена! Не од филмот, ами од темата. Од Набоков! Од Џереми Ајронс! Од педофилијата! Од целиот свет.
Мојата прва забелешка дека филмот (односно, книгата) ја третира пред се, опсесијата да се поседува некој едвај, ама ја голтна некако. За втората констатација дека во филмот (т.е. книгата) видов еден средовечен маж, кој е обземен од младоста и непомирлив во помислата дека младоста и припаѓа само на младоста, и требаше локум, ама и неа ја голтна.
Кога пак, реков дека девојчето од филмот се проституира, во замена за друштвото и заштита на нејзиниот очув, познајничката најпрвин пребледе, па се вцрви, па позелене, па просто видов како косата и се поткрева (неверојатно, знам!). Демонстративно ме напушти, со коментарите: „Нечуено! Мислев дека имаш некаков морал! Па ти си била…“
Господичната е ужасната од моето субјективно гледање на нештата, ама не и е одвратно тоа што нејзиниот сопруг, само година – две постари девојчиња од Лолита шета по меаните, а таа тоа и го знае. Го знае и толерира, затоа што „ценетиот“ сопружник важи нешто во општествените кругови. Не е ли проституција, кога сето тоа го прифаќаш само затоа што страшно удобно е е да бидеш сопруга на тој и тој!? Тикви со расол, не е!
Не е ли проституција, кога за да не бидеш сам, трпиш една плејада ликови околу себе, кои се жив давеж и штетници од најразличен калибар? Не е ли проституција, кога исплашен од самотијата би седел и со самиот ѓавол? Кога те лажат, крадат, навредуваат, потценуваат, завидуваат… ама пусто, сам не се живее? Кога, без разлика на твоите критериуми, прифаќаш се само да имаш друштво? Драпај си меот, не е!
Не е ли проституција што, кога луѓето ви требаат им ветувате верност и лојалност за навек? Не е ли проституција што истата таа верност и лојалност ја купувате со честења, подароци. Ласкави зборови… Не е ли проституција кога го прифаќаме истото? Лета магаре? Лета… ама ниско.
Не е ли проституција кога му се додворувате на шефот „разбирајќи“ ги сите негови проблеми, си се слушате попладне по телефон заради „консултации“, само за да се обезбеди удобна, паразитска положба? Не е ли проституција кога „несакајќи“ си ги шпионирате колегите? Ме шармираш или паркираш!
Не е ли проституција, кога се лигавите, пренемагате, измислувате… само затоа да се претставите во што подобро светло? Кога флертувате де со едниот, де со другиот, па кај помине – помине! Кога се смешкате, одобрувате, подметнувате, притоа тотално и намерно заборавајќи на тие околу, над, под и до вас, затоа што треба да извлечете некоја корист? Варени киселици, не е!
Не е ли проституција , кога си ја предавате сопствената земја, народ, припадност, затоа што некои таму не ве фермаат за живи, а вие страшно многу сакате да ве дружат!
Се е проституција! Светот не престанува да биде една огромна јавна куќа. И сите се проституираме. Во прашање е само географија. А за цената? Ќе се пазариме…
Што би рекол другар ми, Бранко На Гена: „Шапката само покажува за што и служи главата на една интелигентна жена!“
Бранка Н. Доневска
„Екран“, 1999 година